Секој ученик има можност да напредува според своето индивидуално темпо, што овој учебник го прави современ и отворен. Доколку се најдат државни механизми за поддршка, отпорот кон дигитално образование ќе биде сѐ помал, а сѐ повеќе ќе се зборува за придобивките од него, вели проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска

Првиот дигитален учебник по математика за четврто одделение ќе им даде можност на младите математичари „да излезат“ од училницата, на пазар, на градилиште, во ресторан, на патување, да креираат или симулираат реални проблеми во чие решавање ќе применуваат математички постапки кои се предмет на совладување низ содржините за учење.

Вака проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска, редовен професор по математика и методика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како еден од авторите на првиот дигитален учебник по математика за четврто одделение, го објаснува процесот на создавање и примена на овој учебник. Веќе два месеца учениците од четврто одделение учат од дигитални учебници преку своите компјутери, мобилни, таблети, согласно новата Концепција за образование.
Професорката вели дека изработката на содржините за предметот математика за четврто одделение, согласно новата наставна програма, претставувала предизвик за авторскиот тим да внесе иновација во приодите за учење математика.

– Приодот што го има низ целиот учебник е истражувачко-откривачки, текстот е динамичен, ја одржува љубопитноста на ученикот и креира стимулативна средина за учење, преку избор на содржини и активности кои ќе придонесат во постигнувањето на исходите од учењето. Учениците можат лесно да се движат низ содржините, кои имаат динамички и дигитални компоненти збогатени со задачи со различни тежински нивоа, а секој ученик има можност да напредува според своето индивидуално темпо, што овој учебник го прави современ и отворен.
Особено внимание е посветено во делот на истражувачките и проектните активности поврзани со секојдневните животни ситуации – дизајнираме, моделираме, проектираме, кои досега многу малку или воопшто не беа застапени во учебниците по математика – објаснува таа.

Смета дека примената на дигиталниот учебник по математика во голема мера зависи и од техничките услови што ги има средината/училиштето како услови за поддршка.

– Моја препорака е креаторите и реализаторите на образовните политики многу ревносно да се посветат на обезбедувањето услови за трансформација кон „дигитално образование“ кое, сакале или не, е неминовност – посочува Атанасова-Пачемска.

Оваа реформа предизвика остри реакции кај родителите, во најголем дел негативни. Каква е вашата перцепција, дали дигиталниот учебник е добра форма за нашиот образовен систем?

– Родителите генерално реагираат на неможноста нивните деца да ги користат дигиталните учебници на начин на кој е предвидено. Досега, освен посочување на понекоја очигледна техничка грешка, јас не слушнав негативни коментари за содржините и приодите во учењето математика предложени во овој учебник. Тој е големо освежување во просторот за изработка на материјали за поддршка на учењето, ги подигнува стандардите на повисоко ниво и доколку се следат понатаму низ другите одделенија, очекувано е подигнување на нивото на математички знаења и вештини, а тоа најдобро ќе се види на претстојните национални и меѓународни тестирања по математика.

Дали родителите и децата се подготвени за дигитално образование?

– Изминатиот период разговаравме со многу ученици и родители. Мислењата се поделени. Учениците се радуваат на можноста своите електронски уреди (доколку ги имаат) да ги користат во едукативни цели. Кај родителите, отпорот кон промените е поголем. Од една страна, свесни се дека оваа дигитална трансформација мора да се случи час побргу, а од друга страна, имаат ограничување во можноста на своите деца да им ја дадат целосната поддршка зашто бара големи финансиски средства. Доколку се најдат државни механизми за поддршка, отпорот кон дигитално образование ќе биде сѐ помал, а сѐ повеќе ќе се зборува за придобивките од него. Потребна е теренска работа со родителите да им се објаснат предностите од нужните промени во образовниот процес во контекст на дигитализацијата. Родителите се дел од тој процес и треба да се третираат како партнери, а не како клиенти.

Како наставниците го прифатија овој учебник? Дали се снаоѓаат?

– Кај наставниците на почетокот се чувствуваше страв од непознатото. Имаме различни категории наставници, помалку или повеќе дигитално описменети. Но, како што минува времето, ги чувствуваат придобивките од новите приоди во учење и практикување математика. Генерално, на наставниците им е потребна континуирана поддршка во обуки и стручни семинари за збогатување, но и за освежување на знаењата и вештините за да можат да се справат со барањата во новите приоди за учење и практикување математика. Како автори, спремни сме да партиципираме во тој процес на поддршка на наставниците во секој аспект.

Колку овој дигитален учебник се разликува од досегашните учебници по математика за четврто одделение?

– Наставниците и учениците добија современ материјал за учење кој ќе го користат во текот на секојдневната работа во училницата. Очекуваме дека ќе побуди интерес и за креирање нови иновативни материјали, размена на искуства со своите колеги, како и можност за реализација на заеднички активности во различна мултиетничка и мултикултурна средина. Изборот на содржини во учебникот нуди и голема застапеност на проблемски задачи насочени кон подобрување и зајакнување на математичките вештини во функционалната писменост токму во деловите каде што учениците покажале послаби резултати на меѓународните тестирања по математика, да умеат да го разберат текстот од задачата и да го „преведат“ на математички јазик, потоа да дојдат до решение и тоа решение да умеат да го објаснат или толкуваат со пишан текст во реален контекст. Постигнувањето на оваа компетенција се прави и со користење дигитални алатки за визуализација, кои се составен дел на новиот дигитален учебник по математика.

Дали овој учебник е само дигитална форма на класичниот учебник или има некаква мултимедијална функција?

– Дигитализацијата на новиот учебник по математика не е целосно завршена. Тоа е процес кој ќе се реализира континуирано во периодот што следува до крајот на учебната година. Тема по тема, и се надеваме дека во блиска иднина ќе се добие дигитален продукт кој ќе ги задоволи стандардите за изработка на еден ваков дигитален учебник. Овој учебник од авторите е осмислен и изработен на начин што треба да овозможи дигитална трансформација во секоја фаза од неговото користење (преку звук, слика, анимација, видео, како и решавање задачи директно во него со следење инструкции). Реализацијата на овие дигитални алатки за поддршка на учењето ја прават други тимови и се надеваме дека ќе успеат на високо ниво да си ја завршат својата обврска, па наскоро да го видиме целосно „дигитализиран“.

Чии искуства применувавте во изработка на учебникот?

– Во процесот на осмислување и изработка на дигиталниот учебник биле користени искуства од земји во кои дигитализацијата на наставните материјали веќе од поодамна е започната (САД, Велика Британија, многу европски земји, Сингапур, Индија…). Нормално, ова се само позитивни искуства, нашиот учебник е автентичен, национален, работен по нашата наставна програма и приспособен преку него да се постигнат националните стандарди, компатибилни со светските преку градење соодветните компетенции



912

X