Епидемиолозите апелираат родителите да не ја одложуваат вакцината зашто во многу околни држави има епидемии од мали сипаници – морбили

Една третина од родителите што ги вакцинираат децата го одложуваат примањето на вакцините, или поточно најчесто ја одложуваат првата доза од МРП (за морбили, рубеола и паротитис), која им се дава на децата со полни 12 месеци. Ова го покажа анкетата што ја направи Деца.мк, а на која одговорија 1.054 читатели. Вакцината, пишуваат родителите, не ја даваат додека детето не прооди или не прозборува. Неретко такви сугестии добивале и од лекари.
Лекарите велат дека бројките и работата со пациенти ги покажуваат истите факти. Епидемиолозите апелираат родителите да не го прават тоа, особено ако патуваат во овој период зашто во многу околни држави има епидемии од мали сипаници – морбили.

Страв од реакции и болести

Детето или децата да им примаат вакцини одлучиле 85,2 проценти од анкетираните 1.054 читатели. Не дозволуваат вакцинирање 14,8 проценти. Добивме одговори најмногу од родители чии деца се на возраст кога се примаат вакцини.
Од оние што дозволуваат вакцинација на децата, 33,6 отсто одговориле дека намерно одложуваат вакцина или вакцини.
– Ја одложивме МРП-вакцината поради здравствени причини на детето и поради страв. Секојдневно гледаме случаи на деца со попреченост кои биле здрави пред примањето на вакцината – пишува анкетиран.
– МРП ја одложивме, има лоши реакции – вели друг.
– Чекам да прозборува детето, па тогаш ќе ја прими – вели учесник во анкетата.
Здравствената статистика покажува дека првата доза на МРП-вакцината ја примаат околу 80 отсто од децата. За да има колективен имунитет, како што објаснуваат епидемиолозите, треба да има 95 отсто вакцинирани. Тогаш вирусот нема да може лесно да се шири. Родители велат дека тешко се одлучуваат зашто читаат многу контрадикторни информации.
– Со месеци читав за вакцините. На крај единствено што сфатив е дека е ризично и без вакцина, но и тие носат одреден ризик, веројатно не толкав колку што се зборува. Па поради тоа што вакцината може да биде тригер за да повлече одредена болест за која детето имало ризик, чекавме убаво да прозборува. Може нема логика, ама така бевме помирни – вели Васко С. од Скопје.

„Нема оправдување за одложување“

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје објаснува дека не е правено истражување зошто се одложува вакцината, но бројките и искуството покажуваат дека е точно тоа што го кажуваат родителите. Епидемиолозите имаат информации дека родителите добиваат такви препораки и од лекари.
– Нема оправдување да се одложува вакцината, особено сега кога има епидемија на морбили во многу земји, меѓу кои и соседни. Нашиот совет е вакцината да се даде навреме, особено сега кога повеќе се патува и детето лесно може да се зарази – вели д-р Микиќ.
И директорката на Клиниката за детски болести, д-р Катерина Ставриќ, која е членка на Комитетот за имунизација на Република Македонија, вели дека нема оправдување за одложување.
– Знаеме дека родители добиваат такви препораки и така постапуваат. Нема оправдување за одложувањето – вели таа.
Родителите се исплашени поради информациите од поддржувачите на антивакциналната кампања, кои веруваат дека вакцините, особено оваа, предизвикуваат тешки болести, а меѓу другото и аутизам.

Деца.мк во повеќе наврати ќе обработува одговори за повеќе аспекти од обемната анкета за вакцинирањето



912

X