Поради епидемијата на коронавирусот, во Хрватска беа затворени сите училишта, а наставата се сели во виртуелни училници. Хрватската радио-телевизија ќе обезбеди алтернативна настава наменета за учениците од I до IV одделение, и тоа на третата програма на ХРТ.

Хрватската влада на седница донесе одлука со која ХРТ е задолжена за изведување на наставната програма и курикулумот на далечина. Притоа, министерството за образование е задолжено да обезбеди наставен кадар кој ќе ја одржува телевизиската настава по одделенија. Предвидено е во програмата на ХРТ од понеделник, во најраниот термин, да оди настава за прво одделение, а наставата за четврто одделение треба да биде емитувана во подоцнежен термин.

Телевизиската настава ќе ги следи програмите на наставните предмети, а притоа ќе се користат отворени образовни материјали, материјали од образовните и училишните материјали, како и материјали изработени посебно за таа пригода.

– Програмата ќе ги поттикне учениците на самостојна и креативна работа, а во соработка со своите наставници, наставата ќе го продлабочи и прошири остварувањето на воспитно-образовниот исход – пишува во одлуката на владата.

Така, за учениците нема да биде потребна информатичка опрема за учење на далечина, како што ќе биде случај за учениците од повисоките одделенија.

– За нив, на ХРТ3 ќе оди програма по одделенија, која ќе биде по одреден распоред. Ќе изгледа слично како во училница, не треба да очекувате ништо спектакуларно, но ќе биде корисно – изјави вчера министерката за образование Блаженка Дивјак и додаде дека е од суштинско значење наставниците на најмалите ученици да бидат во контакт со нивните родители.

Денови за подготовка

Училиштата во Истарската жупанија, според упатствата на министерството, се подготвуваат да ги затворат училиштата и да ја префрлат наставата во виртуелниот свет. Насоките на министерството со детална подготовка за настава на далечина до понеделник мора да ги испочитуваат сите училишта во Хрватска, за да бидат подготвени за евентуално слично сценарио.

– Денес и утре ќе го тестираме она што од понеделник треба да почне во живо за учениците од пониските одделенија во Истарската жупанија, додека за учениците од повисоките одделенија и за средношколците на интернет уште денес можат да се најдат материјали што им одговараат – изјави Бранка Рамљак, државна секретарка во министерството за наука и образование.

Извор



912

X