Родителите постојано им зборуваат на своите деца. На крајот на краиштата, тоа ни е работа – да им кажуваме работи, да им држиме лекции, да ги подготвиме, да ги заштитиме и да ги обликуваме во луѓе какви што сакаме да бидат.

Но, понекогаш се кажуваат вообичаени фрази или клишеа кои се засноваат на застарени или погрешни претпоставки и се токсични. Особено кога разговарате со момчиња. Сè уште имаме тенденција да ги воспитуваме нашите момчиња со стари стереотипи. Во обид да подигнат силни момчиња, родителите може ненамерно да создадат оштетени мажи.

– Верувањата за тоа што е момчето можат да бидат многу штетни за детето, бидејќи момчињата доаѓаат во сите облици и големини и широк спектар на личности, преференции и природни тенденции. Кога на момчето ќе му се претстави многу специфичен образец за тоа како момчето или мажот треба да изгледа, да звучи, да се однесува, да ужива итн., тогаш тоа несвесно може да се обиде да го имитира тоа, игнорирајќи ги сопствените природни склоности. Алтернативно, понекогаш децата може да почнат да се спротивставуваат на она што им е наметнато, и во истиот тој бунт тие всушност може да се побунат против она што природно е нивен дел – вели Анахид Лиза Дербабиан, лиценциран стручен советник.

Во обид да се подигне свеста за тоа кој јазик е особено токсичен за момчињата, еве седум вообичаени изрази што треба да ги избегнувате како родители.

„Пречувствителен си“

Момчињата можат да се срамат да ги изразат своите емоции, речиси до тој степен што нема да им биде дозволено да имаат чувства, а камоли да ги изразуваат гласно. Дури и мајките можат да паднат во стапицата и да им кажат на своите синови да „бидат мажи“ и да ги потиснат своите емоции.

– Кога им кажуваме на нашите синови дека се пречувствителни, не само што ги поништуваме нивните чувства туку и ги учиме целосно да ги потиснуваат и игнорираат нивните емоционални потреби, што може да има штетен ефект во текот на нивниот живот – вели терапевтот за анксиозност од Шарлот, Мет Смит.

Рејчел Д. Милер, брачен и семеен терапевт, се согласува, додавајќи дека последиците од принудувањето на момчињата да ги потиснуваат своите чувства може да бидат страшни.

– Кога емоциите не се обработуваат, тие излегуваат на виделина на нездрави начини како насилство, употреба на алкохол или дрога, физички болести и проблеми со менталното здравје – вели таа.

„Момчињата не плачат“

Момчињата често се учат да избегнуваат плачење или да покажуваат знаци на слабост или ранливост. Ваквиот начин на размислување ги наведува момчињата да мислат дека овие таканаречени „помеки“ емоции им припаѓаат на девојчињата и дека само одредени емоции се дозволени или прифатливи за нив.

– Дел од причините зошто толку многу мажи се борат со врските и управувањето со гневот е затоа што ние, како родители и општество, им кажуваме дека изразувањето на други емоции освен лутината покажува слабост, а да се биде слаб не е прифатливо – вели Милер.

„Тоа е за девојчиња“

Стана општествено прифатливо девојчињата да се облекуваат како момчиња, да се потстрижуваат и да си играат со машки играчки. Меѓутоа, ако момчето се облекува како девојче, си игра со кукли, па дури и ако има долга коса, може да го третираат како нешто да не е во ред со него.

Ова ги спречува момчињата да ги истражуваат нивните природни инстинкти да бидат старатели. Ова создава емотивна дистанца меѓу нив и нивното семејство, што ја остава следната генерација гладна за емоционална поврзаност – вели Кејт Балестриери, лиценциран психолог во Лос Анџелес.

„Зошто не можеш да бидеш како…?“

Ништо не е поштетно за самодовербата на детето отколку да се споредува со друго дете, особено со брат или сестра. Ова може да го постави на пат постојано да се обидува да му парира на другото дете или, уште полошо, да се обидува да биде совршено во обид да ги задоволи своите родители.

– Ова може да предизвика да станат исцрпени, депресивни и да чувствуваат постојан неуспех. Алтернативно, родителите треба да го набљудуваат, да го признаат, да го ценат и да го прифатат своето дете со сите негови маани и доблести. Тоа е почетна точка од која започнува здравото воспитување на детето – вели д-р Фран Волфиш, терапевт за семејство и врски во Беверли Хилс и автор на „Самосвесен родител“.

„Играш како девојче“

Овој термин им испраќа порака на момчињата дека девојчињата се некако помалку од тоа и, во суштина, им дава дозвола да ги гледаат девојките како недостојни. Ова може да биде особено збунувачко бидејќи момчињата генерално имаат позитивни женски примери во нивните животи во форма на мајки, баби, сестри и тетки. А сепак, оваа фраза им ја всадува идејата дека сите тие се некако инфериорни.

– Ова може да доведе до верување дека дури и најпросечниот маж е подобар од најинтелигентната, креативна, сочувствителна, талентирана и моќна жена – вели Милер.

„Мораш да победиш!“

Всадувањето менталитет „победи по секоја цена“ може да изгледа како негување мотивирано младо момче. Меѓутоа, во реалноста, вие им го стеснувате фокусот така што она што момчињата го гледаат е само наградата, а не искуството. Така, детето се фокусира само на победата во играта, а не на радоста од играњет.

„Момче ко момче!“

Ова е фраза, која често се користи за да се отфрли лошото однесување на момчето, е всушност најштетната.

Оваа фраза ги учи момчињата дека не се одговорни за своите постапки и дека нема да бидат одговорни за своето однесување. Избегнувајте ја по секоја цена.

Извор



912

X