Новите мајки, па и бремените жени се жалат на слабо помнење или расеаност поради хормоните или недостигот на сон. Но, големо истражување во Норвешка покажало дека мозокот на мајката е всушност „поостар“ од порано. Тие имаат „помлади“ мозоци од жените што никогаш немале деца – ова се резултатите од скеновите на повеќе од 12 илјади пациенти.

Дури и во средовечните години нивните мозоци изгледаат шест месеци помладо, а во случаите кога имаат повеќе деца, на пример, до пет, тоа е подобро за сивата материја во мозокот. Експертите веруваат дека мајките имаат придобивка од естрогенот, хормонот кој се произведува во бременоста, или дека имаат поттик на имунолошкиот систем поради тоа што носат бебе.

– Кога ќе ги погледнете факторите што влијаат врз начинот на кој старееме, имањето деца прави голема разлика. Жените што имаат деца може да имаат и позитивни ефекти подоцна во животот, кои се појавуваат бидејќи хормоните или имунолошките фактори поврзани со бременоста и породувањето имаат заштитнички ефект против стареењето на мозокот – вели д-р Ен Мари де Ланж, првата авторка на студијата од Универзитетот во Осло.

Студијата користела скенови од мозокот на средовечни жени, на просечна возраст од 54 години, кои биле дел од „Ју-Кеј биобанк“ генетичка студија. Повеќе од 9.500 од нив биле мајки.

Истражувачите ги анализирале нивните мозоци, а како основа се набљудувале сивата материја и волуменот, вклучувајќи ги и регионите важни за меморија, на пример, хипокампусот. Откриле дека мозоците на мајките биле околу шест месеци помлади, во биолошка смисла, за разлика од мозоците на жените што немале деца, што може да се рефлектира на долгорочните мозочни промени предизвикани од бременоста или од барањата произлезени од одгледувањето дете.

Студијата се наоѓа во зборникот на трудови на Националната академија на науките.

Автор: Викторија Ален, „Дејли мејл“



912

X