Во многу топла и пријатна атмосфера, во кружен простор во кој сè е во знакот на Биби – хероината на децата, во центарот на вниманието беа Ева, Бобана, Марко, Елена, Изабела, Дениција, Теодор и Јана, на возраст од пет до седум години

– Ајде дечиња, кажете ми што правиме секое утро кога ќе станеме од спиење? – праша наставникот Мартин.
– Си го местиме креветот, си ги миеме лицето и забите, а потоа се подготвуваме за на училиште или градинка – одговараа децата.
– И уште нешто, што е добро да правиме секое утро пред да ни започне денот? – ги потпраша тој.
– Си ги истегнуваме мускулите на телото со вежби, наставнику – додадоа тие.
– Точно, тоа е првото нешто што е добро секој ден да го правиме за да ни се вклучат нашите „компјутери“ и за да ни биде поубав денот. На почетокот на овој час, иако сега не е утро, токму тоа ќе го направиме и ние – рече наставникот и почна да вежба заедно со децата.

Вака започна часот во едукативниот центар „Бибиверзум“. Екипата на „Деца.мк“ присуствуваше на часот, кој траеше 90 минути, а целта беше да видиме како изгледа еден ваков час и што учат и работат децата. Во многу топла и пријатна атмосфера, во кружен простор во кој сè е во знакот на Биби – хероината на децата, во центарот на вниманието беа Ева, Бобана, Марко, Елена, Изабела, Дениција, Теодор и Јана, на возраст од пет до седум години. Одделенскиот наставник Мартин Поповски, заедно со координаторот на програмата на „Бибиверзум“, проф. д-р Кирил Барбареев, ги водеше децата низ најразлични активности преку кои тие научија многу нови работи.

Секое дете слободно се изразува

Она што веднаш се забележува е дека децата во „Бибиверзум“ се многу слободни. Секое дете може да си каже идеја или предлог за активност, може да си го каже своето мислење и може слободно да се изрази. Тие се слободни и во движењето во просторот, односно зависно од конкретната активност, не седат во едно место, туку седат на перничиња, на под, се движат и играат, цртаат на столче или на под.

На овој час дечињата учеа за азбуката, за тоа кој ја создал, кажуваа зборови на различни букви. Заедно со нивните наставници имаа задача да покажат како би се одвивала комуникацијата меѓу нив кога не би постоела азбуката, со што целта беше да сфатат колку е важно тоа што имаме јазик и азбука.

Од карти со букви секое дете извлекуваше по една и кажуваше збор кој започнува на таа буква. Но за да стигне до картата, требаше да чекори преку препреки направени од фломастери, па да се протне под масичка за да стигне до својата карта. Во рамките на оваа активност секое дете пронаоѓаше скриена карта и кажуваше неколку збора на буквата што беше напишана на картата. Потрагата по букви беше интересна за сите дечиња што беа на часот.

– Наставнику Мартин, имам еден предлог. Зошто не направиме вака, ние да мижиме држејќи во рацете карти, па потоа да ни падне карта од рацете и да погодиме која карта ни паднала. Дали оваа игра би била забавна? – праша досетливиот петгодишен Теодор.
– Да, Теодор, идејата ти е одлична, оваа игра е многу интересна – се согласија наставниците Кирил и Мартин.

Децата ги прашуваа наставниците

Дечињата играа и пееја различни песнички. Ја пееја и слушаа песната „Кирилица“ од Влатко Стефановски, со оглед на темата што се обработуваше на часот.

Во еден момент наставникот Мартин им рече на децата да се стават во улога на наставници и тие да им поставуваат прашања ним. Децата поставуваа досетливи прашања. Потоа со професорот Кирил повторуваа зборчиња со таинствено и хумористично значење, како „ономоно дономо“, „тафтара бафтара“, па тој им рече, користејќи ја фантазијата, истите зборови и да ги нацртаат.

Наставниците ги научија децата дека нашите учители се викаат Кирил и Методиј и дека тие ја создале глаголицата. Им покажаа на лаптоп како изгледале тие.
– Замислете деца, да немавме азбука, како ќе комунициравме? Дали сте размислувале некогаш за тоа? Еве ќе ви покажам еден пример, сега јас ќе го прашам наставникот Кирил дали ќе дојде со мене да играме кошарка – рече Мартин, по што со гестикулации покажа каква е комуникацијата без јазик.

Децата внимателно гледаа. Оваа вежба ги поттикна да размислуваат.

Зад „Бибивезрум“ стои цел тим

Во едукативниот центар „Бибиверзум“ секој работен ден доаѓаат по десет деца со кои работат двајцата наставници и еден асистент. Професорот Кирил Барбареев вели дека првичните впечатоци и коментари се навистина позитивни.
– Разговараме и со децата и со родителите, иако на крајот ќе имаме евалуација и од децата и од родителите, што ќе биде најважното мислење за концептот и програмата во целост. Јас лично како човек кој силно верува во образованието и важноста од најрана детска возраст да се започне со планирани активности од повеќе подрачја сум задоволен во оваа пилот-фаза. Целта е на децата да им е убаво додека престојуваат во „Бибиверзум“, средината да им биде стимулативна и да имаат наставници кои ќе ги инспирираат и мотивираат за длабинско учење, но и да се има квалитетен дидактички материјал. Овие три клучни фактори за успех ги има образовниот центар „Бибиверзум“ – вели професорот Барбареев.

Наставникот Мартин Поповски, кој ги води часовите заедно со Барбареев, во овој проект влегол со голем ентузијазам.
– Децата се чувствуваат пријатно во „Бибиверзум“, со оглед на фактот дека Биби е нивниот херој, а јас и професорот Кирил сме нејзини помошници. Сето тоа за нив е многу возбудливо. Со оглед на тоа што групите се мешани со деца од повеќе возрасти, се грижиме тоа што сме го замислиле да им го пренесеме и да го реализираме. Сепак, првенствено го следиме пулсот на децата, односно се адаптираме на нивните желби и потреби. На пример, кога ќе видиме дека на почетокот на часот децата се раздвижени, тогаш активноста ја започнуваме со музика и додека таа трае, почнуваме постепено да разговараме за темата која е предвидено да се обработува тој ден. Лично јас во ова влегов со голем ентузијазам и она што го согледувам досега е дека децата се исполнети поради квалитетно поминатото време, а одовде си заминуваат со насмевка, што е клучно и најважно за мене како наставник – вели Поповски.

За децата овде секојдневно се грижи и асистентката Сања Ѓорѓиева. За неа, „Бибиверзум“ е место кое изобилува со топлина и позитивна енергија.
– Децата овде учат преку еден поинаков пристап од оној стандардниот на кој сме навикнати. Тие многу често се во улога на учители. Ваквиот начин на учење ги стимулира да ја усвојат наставната содржина без никаков отпор, истовремено поттикнувајќи ја нивната креативност и сите други доблесни особини што може да ги поседуваат. Привилегија е да се биде дел од тимот на големи професионалци кои ја реализираат оваа посебна образовна платформа, предводена од проф. д-р Барбареев и наставникот Поповски – вели Ѓорѓиева.

Родителите се задоволни од програмата

Виолета Ангелова е мајка на шестгодишниот Кирил, кој е ученик во прво одделение и кој го посетува овој центар.
– Јас сум презадоволна од програмата и од она што децата го работат на часовите. Кај нас дома Биби е присутна 24 часа преку игрите, видеата, сказните. Ние сме презадоволни од контактот со наставниците, од дечињата што се таму, а и тие одлично комуницираат меѓу себе. Она што е очигледно е дека по завршувањето на часот Кирил е посреќен, понасмеан, под импресии е. Дома со радост ни раскажува што работеле. За мене како родител е важно што не се срами да се изрази и е послободен. Очигледно е дека на децата темите им се интересни затоа што ги учат низ игра, музика и цртање. Преку сето тоа ги осознаваат работите. Кај моето дете има напредок во однос на тоа дека е поотворено, покомуникативно и посреќно, а тоа за родителот е најважно – вели Ангелова.

Теодор има пет години, а неговата мајка Бојана Стоилковски вели дека откако ќе се врати дома по часот во „Бибиверзум“, со задоволство раскажува како си поминал.
– По часовите секогаш разговараме за тоа како си поминале и што работеле. Тој е во таа возраст кога сака да раскаже буквално сè што се случило. Моето дете е презадоволно од посетата на центарот, усовршува многу знаења и техники, таму учат многу работи – вели Стоилковски.



912

X