Бруно Шимлеша е писател и социолог, автор на книгите „Школо на животот“ и „Љубовлогија“. Тој зборува за дилемите и проблемите со кои најчесто се соочуваат современите родители и современите семејства.

Какво е современото семејство во споредба со традиционалното?

Во традиционалното семејство улогите биле појасно поделени. Се знаело која е улогата на мажот, а која на жената. И очекувањата од емоционалниот однос биле помали, особено жените барале многу помалку од денес. Исто така, било појасно дека семејството се состои од родители и деца и, се разбира, се очекувало родителите да бидат во брак. Генерално, повеќе се внимавало на формата, а помалку на содржината.
Денес сфаќаме дека е сеедно каква форма има семејството бидејќи содржината значително е поважна. Поентата на семејството не е во неговиот надворешен изглед. Клучно е како изгледа семејството однатре – да има доволно разбирање, меѓусебна почит, поддршка…
Од друга страна, барањата и очекувањата се многу поголеми, па затоа има и повеќе расцепкани семејства. Реално, некои од разводите се случуваат прерано, пред да се направи обид за решавање на проблемите, а во некои случаи предоцна, бидејќи години и години поминале во мртов однос. Најмал број луѓе се разведуваат навреме, со свесност дека тоа е најдобриот излез за сите вклучени, кога веќе не можат да функционираат заедно.

Кои се најголемите проблеми што ги мачат родителите?

Генерацискиот јаз е подлабок од кога било. Се разбира дека отсекогаш се разликувале позициите на децата и родителите, но денес тој јаз дополнително го зголемуваат технологијата и социјалните мрежи. Децата развиваат друштвеност, но и мислење за себе, целосно поинакво од мојата генерација и многу родители имаат проблеми со запознавањето на тој нов свет.
А реално, денес веќе не можеме да бидеме добри родители ако не разбираме како нашите деца стекнуваат пријатели, но и мислење за себе – под влијание на социјалните медиуми и критериумите кои ги наметнуваат медиумите. Тоа најмногу се чувствува во врска со девојчињата и девојките врз кои притисокот како треба да изгледаат е најголем од кога било.

Во што денес родителите најмногу грешат при воспитувањето на децата?

Денес владее епидемија на премногу попустливо воспитување. На многу родители им е страв на децата да им кажат „не“ бидејќи тогаш нема да им се допаѓаат на децата или, пак, сметаат дека која било граница „ќе ја уништи убавината на нивниот дух“. Но, на децата им требаат граници. Смислени, разумни, приспособени на нивната возраст и карактер, но дефинитивно – им требаат.

Колку интернетот и социјалните мрежи влијаат врз родителството?

Исклучително многу. Мислам дека никој не може да се смета за ангажиран и посветен родител ако не разбира како функционира неговото дете и на социјалните мрежи. Денешните деца се технолошки писмени пред да станат емоционално писмени, па доживуваат многу удари, а поим немаат како да се справат со нив. И затоа им е потребна нашата помош. Не за да ги заштитиме од животните удари бидејќи тоа и онака е неможно, туку да ги подготвиме како да се носат со нив. Треба да се подготват за тоа во овој реален свет, па полесно ќе се справуваат со предизвиците на виртуелниот свет.

Што мислите за императивот на совршена мајка, колку тој ги оптоварува современите жени?

Без оглед на општествениот напредок, во нашиот регион и натаму се очекува жените да ја преземат главната улога при воспитувањето. Тоа можеби имало смисла за генерацијата на нашите баби, кога многу од нив не биле вработени, но денес, кога најчесто работат и двата родители, апсолутно нема никаква смисла жените дома да работат и втора смена. Нема никаква смисла вработените жени да водат примарна грижа за воспитувањето и одржувањето на домаќинството.
Покрај тоа, многу поголем е притисокот жените да бидат и одлични мајки, прекрасни партнерки, пријателки, вработени… И знам дека некои нема да се согласат, но поголемиот дел од притисокот си го создаваат самите. Мажите најчесто не очекуваат жените да бидат супержени. Но тие самите го очекуваат тоа, како и дел од нивната околина. Тие често имаат многу повисоки критериуми за себе и за себеприфаќањето отколку што мажите им ги наметнуваат. И време е да престанат да си наметнуваат вина само затоа што не се супержени. За чудо, и ние не сме супермажи! И не мора да бидеме за да живееме смислено и исполнето!

 

 

View this post on Instagram

 

“Tiho, tata se mora odmoriti”, rečenica je kojom su plašene generacije jer eto, posao uvijek nekako izmori tate više nego mame!? I onda hodaš po vrhovima prstiju, ne puštaš vodu kad odeš na wc, šapćeš umjesto da normalno govoriš… sve da se tata ne probudi. A mame rijetko imaju pravo na taj odmor. Jer se misli da one nisu umorne kada dođu s posla, kao da si ni ne mogu dozvoliti da budu umorne. A doma ih obično čeka druga šihta s obzirom na to poslova oko djece i odgoja i dalje većinom obavljaju one. E pa dosta! Ako oba roditelja rade, nema smisla da žene i majke doma odrađuju drugu šihtu! Neplaćenu i prečesto nedovoljno cijenjenu. Jednostavno nema smisla da obiteljske obaveze i dalje budu raspoređene kao u vrijeme kada žene nisu radile izvan kuće. Dobra je stvar da mlađe generacije ipak napreduju, ali još imamo jaaako mnogo posla. #ikeahrvatska #ravnopravnostjeboljazasve #genderequality

A post shared by Bruno Simlesa (@bruno_simlesa) on

Влијанието на децата врз бракот – на што сопружниците треба да обрнат внимание и како тоа се менува низ различните периоди од нивното растење?

Се разбира дека многу нешта се менуваат кога ќе станеме родители. Децата не само што ги окупираат нашите срца, туку и огромна количина внимание, нервите се тенчат, често физички и психички сме поисцрпени, а ако родителите дополнително и не се согласуваат околу воспитувањето или ако детето не реагира на нив, навистина е голем предизвик.

Дополнително, во новата книга „Вистини и лаги за љубовта“ споменувам уште еден феномен за кој ретко се зборува. Имено, кога ќе станеме родители, партнерот ќе нѐ проценува и според тоа какви татковци, односно мајки сме.
Ако партнерката не те почитува како татко, ќе изгуби интерес за тебе како маж. Ако мажите не ја ценат партнерката во улога на мајка, ќе изгубат интерес за неа како жена. Значи, откако ќе станеме родители, своите партнери мора да ги освоиме и во тие нови улоги за и понатаму да ги интересираме како партнери. Многумина го забораваат тоа, а исклучително е важно бидејќи и тоа како влијае врз партнерската динамика!

Како да се најде вистинската мера меѓу покажувањето љубов на детето и поставувањето граници?

На децата им требаат граници и – точка! Дури и повеќе – нашата љубов може да биде бескрајна дури кога ќе им поставиме граници. Иако првично на децата нема да им се допадне тоа и, се разбира, краткорочно ќе ни забележат на тоа – сеедно, тоа е нашата улога. Љубовта не се покажува така што сѐ ќе им дозволуваме, туку така што ќе им обезбедиме најдобри услови за растење и развој, а ако секогаш е по нивно, сигурно ќе имаат проблеми понатаму во животот.
Иако мислам дека границите мора да бидат чисти и јасни, никако не сум за тоа децата физички да ги казнуваме ако ги преминат истите. Секогаш постои алтернатива – посмислена, похумана, поефикасна.

Зошто модерните родители сакаат да бидат „другари“ со своите деца?

Затоа што не ја разбираат својата улога. Се разбира дека треба пријателски да се однесуваме кон децата, се разбира дека не треба да бидеме нивни непријатели, но секако не треба да сме нивни „другарчиња“. Верувам дека можеме да учиме едни од други, но родителите се тие што ги одредуваат границите и ритамот на односот. Се разбира, тоа не значи своите комплекси да ги лекуваме врз нив бидејќи тие не се наша играчка, но дефинитивно е природно да сме подоминантните.

Комуникација со тинејџерите – како да се задржи добриот однос?

Веднаш да напоменам – децата не се менуваат преку ноќ кога ќе станат тинејџери. Но тогаш на наплата ни доаѓа сѐ што сме правеле во првите 12 години. Се разбира дека е во ред да ги преиспитуваат авторитетите, па и нас, се разбира дека е во ред да го пронајдат своето место под сонцето, па мора малку да нѐ поттргнат настрана бидејќи им држиме голема сенка, во ред е врсниците да им значат многу повеќе од претходно, да им се разбудат хормоните, па и да бидат малку и непресметливи, но ако во првите 12 години сме развивале однос полн со меѓусебно разбирање, тој период нема да биде пеколен.
Паметни телефони и како да им се одолее, како секојдневен предизвик. Дали имате некаков рецепт за држење на оваа навика под контрола, особено кога станува збор за децата?
Нашето дете последно во одделението доби паметен телефон, дури сега, во четврто одделение. Сакавме да направиме сѐ што можеме да ја подготвиме да се носи со огромната количина комуникации и информации, а и фактот дека мислењето на околината станува сѐ поважно. Токму поради влијанието на социјалните мрежи, постои голема опасност чувството на сопствена вредност да биде екстернализирано и деперсонализирано, создадено од целосно непознати и за нашиот живот неважни луѓе. Сакавме малку да зајакне за побезбедно да ја пуштиме во таа виртуелна џунгла и можеме да кажеме дека добро се снаоѓа, а и ги почитува нашите правила околу користењето на сите онлајн-уреди. Реално, ако добро ја направиме работата офлајн, полесно ќе ги неутрализираме сите онлајн-закани во овој свет.

Родителството и личните амбиции – како да не паднеме во искушение да се реализираме преку нашите деца?

Така што ќе ги оствариме своите амбиции! Многу е едноставно – ако ние се посветиме на живеењето на нашите соништа, не ќе мора преку децата да остваруваме некои свои амбиции. Јас сакам мојата ќерка да биде што посамосвесна, посамостојна и да се развива во согласност со своите потреби, а не со моите. Јас ќе се погрижам и за себе и за неа, колку што можам, така што таа не ќе мора да се грижи за моите неисполнети соништа!

Како треба да се поставиме кога се работи за школските обврски и оценки на детето? Имаме две крајности, таканаречено „тигар родителство“ со голем притисок врз детето, а, од друга страна, совети воопшто да не се мешаме. Како да се најде вистинската мера?

Верувам дека таа граница е различна за различни деца. Во врска со тоа, многу сум опуштен бидејќи не сметам дека животот ѝ зависи од оценките, а ако треба да научи дека делата имаат последици, подобро е сега да го научи тоа. Така што на крајот ќе знае дека учењето или неучењето има цена. Генерално сметам дека родителите креваат преголема врева околу оценките затоа што лично ја доживуваат ниската оценка. Двојката не ја доби детето, тие ја добиле двојката. Тоа им ја намалува вредноста во нивните очи, а се разбира, ако детето на соседот е поуспешно, тогаш нашето его уште подраматично го доживува тоа.
Искрено, немам проблем ако мојата ќерка добие тројка по математика, но би имал проблем ако добие тројка по сочувство, неприфаќање на различните… Верувам дека тие работи се многу поважни од оценките.
А во идниот свет оценките ќе бидат сѐ помалку важни. Интелигенцијата, и емоционалната и класичната, приспособливоста, брзината на учење и напредување, креативноста… тоа ќе бидат клучните фактори за успех во животот и јас и мојата сопруга доста работиме на тоа бидејќи нашето школство очигледно не смета дека би требало да се поттикнуваат таквите квалитети.

Автор: Јована Папан



912

X