Воспитување

Може ли детето навистина да го спаси бракот?

Лошите односи се лоши за сите. А најлоши се за децата. Има многу парови кои не се среќни во врската или подоцна во бракот, запаѓаат во рутина, постојано се вртат околу истите проблеми и навистина не знаат дали треба да останат во врската или да заминат.

Има и такви што одлучуваат да останат, но со помош на некој заеднички проект околу кој ќе им се врти животот. За некои тој проект што дава надеж е дете.

Замислете две сценарија:

Сценарио 1: Двајца луѓе имаат проблеми во врската

Сценарио 2: Двајца луѓе имаат проблеми во врската, но дополнително со помалку сон и повеќе стрес и обврски.

Што мислите, дали сценариото број два ќе ја поправи врската? Тешко. Не само по себе.

Не е ни чудо што многу бракови се распаѓаат во првите две години од животот на детето. Во тоа време животот на родителите е прилично хаотичен, а динамиката во семејната заедница е променета. Детето може да донесе здив на надеж и љубовта кон него може да ги поврзе родителите, кои ќе откријат дека некои проблеми од претходната фаза можеби биле неважни.

И може само да докаже дека двајца луѓе кои не знаеле како да се справат со некои претходни проблеми, воопшто не се способни да преземат нови животни предизвици.

Затоа што детето е предизвик за секоја врска. Центарот на семејството се менува. Мажот престанува да биде главен фокус на жената, која природно се свртува кон зависното битие и повеќе внимание насочува кон него. Несигурниот партнер кој одеднаш ќе се најде надвор од фокусот може да се чувствува загрозен. Особено ако тој влече некои работи од неговиот дом и од детството во форма на несигурност.

Можеби сопругот бил првиот син и го изгубил целосното внимание на мајка си кога се родила неговата сестра. Можеби имало втор син кој не бил толку сакан како првото чедо на неговата мајка. Секое семејство има свои врски, свои причини, свои трауми. И сите ние, како возрасни, сè уште ги носиме корените на таа траума со себе.

Затоа тврдиме дека овој пат ќе направиме сѐ како што треба. Дека нема да ги повториме грешките на нашите родители. Така, несвесно наоѓаме партнери кои личат на нашата мајка или татко, а преку бракот поправаме некои грешки од детството, се обидуваме да пополниме емотивни дупки.

Улогата на детето не е да ги спасува своите родители. Татко ми ја убедуваше мајка ми да има уште едно дете. Тие се разделија кога имав седум години. Требаше порано да го сторат тоа. Беше целосно неодговорно од нивна страна да внесат живо суштество во врска која не функционираше. Не е улогата на детето да ги спасува своите родители. Улогата на родителот е да го заштити детето.

На детето му требаат двајцата родители. И ментално здрави и пристојни родители кои нема да го трауматизираат. Кои нема да викаат еден на друг или на децата. Кои ќе бидат физички и психички присутни. Кои ќе си ги решаваат проблемите наместо само да ги префрлаат на грбот на детето.

На крајот на краиштата, дури и кога го преживуваат спасувањето на бракот преку децата, тие деца еден ден заминуваат од дома. Што останува тогаш од вашиот брак? Ако го спасувавте со деца, ако детето било одредена тампон-зона меѓу вас, што понатаму? Тешко дека останува нешто добро.

Понекогаш е почесно кон себе и кон другите да немате деца.

Автор: Барбара Сладе Јагодиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top