Учењето вештини за пријателствување на децата опфаќа учење за споделување, чекање ред, иницијативност, емпатија, гледање од туѓа перспектива, самоконтрола, добар слушател итн.
Но она што најнапред, во рано детство, треба да ги научите е: што прави, односно како се однесува добар пријател и како да се биде добар пријател. Еве неколку мои совети со кои би започнале:

Позитивни семејни врски. Семејството е прва социјална институција каде што малите деца ги тренираат позитивни интеракции со другите. Како децата играат со членовите од нивното семејство е индикатор за тоа како ќе играат со пријателите. Браќата и сестрите имаат посебна и единствена социјална врска, па понекогаш играат поинаку отколку што би играле со пријателите, но сепак некои од раните обрасци на комуникација ќе останат исти и во играта со врсниците. Набљудувајте ги децата како играат, па можеби ќе добиете индикации за подобрување на нивните социјални вештини. Поттикнете ја семејната комуникација за решавање на проблемите, охрабрувајте праведност, промовирајте позитивни ставови и планирајте време за игра за целото семејство, така што децата ќе можат да практикуваат манири на однесување, да пробуваат нови работи и да го усовршат развивањето на вештините за добар спортски дух.

Воведете играње улоги ,особено со деца кои се плашат да запознаат нови деца. Поканете го вашето дете да вежба да се претставува и да бара други членови на семејството или познати деца за да игра. Преку игра со улоги, малите деца ќе стекнат самодоверба и вештини за да им пристапат на другите деца и да ги замолат да играат со нив.

Учете за квалитетите на добар пријател. Истражете ги карактеристиките на добар пријател со вашето дете. На пример, јас ја користам реченицата: „Не прави им го на другите тоа што не сакаш тебе да ти го прават.“ Полесно е да се стекнат пријателства кога детето покажува квалитети што го прават добар пријател, но што можеме да очекуваме од децата во предучилишна возраст? На пример, да бидат љубезни кон својот другар покажувајќи му го тоа со лицето и движењето на телото, да бидат искрени со своето другарче за тоа кога ги направило лути или среќни, да бидат фер во играта и да им дозволат на другите деца да го играат она што тие сакаат да го играат, односно да не ги принудуваат по секоја цена да играат игра кои тие ја замислиле.

Зборувајте за тоа што значат заедничките интереси. Децата обожуваат да имаат нешто заедничко со некого, уживаат да зборуваат за работите што ги сакаат.

Читајте книги и детска литература на теми поврзани со пријателството. Раскажувајте им за штетни или опасни ситуации кои би можеле да им се случат со пријателите, но и алтернативи како би ги разрешиле таквите ситуации.

Создавањето и чувањето на пријателите е важна социјална вештина. Не само што пријателите им се забавни, туку здравите приврзаности со другарчињата се важен дел од искуството на детето во градинка. Децата кои можат рано да создадат пријателства имаат тенденција подобро да се приспособат во училишното опкружување затоа што имаат поголема веројатност да развијат самодоверба и да изградат важни социјални вештини, како што се тимски дух и заедништво, соработка и решавање проблеми.



912

X