Вашата задача како родители е оваа изолација да ја претворите во уживање онолку колку што можете. Ако само малку се препуштите и се обидете да се забавувате и да го исполните денот со смеа, ќе видите дека и не е така страшно. Поставете си го прашањето: Колку во нормални услови воопшто имаме време за своето дете, вели Ќосиќ за Деца.мк
Сите родители и деца од регионот ги имаат речиси истите проблеми додека трае вонредната ситуација поради коронавирусот – ограничено движење, не работат градинките и училиштата, нема играње со другарчињата, бабите и дедовците во изолација, онлајн-настава, работа од дома или од канцеларија… На децата им е различно секојдневието, родителите се во грч да организираат и работа и грижа за децата, да се борат да се зачува здравјето на сите дома, да бидат и родители, и воспитувачи, и педагози, бидејќи, како што вели Бранислава Ќосиќ, една од најпознатите предучилишни воспитувачки во Србија – работата на просветните работници се пресели во домовите.
Ќосиќ е воспитувачка на деца на предучилишна возраст, има нејзин тематски блог и е често цитирана личност во српските медиуми. Некои од советите и препораките на оваа воспитувачка можевте да ги прочитате и на Деца.мк.
Таа за Деца.мк ја доловува вонредната состојба во Србија од аголот на воспитувачите, на децата, на родителите, раскажува за организацијата на образованието во соседната држава, но и предлага совети за полесно справување со предизвиците на семејството во една таква состојба.
Почна со молк и потрага по брашно, продолжи со онлајн-настава
– Тој петок, 13 март, во групата во градинка имав само 5 деца. Освен што неколку родители се јавија дека нивните деца имаат сипаници, од другите ниту глас. Една мајка заинтересирано ме праша што препорачувам, дали да ги носат децата во градинка или не. Малку бев затекната од тоа прашање, но одговорив дека сум збунета како и тие и дека сум информирана исто колку и тие. Тој петок 13-ти во Србија имаше 35 заразени со коронавирус. Некаде владееше паника, а некаде молк. Морам да забележам дека и во мало место како ова во кое јас живеам, тој ден, по работа немаше никаде брашно да се купи. Од рафтовите во продавниците ги снема и тоалетната хартија, квасецот, маслото за готвење, а по асепсол веќе трагав претходните неколку дена – раскажува Бранислава.
Во неделата вечерта во 20 часот беше објавена мерката да се затвораат училиштата, градинките и факултетите.
Коронавирусот и организирањето на образованието
– Од тој момент се прашувавме што ќе се случува понатаму. Онлајн-наставата и наставата преку ТВ се чинеше неверојатна и со милји далеку од нас, но наставниците исклучително брзо се организираа и снимија многу материјал. Изгледаа многу професионално, љубезно, самоуверено. Беа сјајни, иако на многумина од нив тоа им беше прво застанување пред камера.
Наставата се емитува секој работен ден од 8 часот на национална фреквенција. Првата недела се предаваше само српски јазик и математика за деца од прво до четврто одделение. По една недела беше организирана настава за сите основци, се организираа и средните училишта, но и наставата на јазиците на националните малцинства. Факултетите држат онлајн-предавања и им праќаат материјали на студентите. Изгледа дека сè добро функционира – вели нашата соговорничка.
Потоа почнаа да се групираат детските емисии во една забава програма за претшколска возраст, интересна и полна со квалитетни информации за децата.
– Ми се допаѓа содржина од тој тип, како и целата идеја за една таква ТВ-програма бидејќи во Србија ги има малку. По неколку дена од прогласувањето на вонредната состојба стручната служба во мојата претшколска установа се јави преку вајбер-група и замоли да се организираме и да им испратиме активности на родителите. Еднаш неделно праќаме задача која родителите треба да ја изработат заедно со децата. Договорот е да се придржуваме до методиката за активностите да имаат ред и смисла, па така почнавме од методика на развој на говорот, почетни математички поими итн. Тие методики следат и одредени теми кои, во соработка со децата, ги избира воспитувачот – вели нашата соговорничка.
Таа води група деца на различна возраст и имам десетина претшколци. Контактираат преку фејсбук-група и за сега, како што вели, сè добро функционира.
– На родителите им праќам задачи, а тие мене фотографии од децата и од она што го изработиле. Ми праќаат и коментари од кои заклучувам дека се задоволни – раскажува воспитувачката.
Дома и родители, и воспитувачи, и педагози
Вели дека е свесна дека на многу родители им е тешко.
– Некои родители одат на работа, па имаат проблем да ги згрижат децата. На децата им недостига градинката, другарите… целиот надворешен свет. Изгледа дека децата во село се во блага предност бидејќи имаат дворови, домашни миленици, градини, отворен простор каде што можат да си играат. Проблемот е што еве доаѓа убаво време кое ги мами и децата и родителите да излегуваат од дома, наспроти строгата препорака на медицинските лица да се седи дома – вели воспитувачката.
Предизвикот за родителите, објаснува таа, е голем бидејќи речиси целата работа на просветните работници се пресели во нивните домови и тие се сега и воспитувачи и педагози. Сега е нивна задача да им објаснат на децата за ситуацијата во земјата и во светот, да им објаснат што значи вонредна состојба, што е коронавирус и како да си го зачуваме здравјето. Освен тоа, треба и да ги анимираат своите деца, да вежбаат со нив и да ја продолжат подготовката за училиште.
– Многумина ќе бидат импровизатори бидејќи во оваа приказна влеговме целосно неподготвени – додава Бранислава.
Кога се наметнуваат содржини
Оваа ситуација е многу тешка, но минлива.
– На почетокот, сите ние од педагошката струка се излетавме со различни препораки и идеи и верувам дека родителите тоа го забележуваа и го применуваа, но како што поминува времето, не недостигаат идеи, но на децата им станува здодевно тоа наметнување на содржини – вели Бранислава.Предлага активности корисни за во овој период.
– Препорачувам да ги пребарате интернет-книжарниците и да најдете книги чија содржина би можела да ги заинтригира децата (на пример, истражувачки или Монтесори активности).
– Употребете ја фантазијата, декорирајте заедно, правете колачиња, танцувајте, смислувајте игри…
– Најважно е при секоја активност да внимавате на интересот на детето, што му е интересно, и да не отстапувате од тоа.
– Водете сметка пред детето да не гледате многу ТВ-содржини поврзани со коронавирусот, тие вести би можеле да го исплашат и вознемират.
– Внимавајте на штетното влијание на мобилните телефони. Немојте да „омекнете“ и лесно да го „навлечете“ детето на игри. Бидете и останете доследни. Штетноста од влијанието на овие апаратчиња е навистина голема.
– Сетете се на игрите што вие ги сакавте кога бевте деца и научете го детето некоја од тие игри (можеби се сеќавате на кула од карти, џамлии, криенка, ластик…)
– Ако досега не сте го направиле, би можеле да направите некој ритуал со вашето дете. На пример, секое утро на „Јутјуб“ пуштете некоја едноставна зумба и вежбајте заедно или навечер читајте некој подолг роман, дел по дел (на пример, Алиса во земјата на чудата, Робинзон Крусо, Франкенштајн, Доктор Дулитл…)
– Јавете им се на родителите на другарите на вашето дете/деца телефонски или со видеоповик и направете им на децата конференциска врска за да си разговараат.
– Вашата задача како родители е оваа изолација да ја претворите во уживање онолку колку што можете. Ако само малку се препуштите и се обидете да се забавувате и да го исполните денот со смеа, ќе видите дека и не е така страшно. Поставете си го прашањето: Колку во нормални услови воопшто имаме време за своето дете!
Ние, воспитувачите, сме тука да одговориме на нивните прашања, да ги посоветуваме и да има даваме предлози. Тие можат да ги прифатат, но не мораат. Ние тоа не го знаеме. Влијанието од оваа ситуација ќе се одрази врз децата, дали позитивно или негативно, ќе се покаже во годините што следуваат. Но, истото тоа може да се каже и за нас, родителите, нели? – додава Ќосиќ.
912