Приватните часови станаа речиси задолжителен дел од школувањето. И додека порано се користеа за подготовка за прием на факултети и средни училишта, денес тоа е сѐ почеста практика за учениците од нижите одделенија од основните училишта, па дури и пред почетокот на првото одделение. Воспитувачите и училишните психолози предупредуваат дека ваквата практика, кога се во прашање првачињата – и покрај првичната предност што може да ја имаат децата со претходно знаење, сепак може да биде проблематична.

Почнувањето на училиште е пресвртница и за децата и за родителите кои често чувствуваат поголема паника од самите ученици. За да им го олеснат овој голем чекор на своите деца, некои родители одлучуваат да платат за приватни часови, уште пред децата да тргнат на училиште, за да можат да научат да читаат, пишуваат и бројат.

Експертите од областа на образованието на децата посочуваат дека тоа е непотребно, па дури и контрапродуктивно, а наместо тоа, децата треба да тргнат во прво одделение со научени други вештини, кои на новите генерации сѐ повеќе им недостигаат.

„Има деца кои уште на порана возраст покажуваат желба и интерес да научат нешто и тоа треба да се поддржи, но детето не треба да се принудува. Искуството покажува дека децата што имаат некое претходно знаење побрзо го совладуваат материјалот и полесно се пронаоѓаат. Децата што немаат одредено претходно знаење, но го стекнуваат на часовите, се малку побавни, но наставниците ги усогласуваат барањата на двете групи деца и тие ги стигнуваат до крајот на првото тримесечје или до крајот на полугодието“, вели Весна Јеротијевиќ од Сојузот на просветители на Србија.

И училишниот психолог Бранка Тишма смета дека нема потреба од приватни часови за првачињата. Според неа, се добива впечаток дека децата што дошле на училиште со претходно знаење имаат мала предност на почетокот, но предноста потоа се губи, бидејќи нивната мотивација е различна и малку им е здодевно затоа што знаат што треба да научат.

Таа истакнува дека учењето што го дава наставникот има потрајни ефекти.

„Важна работа, која никој освен наставниците не ја прави добро – е тоа што децата, учејќи да пишуваат букви, всушност користат дел од нивните способности за симболично размислување, кое е во развој во моментот кога нашите деца почнуваат на училиште. Наставникот секогаш ги учи децата дека буквата А е симбол за звукот А. Тоа е важен процес кој оди рака под рака со писменоста и е нешто што само наставниците го прават правилно“, објаснува Тишма.

Дека не е потребно да се оди на приватни часови е и мислењето на наставникот и автор на „Букварот“ во Србија, Предраг Старчевиќ. Наставникот Пеѓа, кој ја доби наградата за најдобар воспитувач во Србија во 2020 година, нагласува дека понекогаш е многу потешко да се поправат грешките отколку да се научат децата на нешто што не го знаат.

„Ако децата сакаат да добијат приватни часови, не треба да ги одвлекуваме од тоа, но она што го забележав како феномен кој не можам да го објаснам е дека кога ќе добиеме деца кои знаат да читаат и пишуваат, веќе во третото, четвртото одделение се случува да не ја знаат реченицата. Оние деца што учат да читаат и пишуваат систематски со наставникот, добро напредуваат во однос на граматиката. На наставниците им е многу полесно да го научат детето да пишува отколку да ги поправаат грешките“, објаснува тој.

На децата им недостига независност, концентрација, моторика…

Експертите се согласуваат дека првачињата треба да се учат на други вештини наместо читање, пишување и аритметика, пред да седнат во училишните клупи. На новите генерации, како што велат, сѐ повеќе им недостига независност, концентрација, моторика.

Старчевиќ забележува и дека е многу важно наставниците да развијат мануелни вештини кај децата.

„Она што е важно пред да тргнат на училиште е децата да играат што е можно повеќе и да уживаат во своето детство. Детето треба да се научи да држи молив, боица, да знае да врзува врвки и да има умешност со рацете. Сега добиваме деца чии раце се несмасни, имаат несигурност при пишувањето, но ние наставниците се грижиме за тоа во првиот месец и моторните вештини на раката се развиваат за тоа време“, вели тој.

Стекнувањето независност, според Јеротијевиќ, е клучно и за самодовербата на децата.

„Децата се многу среќни кога можат да направат нешто сами. Се чувствуваат зрели, возрасни, способни“, нагласува таа.

Забележува дека кај децата што тргнуваат во прво одделение се забележливи три главни проблеми – слушање, седење и внимание.

„Не се во можност да ги следат лекциите бидејќи имаат расфрлано внимание. Тие не само што го слушаат предавањето и упатствата на наставникот, туку се слушаат и еден со друг. Тие вештини веќе треба да се формираат кога ќе тргнат во прво одделение – седам, слушам, следам. Тоа е она што им недостига и оттука произлегуваат сите пропусти. Главниот неуспех произлегува од фактот што детето не е фокусирано да следи, да слуша, да седи и да прави одредена активност самото, бидејќи таквото дете не следело што му е зададено за домашна задача, не ја завршило задачата, па мора тоа повторно да го стори дома“, вели Јеротијевиќ.

А за училишниот психолог Бранка Тишма, наместо пишување и пресметување, подобро е децата да се научат на независност.

„Сега децата се прилично зависни, па затоа и несигурни. Добрата подготовка за училиште е негувањето на независноста во самото семејство, при грижата за себе, вклучувањето во семејни активности, некои ситни обврски, задачи, за децата да стекнат независност и одговорност за она што го работат. Во практика, колку се понезависни децата кога ќе тргнат на училиште, толку подобро се снаоѓаат и колку се подобри долгорочните ефекти од учењето на училиште, толку тие се потрајни и покорисни“, нагласува психологот.

Амбициите на родителите се поголем проблем од преобемниот материјал на училиште

Често се слушаат поплаки дека училишниот материјал е преобемен и дека децата се оптоварени. Дека е неопходна реформа на програмската содржина смета и Синдикатот на просветните работници на Србија, кој со децении се залага за тоа. Но, Весна Јеротијевиќ од овој синдикат нагласува дека колку и да се реформираат програмските содржини, невозможно е брзината на совладување на материјалот да се приспсоби на секое дете.

Суетата и амбициозноста на родителите често претставуваат поголем проблем.

„Родителите треба да ги расчистат своите амбиции кога нивното дете ќе тргне на училиште. Затоа што често ги проектираме нашите амбиции врз децата. Секое дете е индивидуа за себе и треба да го извлечеме максимумот од него. Секој има одреден потенцијал во нешто. Всушност, запоставените деца подобро се снаоѓаат во животот затоа што морале да бидат сами, а премногу заштитените деца – никогаш, дури и кога ќе пораснат, затоа што никогаш не морале да бидат сами“, подвлекува Јеротијевиќ.

На овој проблем предупредува и наставникот Пеѓа Старчевиќ, кој ги советува родителите да не бидат премногу амбициозни.

„Главната задача на училиштето е детето да го сака училиштето, среќно да доаѓа во него и среќно да си оди дома. Кога ќе дојдеме до тоа, многу е полесно и за детето и за родителите“, нагласува тој.

Автор: И. Влајовиќ

Извор



912

X