Децата уште од првите денови од животот се изложени на разни звуци, од кои најмногу им го привлекува вниманието музиката. Многубројни истражувања го покажуваат влијанието на музиката врз децата дури и во пренаталниот период, додека се во утробата на мајката. Затоа мајката треба да слуша смирувачка музика…

Децата ја покажуваат потребата за музичко изразување (како и танцување) уште од најмала возраст. Музиката и движењето се незаменливи елементи на растот на децата. Дури и пред да прооди детето, може да танцува на музика. И пред да прозборува, детето пее. Експертите посочуваат колку е важно движењето за развојот на детската интелигенција, а музиката и движењето се неразделни, особено за најмалите деца.

За развој на музичките способности на децата, за нивен правилен емотивен развој, како и развивање на нивните идни естетски критериуми, важно е тие да слушаат детска музика уште од мали нозе. Детската музика е тематски приспособена на нив, за разлика од музиката што ја слушаат возрасните, а која децата не можат правилно да ја интерпретираат. Без оглед на тоа што одреден вид музика е многу пријатна за мама или тато, тоа не значи дека е добра за нивното дете. Со пеењето детски песни децата освен што развиваат музикалност, мелодичен слух, чувство за висина, го развиваат и својот вокален апарат, ги подобруваат дикцијата, меморијата, дишењето, се развиваат емоционално, а бидејќи тоа обично го прават со движење, развиваат и моторни вештини и интелигенција. Така, нека децата пеат на цел глас детски песни.

Родителите на постарите деца често се грижат дека свирењето на инструмент ќе го оптоварува нивното дете и ќе претставува уште една во низата обврски, покрај редовното одење на училиште, спортот, курс по странски јазик… Тие не се свесни дека музиката може да придонесе за многу подобар развој на нивното дете. Прво, детето ќе биде посреќно и позадоволно.

Кога зборуваме за нивната среќа и задоволство во животот, музиката е многу важен фактор. Младите мора да научат и како да се одморат од секојдневните обврски, како да се справат со стресот кој е сѐ поприсутен, како да најдат време за себе за да го направат она што навистина го сакаат. Затоа што, многу често, тие се принудени да го прават она што не го сакаат.

Колку е важно детето да научи да има соодветен критички однос кон музиката што ја слуша и колку е важно „мониторирањето“ од возрасните, не треба многу да се нагласува. Јасно е дека кичот и џанк музиката се „сервираат“ на сите можни начини, преку сите медиуми достапни за децата. Музика која е „еднократна“, која нема квалитет, песни кои немаат порака или, уште полошо, имаат погрешни текстови.

Музичките содржини се сè пократки и пократки, па песните повеќе не се слушаат од почеток до крај, туку секоја помалку од една минута. Ова се оправдува со фактот дека распонот на вниманието на децата е сè пократок. Прашањето е дали распонот на вниманието на децата навистина се скратува или за тоа се виновни содржините што им се нудат? Напротив, квалитетната музика може да послужи за проширување и продлабочување на нивниот фокус и внимание.

Голем број стручњаци што се занимаваат со детскиот развој истакнуваат дека во одделенијата најважни се предметите музика, уметност и физика. Кога би се гледале вистинските потреби и проблеми на денешницата и доколку фокусот бил првенствено на развојот на децата, а не на акумулацијата на непотребни факти, можеби би можело да се направи промена и музиката би можела многу вешто да се искористи за севкупните цели на детски развој.

И зошто е непотребно собирањето факти? Бидејќи информациите се многу достапни денес, тие се на само еден клик. Полесно се доаѓа до информации од кога било, но она што децата не го знаат е како да ги поврзат сите тие информации, како да разликуваат важни од неважни, како да најдат вистински, веродостојни и точни информации…

Во „морето“ на она што денес се претставува како музика, на децата им е тешко да препознаат што е добро, а што не… Знаат дека нешто „сакаат“, но не знаат зошто. Има многу стапици на кои паѓаат, а истото важи и за во музичката индустрија. Затоа има родители, музички педагози и сите оние што укажуваат на важноста од правилно развивање на естетските вредности кај децата, каде што најважна точка е правилното насочување уште од најмала возраст. Да ги научиме да ја направат важната разлика помеѓу квалитетот и евтин производ.

Затоа, родители, понудете им на децата квалитетни музички содржини, разговарајте со нив за музиката и уметноста воопшто. Одете заедно на концерти. Слушајте музика заедно. Купете му инструмент ако детето изразило желба да свири и сте во можност. Не го замолчувајте детето кога пее, иако можеби тоа е моментот кога ви треба тишина… Обидете се да им дозволите на децата да имаат музика за да им се збогати животот!

Автор: Соња Матанов-Јерковиќ/ музички педагог

Извор



912

X