Воспитување

На која возраст децата се навистина подготвени за задачи и обврски

Повеќе од 10.000 шестгодишни деца имаат своја дебитна картичка, тврди интернет-банката „Револут“. Осум проценти имаат и мобилен телефон, според групата за истражување на пазарот „Childwise“. Но, прашањето е дали оваа одговорност е преголема, дали децата се премлади за тоа и кој е паметниот начин да ги подготвите вашите деца за обврските што доаѓаат со возраста.

Сју Аткинс, експерт за родителство, а воедно и мајка на две деца, вели дека давањето можност на децата сами да ги завршуваат работите е клучно за нивниот развој, но само во вистинско време и во вистинскиот момент. „Тоа им ја гради самодовербата и ги учи дека светот не е страшно место. Важно е постепено да се воведува независноста и таа да се заснова на зрелоста, а не само на возраста. Но, многу од ова се однесува и на тоа родителите да ги оставаат децата да извршуваат обврски и да не ги разгалуваат. Верувајте им на децата и искористете го тоа како можност за разговор и поучување“, објаснува Сју.

Еве кога е време за децата да извршуваат одредени задолженија и задачи, според Аткинс:

Домашни обврски – возраст од 2 години

Семејството е тим и вклучувањето на децата во активностите за грижата за домот ќе им помогне за во подоцнежните години. Треба да ги научите да ги оставаат играчките на место од нивната двегодишна возраст, како и да им покажете како да ги носат валканите алишта во корпа. Кога ќе наполнат четири или пет години, можат да го наместат креветот и да помогнат во миењето на автомобилот. На околу седумгодишна возраст можат да ја постават масата, да ги стават на место работите што се купени, па дури и да користат правосмукалка со надзор.

„Кога ќе стигнат до десет години, треба да им се даде можност периодично да ги чистат бањата и кујната. Претворете ги задачите во игра доколку е потребно, но подобро е да избегнувате плаќање на децата за извршување на домашните работи бидејќи тие треба да научат дека помагањето на родителите е нормална работа“, истакнува експертот.

Подготовка на појадок – 5 години

На петгодишна возраст децата можат безбедно да истурат млеко во чинија со житарки. До седум или осум може да направат тост. Но, на почетокот надгледувајте ги и објаснете им ги опасностите. Да им дозволите целосно да си го направат својот појадок, може да потрае малку подолго, но мора да го прифатите тоа. Родителите честопати брзаат наутро и на крајот им помагаат на најмалите да намачкаат путер на тостот и да ги облечат чевлите, но тоа ги обесхрабрува децата.

Џепарлак – 6 години

Децата навистина не ја разбираат вредноста на парите додека не наполнат шест години. Но, кога одат на училиште, можете да им давате малку пари секоја недела и да ги поттикнете да штедат.

„Од оваа возраст може да се даваат картички, но ви препорачувам да почнете со касички за штедење. Од 14-годишна возраст можете да воведете џепарлак за нивните ручеци, автобуски билети и основни потреби како чорапи. Но, бидете јасни дека тие самите треба да управуваат со својот буџет, во замена за пружената слобода и да внимаваат на парите“, советува таа.

Одење во продавница – 9 до 11 години

Во минатото децата ги праќаа да купат цигари и млеко од блиската продавница, но општеството сега е повнимателно. Во Јапонија на децата им е дозволено самостојно да одат на училиште, како и да користат јавен превоз и да одат во продавници од шестгодишна возраст. Заедницата се грижи за нив, наместо да ги осудува родителите. Станува збор за процена на ризикот и нивната зрелост. Ако вашите деца одат во продавници, проверете дали разбираат како функционира касата и дали имаат доволно пари со себе.

Не дозволувајте процената на другите да ве спречи да верувате во сопственото родителство. „Ако тие не прават ништо опасно или непромислено, сепак не занемарувате ја вашата должност за грижа за децата“, истакнува Сју.

Одење до училиште – 9 до 11 години

„Кога ќе му дозволите на вашето дете да оди само на училиште, зависи од неговиот здрав разум и од патот. Но, ако е можно, ви предлагам да се обидете тоа да биде пред средно училиште“, вели Сју.

Планирањето е клучно и треба однапред да се подготвите. Поставете си важни безбедносни прашања. Колку има метеж на патиштата, дали децата ќе носат слушалки. „Прошетајте ја маршрутата заедно со детето однапред и посочете ги потенцијалните опасности и инвестирајте во светло палто и елек со висока видливост за вашето дете. Никогаш не присилувајте го нервозното дете да оди само, ако не сака“, предупредува експертот.

Подготовка на топол пијалак – 10 години

Можете да му помогнете на вашето дете да направи чај од седумгодишна возраст, но никогаш не треба да биде без надзор поради ризикот од изгореници. До десет години тие треба да имаат самодоверба да го направат тоа сами, под услов да сте ги научиле за ризиците. Се работи за постепена надградба додека дојде до тоа.

Сопствен телефон – 11-12 години

Почекајте со купувањето мобилен телефон додека детето не стане што е можно постаро, но не пред средно училиште, освен ако нема добра причина за тоа. За помладите деца, телефонот е од суштинско значење, како еден вид електронска дадилка – но очигледно носи потенцијални ризици. Како што растат децата, тоа ви помага да останете во контакт со нив. Но, треба да имате ефективни стратегии за да ја следите неговата употреба.

Децата не треба да користат социјални мрежи на оваа возраст и телефоните треба да се чуваат надвор од спалните соби. Воведете семејна култура каде што сите екрани се исклучени еден час пред да одите в кревет и екраните се оставаат на заедничко место – ова важи и за родителите.

Останување дома сами – на возраст од 12-13 години

Разговарајте со нив за тоа колку долго ќе бидете надвор, што да прават во случај на итност и разгледајте ги правилата што тие треба да ги следат. Оставањето на децата сами преку ноќ доаѓа подоцна.

Грижа за браќа и сестри – од 14 години

Оваа одлука навистина се сведува на нивното ниво на зрелост и здрав разум. Но, возраста на помалото дете е исто така клучен фактор.

„Не би оставила за тригодишно дете да се грижи 14-годишник, бидејќи помладиот може да испие нешто отровно додека тинејџерот е на неговиот компјутер“, вели Сју. Но, друга е приказната ако помалото дете има десет години.

Автор: Алекс Лојд

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top