На повеќе од 180 страници Министерството за образование и наука објави упатство за одржување на училишните објекти. Целта на упатството со прирачник е да се поддржат училиштата и општините во нивните напори да се подобрат ефикасноста и ефективноста при одржување на училишните објекти, да се зголеми безбедноста и да се обезбеди чиста, одржлива и безбедна средина за учење и работа во сите училишта.
Сите вработени во училиштата треба да помагаат при одржувањето на уредноста и хигиената во училиштето за создавање безбедна средина за учење. Наставниците може да им помогнат на хигиеничарите, така што ќе ги учат учениците да ја одржуваат хигиената, ќе се погрижат сметот да се фрла на соодветно место, преку личен пример ќе покажат како се одржува хигиената и ќе пријават каков било неред. Исто така, наставниците се директно одговорни за едуцирање на учениците за зачувување на безбедноста во училиштата, како да реагираат во случај на природна непогода, како да се заштитат и како да се однесуваат со цел да се овозможи брза и ефикасна евакуација, без да се создава паника меѓу учениците.
Учениците, стои во упатството, во однос на одржувањето на хигиената во училиштата, треба да ја прифатат својата одговорност да го фрлаат ѓубрето во кантите за отпадоци, да го селектираат отпадот и секогаш да ги мијат рацете со сапун. Од друга страна, тие треба активно да учествуваат во зачувувањето на безбедноста во училиштата, да останат смирени, одговорно да ги применуваат научените мерки за заштита во случај на природни непогоди, да помагаат во рамките на своите можности и секогаш да пријават каква било сомнителна активност во училиштето.
Родителите, исто така, може да придонесат за подобрување на училишната хигиена преку вклучување на децата во одредени активности за чистење во домот и создавање добри навики за одржување лична хигиена. Ставот на родителите кон безбедноста во училиштето директно се одразува и во однесувањето на учениците, па затоа тие треба да имаат доверба во безбедносните мерки што ги презема училиштето и да ги поттикнуваат нивните деца да не креваат паника и секогаш да ги следат насоките и инструкциите од наставниците.
Документот е изготвен од тимот на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Министерството за образование и наука (Одделение за капитални инвестиции), во координација со Канцеларијата за воена соработка при Амбасадата на САД во Скопје, со поддршка од УСАИД.
912