Можеби оваа изјава ви звучи претерано. Можеби мислите дека жените во последните децении станале пребирливи и дека од мајчинството прават нешто што не е ништо повеќе од обична обврска. Можеби верувате дека треба да го следат примерот на своите баби кои со молчење го прифаќале целиот товар на родителството, убедени дека тоа не е херојство, туку нивна должност.
Но, да се вратиме малку наназад.
Од средината на минатиот век маркетингот интензивно создаваше културолошки идеал според кој мајчинството значеше постојани жртви и служба на другите. Кај нас тоа беше нормализирано, а на Западот беше дополнително поттикнато преку телевизиски реклами со слаби, убави, средени мајки, секогаш во кујната, а покрај нив насмеани деца. И, се разбира, сè постигнуваа сами.
Никогаш и никаде не беше прикажана уморна мајка на која некој ѝ помага.
Нејзиното задоволство и исполнетост требаше да доаѓаат единствено од тоа што им служи на своите најблиски. Па така, не е ни чудно што депресијата постојано расте, а лекови за смирување се користат како аспирини.
Дури и „Ролинг стоунс“ пееја за тоа во една од своите песни, нарекувајќи ги тие лекови „малите помошници на мама“.
Истовремено, на многу млади мајки на Запад им биле препишувани амфетамини. Со две цели: да ослабат по породувањето и да издржат сè – работа, дом, деца, обврски. И тогаш, како и сега, од мајките се очекувале две работи: да изгледаат како никогаш да не родиле и да постигнат сè сами.
Бети Фридан прва зборувала отворено за ова, со својата револуционерна книга за „проблемот без име“. Говореше за мајките кои живееле живот што според општеството требало да биде идеален брак, деца, куќа, работа, но тие биле анксиозни, депресивни и осамени.
Во периодот кога жените станувале финансиски независни, се очекувало и понатаму да се грижат за домот и семејството. Тие обврски не само што не се намалија, туку и се засилија. Ако некоја жена признаела дека ѝ е тешко да биде и вработена, и домаќинка, и мајка и сопруга, тоа се сметало за слабост. Се очекувало да молчи, да се насмевне и да продолжи.
А што научија децата пораснати во такви семејства?
Девојчињата учеа дека нивната примарна улога е грижа за другите. Дека кога ќе станат мајки и сопруги, нивните желби и потреби не постојат. Дека амбицијата за кариера значи дека се лоши мајки.
Момчињата учеа дека мајката треба да прави сè и дека не смее да се жали. Оттаму потекнуваа нереалните очекувања: дека љубовта на жената значи целосна жртва.

Но вистината е дека добрите мајки не се запоставуваат себеси.
Мајките, за да бидат добри за своите деца, имаат потреба од емоционална поддршка и партнер кој ќе го дели товарот. Имаат право на свои страсти, хобија, соништа и, пред сè, на своја среќа надвор од улогата на мајка.
Исполнета мајка, која знае кога ѝ е тешко и не се срами да побара помош, која понекогаш се става себеси на прво место, е мајка што го прекинува генерацискиот круг на запоставување и му прави услуга на целото семејство.
И уште нешто што е важно: нашите деца нè гледаат. Ако сакаме да пораснат свесни за значењето на заедништвото, солидарноста и фер поделбата на обврските, тоа мора да го научат од нас. Затоа, кога ќе си дадете време за себе, кога ќе побарате помош, кога ќе барате сите да се вклучат во домашните обврски, сетете се: им правите услуга на своите деца.