Кога детето има сигурно прибежиште, родителот или старателот му обезбедува услови за истражување на надворешниот свет, а потоа секогаш може да се врати „дома“. Но, ако родителот е непредвидлив, или уште полошо насилен, детето може да го доживее неговото однесување како животно загрозување. Тогаш детето е заробено во дилема: инстинктот за преживување му вели да оди некаде каде што ќе се чувствува безбедно, но сигурноста можеби е кај личноста од која најмногу се плаши. Ова предизвикување на страв кај детето може да биде преку злоупотреба или занемарување, но и на несвесни начини, на пример, кај нерешени трауми и губиток на родител, кои го плашат родителот, а со самото тоа и детето. Во вакви ситуации децата формираат стил на неорганизирано приврзување. Се раѓаат со инстинкт од возрасните да бараат заштита, па со самото тоа се стремат да формираат приспособлива стратегија за нивните потреби да бидат исполнети.

Неорганизираниот тип на приврзаност се јавува кога ниту една стратегија околу која може да се организира однесувањето не е ефикасна. Однесувањето на родителот не е предвидливо и постојано, па ниедно однесување на детето не може да го натера да се чувствува безбедно.

Според некои автори, неорганизираното приврзување е значително поврзано со механизмот на одвојување. Овој механизам порано се поврзувал со трауматични искуства, но одвојувањето се јавува и кај луѓе што не доживеале траума, а не се јавува кај сите што ја преживеале. Личностите што имаат повеќекратно нарушување на личноста покажуваат екстремна отуѓеност, рамнодушност и недостиг на емоционално реагирање.

Авторката на истражувањето Мери Ејнсворт, американски психотерапевт, ја мерела реакцијата на детето кога родителот ја напушта собата, како и нивната повторна  средба. Детето со сигурна приврзаност се вознемирува кога родителот заминува, но кога ќе се врати, му приоѓа за да добие утеха, а потоа лесно се смирува и продолжува со играта. Спротивно на тоа, оние деца со неорганизирана приврзаност кон родителите покажуваат чудно однесување, односно прво му приоѓаат на родителот, а потоа без најава го одбиваат, понекогаш дури и бегаат, ги удираат родителите и слично. Првата реакција на детето е да се приближи кон родителот за утеха, но кога ќе му се приближи, чувствува страв од таа близина.

Мери Ејнсворт, преку интервјуа, заклучила дека нерешените трауми и губитоци се предизвикувачи на неорганизираната приврзаност во односот помеѓу детето и родителот. Родителите што не ги преживеале своите трауматични искуства докрај, ниту им дале значење, се повеќе подложни да ги исклучуваат своите деца. Истражувањето покажало дека не се работи за тоа колку нечие детство било тешко, туку колку биле во состојба да ја почувствуваат целата болка и тешкотија на траумата и да направат сопствена верзија од приказната. Колку повеќе е некој способен да реши конфликти и тешки искуства, толку повеќе ќе биде во состојба да формира сигурна приврзаност со своите деца.

Околу 20 отсто од општата популација има неорганизирана приврзаност, но меѓу децата што претрпеле некаков вид злоупотреба овој процент се искачува на 80 отсто. Ова се пренесува генерациски бидејќи луѓето што страдаат од нерешени трауми не се во состојба да толерираат широк опсег на емоции кои се јавуваат кај децата, па реагираат со страв или деструктивно однесување. Притоа не се свесни како тоа влијае врз децата.

Ваквите лица често не можат да најдат никаква смисла во своите искуства и често имаат свои објаснувања за нештата што им се случиле. Имаат тешкотија јасно да се изразат и зборуваат во делови кои не се поврзани. Тешко им е од други луѓе да бараат помош бидејќи немаат развиено чувство на доверба. Поради тоа, тешко формираат стабилни односи. Често не успеваат да се носат со стресот и покажуваат и агресивно однесување, дејствуваат хаотично и бесчувствително.

Овие луѓе може да се „излекуваат“ така што во своите животи ќе инсистираат да ја најдат смислата и да формираат доследна приказна. Мора да се обидат да пронајдат поздрави начини за справување со тешките искуства од минатото. Најважно е да формираат здрав однос со партнерот, пријателот или терапевтот, со кои ќе се чувствуваат сигурно. Најчесто користена терапија е дијалектичката бихевиорална терапија, како и когнитивно-бихевиоралната терапија. Тука спаѓа и стратегијата за регулација на емоциите.

Филмот „Добриот Вил Хантинг“ е добар пример за стилот на неорганизирана приврзаност, каде што се гледа манифестацијата во возрасната доба и соодветниот третман, преку кој овој стил се контролира.



912

X