Воспитување

Можно е да се биде и премногу посветен родител – каде грешат родителите?

Денешните родители многу повеќе отколку оние што имале мали деца пред неколку децении се трудат во сè што прават со децата да пронајдат можност за учење. Кога на детето му читаат книга, користат ситуации во книгата за да дискутираат за некои важни теми и да слушнат што мисли детето. Ако на детето не му дозволуваат да гледа цртани, му објаснуваат зошто е тоа така, наспроти она „Затоа што јас така велам!“, што на некои од нас им одѕвонува во главата.

За сето ова постои добра причина. Истражувањата јасно и недвосмислено покажале дека родителите што се вклучени и посветени одгледуваат деца со подобри когнитивни и емоционални вештини. Сепак, за сè постои граница. Па, така и вклученоста на родителите во детското растење.

На Универзитетот „Стенфорд“ дел од професорите вклучен во истражувањето и изучувањето на детскиот развој е и професорката Јелена Обрадовиќ. Нова студија која ја спровела со својот тим покажала дека претераната вклученост на родителите понекогаш може да биде и контрапродуктивна. Во рамките на ова истражување научниците набљудувале родители на деца на претшколска возраст, додека децата играат, разговараат, собираат играчки. Родителите што почесто им приоѓале на децата во такви ситуации, им давале инструкции, ги поправале, нешто им сугерирале или им поставувале прашања додека тие играле или нешто правеле, имале деца кои биле генерално „полоши“ во контролата на емоциите и однесувањето. Овие деца, исто така, многу потешко прифаќале да почекаат за нешто, а имале и послабо развиени вештини за контрола на импулсот.

„Родителите денес се под притисок дека мора да пронајдат начин секогаш да бидат вклучени, дури и тогаш кога децата ќе се заиграат или едноставно прават нешто што од нив сте го барале“, вели проф. Јелена Обрадовиќ. Таа вели дека претераната вклученост и преголемото давање насоки, на што родителите се склони, може да предизвика децата да не умеат да го одржуваат вниманието на некоја активност, како и да го контролираат своето однесување и своите емоции. „Кога ќе им дозволат на децата да преземат водство во меѓусебната интеракција, родителите тогаш им даваат шанса да изградат самостојност и да вежбаат саморегулација“, вели Обрадовиќ.

Како да се пронајде вистинската мерка за вклученост?

Да се пронајде рамнотежа помеѓу претераната и недоволната посветеност кон детето е особено важно во периодот на раното детство, тврди Јелена Обрадовиќ. Тоа е период кога децата учат да го одржат вниманието, ги регулираат емоциите и однесувањето без вмешување од страна на возрасните. „Ова е исклучително важен момент, кога родителите мора да научат да повлечат кочница“, вели таа. Ова истражување опфатило 102 деца на возраст од 4 до 6 години, а истражувачите откриле дека децата чии родители премногу се вклучувале во нивната игра и во другите активности, имале тешкотии со контролата на однесувањето и емоциите. Но, додека детето е пасивно и не е особено концентрирано на нешто што прави, поголемата вклученост на родителите не направила никаква штета. Како што објаснува Обрадовиќ, тоа значи дека родителите слободно може да се вклучат и да сугерираат активности тогаш кога детето не е фокусирано на некоја задача.

Како што вели Обрадовиќ, ова истражување немало цел да покаже дека родителите не треба да се вклучат во детската игра, ниту дека тоа е нешто лошо. Таа вели дека нема ништо погрешно во тоа родителите да предложат идеи и активности или да ги советуваат децата за тоа што би можеле да го направат. Но, важно е внимателно да го избираат моментот за тоа. Со помагањето на детето од претшколска возраст да состави сложувалка, на пример, се поттикнува неговиот когнитивен развој и развој на самостојноста. А улогата на водич, родителот сепак мора и треба да ја преземе тогаш кога децата не обрнуваат внимание, кога кршат правила или се слабо концентрирани на активноста со која се занимаваат. Од друга страна, понекогаш на децата им е потребно едноставно да ги оставите да бидат господари на своите активности и своето време.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top