На научниците од Универзитетот „Стенфорд“ им биле потребни многу истражувања за да заклучат дека мултитаскингот е извор на огромен стрес и фрустрации со кои се соочуваат возрасните, а особено децата. Можеби не треба толку да се мачат, туку да се обратат до која било баба што ќе им објасни во две реченици: „Оставете ги децата да дишат, мали им се рамената за толку обврски. Не е тоа добро ни за возрасните“.

Дали тој мултитаскинг, за кој не слушнале бабите, е навистина извор на повеќето фрустрации и како да се справите со нив?

Мултитаскингот е поим што се користи за да се опише состојбата кога луѓето извршуваат повеќе работи истовремено. Во малку послободен превод, мултитаскингот ја означува потребата да се искажеме и докажеме на многу полиња, да „покриеме“ многу различни работи во еден ден, што во случај на просечниот ученик може да биде доста напорно. Дел од обврските им припаѓаат по години и статус, дел им ги наметнуваат семејството и средината, а дел се сведуваат на нивните вистински желби и потреби.

Тоа во практика значи дека мораат да одат на училиште и да учат, да ги средуваат своите работи и собата, да одат во продавница и да го шетаат кучето, да одат на часови по странски јазик и училишни секции, а тука се и фудбалот и часовите по гитара. Повеќето деца, оние послушните и амбициозните, успеваат да се соочат со товарот, но тоа не значи дека таквата состојба може да трае многу долго. Затоа и не чуди зачестеноста на непримерните реакции во безизлезни ситуации бидејќи тие се јавуваат како последица на силните, насобрани фрустрации. За разлика од возрасните, а и нив „сопирачките“ сè почесто им попуштаат, децата, особено помладите, не знаат како да ги канализираат тие чувства, па родителите, наставниците и учителите се жалат на напади од бес, плачење, ситни и крупни испади, па и агресија.

Некогаш проблемот е во преголемите очекувања што детето само си ги наметнало

Бабите на тоа би рекле: „Тргнете му го товарот на детето, не му е потребен“, а психолозите од „Стенфорд“ дека треба да ги научите децата како да се соочат со фрустрации. За почеток треба да поразговарате со детето, да утврдите кои се најголемите фрустрации и кои се предизвикувачите на немилите сцени. Не може да сметате дека домашните задачи и учењето се преголем товар, но затоа можете да ревидирате некои свои ставови како: „Мораш да ги имаш сите петки“ или „Мораш да одиш на натпревар по математика“ или „Мораш да научиш барем два странски јазици, без тоа ќе бидеш ништо“. Можете да преговарате и за ослободување од дел од домашните обврски и воннаставните активности ако детето  е фрустрирано и растргнато поради тоа.

Некогаш проблемот не лежи во мултитаскингот и преоптовареноста, туку во нискиот праг на толеранција на врсничко насилство, на позицијата во општеството или во преголемите очекувања што детето си ги наметнало само на себе. Што и да е причината, треба да се открие. Во повеќето случаи долгите искрени разговори во кои покажувате разбирање и вистинско сочувство за неговите чувства ќе бидат доволни за да се реши проблемот. Во некои случаи можете да побарате помош и од наставникот и од училишниот психолог.

А како прва помош за ситуациите кога фрустрацијата се акумулира и потоа ескалира, научете го детето да се смири со длабоко дишење. Најдобро време за вежбање длабоко дишење е периодот пред спиење, а уште подобро е да вежбате заедно бидејќи ќе ви помогне и вам. Удобно сместете се, опуштете ги мускулите и одбројувајте во себе до четири додека вдишувате, задржете го здивот додека не изброите до три, а потоа повторно бројте до четири додека издишувате. Повторувајте ги вежбите додека и вам и нему не ви прејде во навика за на овој начин да се смирите и да ја исфрлите акумулираната фрустрација.

Извор



912

X