Најмалото предвреме родено бебе на ГАК, сега момче од речиси четири години, е Бетим, кој се роди во 23. гестациска недела во 2018 година и по точно 113 дена си замина дома, вели д-р Којиќ

На Клиниката за гинекологија и акушерство најмалото предвреме родено бебе, сега момче од речиси четири години, е Бетим, кој се родил во 23. гестациска недела во 2018 година. Д-р Лилјана Којиќ, педијатар, која во тоа време работеше на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје заедно со колегите му ја даваше потребната лекарска помош на ова бебе. Тоа е и најмало преживеано предвреме родено бебе во регионот. Којиќ беше и дел од тимот што ги направи првичните промени за подобрување на одделот за интензивна нега и терапија на ГАК каде што се лекуваат предвреме родените бебиња.

– На овој оддел бев од јануари 2018 година до јули истата година. Во првите три месеци од годината имавме голема смртност на бебиња во однос на родените во 2017 година. Беше тешко да се запре. Требаше да се направат темелни промени. Дел од промените беа започнати, беа набавени нови инкубатори, вентилатори, перфузори. Но, она што е проблем на сите неонатолошки оддели во државата е недостигот на кадар, тоа сè уште не е решено. Се прават напори, но сè уште не е на она ниво на кое треба да биде. Има недостиг на лекари и медицински сестри во државата, а тој е уште понагласен сега поради пандемијата – вели д-р Којиќ и додава дека тоа не е проблем што може веднаш да се реши бидејќи штотуку дипломираните лекари мора да поминат период на специјализација, кој трае повеќе години, а потребно е и соодветно профилирање на медицинските сестри што ќе работат на интензивна нега.

Д-р Лилјана Којиќ

За намалување на смртноста кај предвреме родените бебиња, освен новата опрема и нов кадар, сменет е и начинот на работа со воведување нови протоколи за работа и усогласување на постојните протоколи со светските искуства. Овие промени биле направени од јануари до март, а според д-р Којиќ, веќе во второто тримесечје почнале да се покажуваат резултатите, почнала да се намалува смртноста пресметана од 22. гестациска недела.

– Тогаш се роди едно многу незрело и мало бебе, кое по четримесечен престој можеше да замине дома. Бебето беше многу витално и целиот тим се заложи многу, четири-пет лекари и десетина сестри кои се грижеа за него, бевме вистински мотивирани бебето да преживее. И покрај ниската гестациска старост, беше витално и сите други работи му беа добри. Пресудно беше тоа што имаше добар наод на ултрасонограм на мозокот. Целиот оддел ја вложи целата енергија во него и на крајот, по 80 дена на респиратор и по околу четириесет дена болничка нега, тој можеше да си оди дома. Го набљудувавме и му беа направени сите други неопходни прегледи. По точно 113 дена си замина од ГАК среќно дома – раскажува д-р Којиќ.

Таа додава дека по нејзиното заминување од Клиниката, како матичен педијатар до пред два месеца го следела развојот на ова дете.

– Го предадов на друга лекарка и ѝ објаснив дека ова детенце е добро и дека по ништо не се разликува од другите деца. Изгледа како и секое друго четиригодишно дете. Не доцни во развојот во ништо – вели д-р Којиќ.

Според моите информации, досега ова е најмалото преживеано бебе во регионот – раскажува таа и додава дека тогаш имало едно бебе родено во Србија во 24. гестациска недела и едно девојче во Хрватска, кое е родено исто така во 23. гестациска недела, но три дена е постаро од нашето бебе.

фото: приватна архива



912

X