Цело училиште ги знае, на улиците ги набљудуваат со симпатични погледи, новопечените мајки и татковци ги гледаат нивните родители со олеснување додека низ глава им поминува утешната мисла: Како им е ним?

Кога ќе пораснат, ги нервира ако роднините веднаш не им го погодат името, а легендата вели дека на училиште полесно поминуваат бидејќи некои толку многу си личат, што оној што учел може да одговара наместо оној што дошол на час неподготвен.

Еден збор за две личности – близнаци. За нив се врзуваат многубројни стереотипи: не се самостојни, сакаат исти работи, партнерите ги наоѓаат во друг пар близнаци, иако се илјадници километри оддалечени, тие чувствуваат дека на другиот нешто му фали…

– Науката вели дека на свет почесто доаѓаат близнаци со ист пол, додека третина од оваа популација е составена од брат и сестра. Веројатноста да се родат еднојајчени близнаци е 4 на 1.000 бремености, додека зачестеноста на двојајчените зависи од расата и се движи од 4 до 16 на 1.000 бремености. Најмногу двојајчени близнаци има меѓу африканските нации – вели Снежана Смедеревац, координатор во Центарот за бихевиорална генетика при Филозофскиот факултет во Србија.

– Еднојајчените близнаци делат 100 отсто од истите гени, додека двојајчените 50 отсто. И двете групи близнаци поминуваат низ исти фази на развој во исто опкружување, а нивната споредба им овозможува на научниците да одговорат на прашањето колкав удел имаат гените, а колкав средината, во развојот на различни важни карактеристики и однесување – додава таа.

Истражувањето „Наследни фактори од средината и психолошки фактори на менталното здравје“ одговара на прашањата колкав удел имаат гените, а колкав средината. Или, кој е одговорен за агресијата – она што човек ќе го наследи или опкружувањето?

Така, ова истражување покажало дека за успехот во училиштето се заслужни и гените и влијанието од опкружувањето, во зависност од тоа дали станува збор за основно или за средно образование. Постигнувањето од прво до осмо одделение е под поголемо влијание на гените и развиените когнитивни способности, додека успехот во средно училиште повеќе зависи од средината. Истражувањето врз близнаците открива и кој е заслужен за агресијата.

– Агресивноста е важна карактеристика која во текот на еволуцијата им помагала на луѓето да опстанат. Таа секогаш се јавува како реакција на загрозеност. Но, кога личноста ќе научи дека само со агресија може да ги постигне своите цели, оваа особина почнува да ги загрозува другите. Агресивноста претставува сериозен социјален проблем, што е исклучиво последица на неодговорен став на општеството во целина кон воспитување на младите. Колку и да постои толеранција кон агресивното однесување на ниво на семејство, училиште, медиуми и култура, младите ќе имаат пример што ќе служи како модел за сопственото однесување. На тој начин особината што треба да ни помогне полесно да се снајдеме во кризни ситуации, станува вообичаен вид на реагирање, пред кој другите остануваат немоќни – вели Смедеревац.

Какви се близнаците во секојдневниот живот?

За мајката на осумгодишни близначки, Тамара Драгиќ, тоа се деца како и сите други, со тоа што имале среќа на свет да дојдат со брат или сестра и од тој момент имаат најдобар пријател, поддршка, забава.

– Од првиот ден имаат некој со кого поминуваат низ сите фази на растење и вешто ги користат предностите на тоа дуо. Колку што имаат предности, бидејќи низ некои потешки периоди не поминуваат сами, на пример, одењето в градинка или на училиште, толку се соочуваат и со отежнувачки околности. Имено, на тој начин не можат да развијат самостојност како другите деца. Затоа некои родители се одлучуваат да ги запишат близнаците во различни одделенија – вели Тамара Драгиќ, еден од основачите на Здружението за близнаци и тројки во Србија.

Според нејзиното искуство, близнаците се многу различни, по сензибилитет, темперамент и интереси, и идејата за нив како клонови е само стереотип од филмовите.

– Тоа е нешто со кое близнаците се борат во текот на нивното растење. Тие ја нагласуваат својата индивидуалност и се трудат другите да ги разликуваат, освен во случаите кога тоа ќе биде во нивна корист. Секако, најмногу интерес привлекува нивната поврзаност, која е многу посилна кај еднојајчените близнаци – вели Тамара.

А кога станува збор за грижата за бебиња близнаци, тоа што се родени истовремено не е гарант дека синхронизирано ќе спијат и истовремено ќе огладнат. Оние со искуство велат дека грижата за две бебиња е повеќе од двојна работа, но и љубовта е двојна.



912

X