Хјуз Џоши советува како и на која возраст родителите можат подобро да ги подготват своите деца
Родителите треба да им помагаат на своите деца да ги совладуваат вештините на соодветна возраст. Според авторката Хјуз Џоши, децата на 6 или 7-годишна возраст треба да знаат да кажат колку е часот.
– Учењето вештини бара време, а децата повеќе би сакале да седат на интернет или имаат премногу домашни задачи – вели таа.
Чистење – 3 години
Кој сака да живее во нечистотија? Вашиот тинејџер можеби е среќен и така, но тоа не е хигиенски и не е пријатно. Треба да почнете да ги учите од мали. Уште на три или четири години речете им да си ги средат играчките и креветот. Како што ќе растат, научете ги како да ги чистат бањата и кујната или да чистат со правосмукалка или да бришат прашина. Убедувањето на децата дека чистењето е забавно може да биде тешко, но можете да создадете атмосфера со музика.
Штедење – 6 години
Научете ги како да менаџираат со џепарлакот веднаш штом ќе се запознаат со математиката. Ако сакаат нова играчка, натерајте ги да штедат од џепарлакот.
До шест години тие би требало да знаат колку време ќе им треба за да заштедат за лего-коцки.
Пишување – 7 години
Во зависност од вештините за писменост на вашето дете, треба да се трудите да ги терате да пишуваат од седум години. Осигурете се дека вашите деца знаат како да пишуваат и печатно и ракописно, во денешно време тоа може и да ги издели од толпата.
Кажување колку е часот – 7 години
Некогаш вашето дете ќе треба да го исклучи паметниот телефон и да се потпре на традиционалниот часовник.
Во испитните простории не е дозволена техника, па и дигиталниот часовник може да биде исклучен. Користете обични часовници дома, со бројки и јасни ознаки и кога вашето дете ќе има седум години, прашувајте го колку е часот додека целосно не ја совлада оваа вештина.
Врзување врвци – 8 години
Во ова време на лепенки, децата многу подоцна учат да врзуваат врвци, но тоа мора да се научи без разлика колку ќе ви го искушаат трпението. Веќе кога ќе имаат седум или осум години, тие треба да го знаат тоа. На интернет има многу туторијали за ова ако имате мака да го научите своето дете како да си ги врзува врвците.
Читање мапа – 9 години
Да, имаме мапи на телефоните, но што ако се изгубите или снемате батерија или мрежа? Читањето на старомодниот начин се учи брзо. Децата тоа треба да го научат до осум или 9-годишна возраст и фамилијарна прошетка е еден начин за да се научи тоа. Нека биде тоа авантура во која ќе ги натерате децата да ве водат со мапа. Плус, ова е одлична вежба и начин како децата да се оттргнат од гаџетите.
Готвење – 11 години
Тоа што ќе му покажете на вашето дете да зготви пет до десет основни оброци е одличен начин за да го научите да живее здраво. Веќе до средината на тинејџерските години треба да знае да направи тестенини со домашен сос. Започнете кога сѐ уште ќе биде „мал помошник на мама и тато“ и како што ќе расте, заедно работете на рецепти.
Шиење – 11 години
Вашето дете може да оди и да си купи некое ново парче облека, но што ако тоа е некое незаменливо омилено парче облека. Исто така, подобро е за околината и за паричникот да се продолжи животниот век на облеката.
Бидете внимателни, децата на 11 години и оние постарите можат да користат игла и конец, но на почетокот ќе треба да ги надгледувате.
Перење – 15 години
Колку повеќе прават децата, толку помалку ќе морате да правите вие. Почнете да ги учите уште од мали. Тоа можете да го направите со игри, како одделување на шарените од црните алишта и полнење на машината за перење. Веќе во почетните години на тинејџерството треба да бидат способни да ја пуштат, но не верувајте им кога станува збор за деликатните парчиња облека.
Менување светилка – 15 години
Со оглед на безбедносните прашања, менувањето светилка или поврзувањето приклучок е најдобро да се остави за средината од тинејџерството, но дури и тогаш треба да биде надгледувано.
912