Влегувам од предната врата и ме пречекува миризба на… што е тоа? Пилешко?

– Веганско тако со карфиол на скара и домашен мајонез – мојот сопруг ми кажува со гордост, носејќи една лажица кон мојата уста.

– Ммм – велам јас благодарно. Неверојатно добро. Гладна сум по долг напорен работен ден каде што немав време да каснам ништо.

Гледам наоколу во беспрекорната дневна соба. Дури и купиштата играчки имаат распоред: топките во еден ќош, книгите во друг. Свежо здиплената облека е уредно поставена на крајот од каучот, а мојата 15-месечна ќерка Пајпер си игра задоволно со нејзината детска кујничка.

Ова е сон на секој родител што работи долги часови. Сепак, не можам да си помогнам, а да не бидам изнервирана.

Дозволете ми да почнам со тоа што ќе кажам колку сум среќна што доаѓам дома кај среќно дете, чист дом и топла вечера. Пресреќна сум што имам сопруг што ме поддржа кога донесовме одлука да се преселиме во друга држава заради мојата кариера. Преселувањето беше привремено – едногодишно стажирање, така што најмногу имаше смисла тој да остане дома со Пајпер додека го завршам последниот чекор кон докторат.

За волја на вистината, одлуката мојот сопруг да остане дома беше прилично лесна. Долго време разговаравме за предностите да се менуваме додека Пајпер и нејзините идни браќа и сестри не почнат на училиште. Чувствував дека навистина имам среќа што и двајцата ќе имаме барем една година заедничко време со нашата ќерка. Истовремено, дури и ако беше свесна одлука, ја признавам нашата привилегирана позиција што ни овозможи да се случи ова. Не сите семејства имаат можност, поддршка или ресурси за вакво нешто.

Сè повеќе канадски семејства донесуваат одлуки како нашата. До 2014 година процентот на татковци што остануваат дома со децата се искачи на 10, во споредба со 1976 година кога само едно од 70 семејства имало татко што останал дома. Така што, да, благодарна сум што мојот сопруг е дел од тие 10 отсто. И покрај тоа, продолжува чувството на иритација. Видете, мојот сопруг успешно се префрли во улогата на татко кој остана дома на начин на кој јас никогаш не успеав. Тој прави неделни планови за јадење, комплетирани со списоци за намирници. И тој никогаш не се чувствува фрустрирано дури и кога го брише подот под високиот стол по милионити пат.

Не дека станува збор за натпревар или слично, но кога станува збор за родител кој останува дома, тој победува. Секојпат.

Не сфаќајте ме погрешно: се радував на годината што ја поминав со Пајпер и се чувствував наградена на многу начини. Но, отсекогаш се чувствував непријатно и несоодветно за оваа улога. Интровертот во мене избегнуваше дружење со мајките на игралиштето. Честопати кога мојот сопруг ќе се вратеше дома, ме наоѓаше како френетично ги диплам алиштата, со полуприготвена вечера ставена во чиниите, а Пајпер плачлива.

– Мама! Мама! – вика Пајпер трчајќи кон мене со огромна насмевка на лицето. Ме прегрнува со малите раце околу нозете и јас ја кревам и ја бакнувам. Се врти кон мојот сопруг и почнува возбудено да покажува накај него.

– Тато, ка! – таа вика, скокајќи од моите раце и одејќи директно во нејзината соба.

– Тато, капа – објаснува тој. – Оди да ја земе капата за јас да ѝ ја ставам. Наша нова навика.

Аха, сфаќам. Значи сега си имаат заеднички навики.

Во моменти како овие се чувствувам како помалку важен родител, а тоа е тешко. Порано, мојот сопруг беше тој што прашуваше дали „баба“ значи „топка“ или „птица“ или како Пајпер сака да биде исечено авокадото. Сега јас сум таа што не знае дали може сама да јаде поголеми парчиња или сака да собира желади во паркот. Не знам ни дека „ка“ е „капа“.

Мојот сопруг сигурно забележа што размислувам и брзо додаде: – Цел ден те бара. Ѝ недостигаш.

Иако ова ме уверува дека ќерка ми не ме заборавила целосно, прави да се чувствувам виновна. Како и другите мајки што работат, а нè има многу во Канада, се обидувам да се справам со синдромот – „Се обидувам да направам сè, но чувствувам како да не сум доволно добра“. Исто така, сигурна сум дека мојата вина е засилена од приливот на пораки дека мајките и треба да се чувствуваат виновни што се враќаат на работа. За волја на вистината, иако е тешко што се збогувам со Пајпер секое утро, исто така, сакам кога ја негувам професионалната страна на мојот идентитет. Така што, можеби се чувствувам виновна што не чувствувам вина.

Феминистката во мене ја сака пораката што ја испраќа кога им кажувам на луѓето дека мојот сопруг е тој што останува дома со нашата ќерка и е одличен во тоа. Испраќа порака дека татковците се важни. Испраќа порака дека кариерите на жените се важни, како и нивните плати. Жените продолжуваат да заработуваат помалку од мажите во оваа земја, а овој јаз во платите несомнено почнува во домот. Иако е мала веројатноста да се реши комплицираното прашање за нееднаквоста во платите, тоа што татковците остануваат дома да се грижат за децата е чекор во вистинската насока. Поделбата на домашните обврски не е добра само за платите на жените, туку е добра за самото семејство. Истражувањата покажуваат дека колку повеќе се вклучени татковците во подигнувањето на децата, толку е посреќно семејството. Но, не ми треба истражување за да го видам она што е пред моите очи: силната врска помеѓу Пајпер и мојот сопруг е несомнено добра за Пајпер.

Но, истата феминистка во мене исто така се згрчува кога мојот сопруг се фали дека ги направил сите работи што од мене се очекуваше да ги направам кога јас бев дома („Повторно направи вечера?“ – луѓето ми велат. „Ти навистина имаш среќа!“). Тоа е олицетворение на она што Тал Перец, социолог на Универзитетот „Обурн“ во Алабама, го нарекува „ефект на пиедестал“, каде што се ставаат мажите поради прифаќање на феминистичките убедувања или преземаат задачи што традиционално ги прават жените. Вистина: мојот сопруг е херој затоа што игра со Пајпер, затоа што ѝ прави оброци или затоа што ја бакнува и прегрнува. Знам дека ова е неудобно и за него („Нели тоа е родителство, така?“, прашува тој). И знам дека не е забавно. Многумина продолжуваат да се соочуваат со стигма и охрабрувачки коментари за нивната одлука да останат дома и да се справат со егзистенцијални прашања и криза на идентитет во едно општество што им дава предност на мажите во платата.

Многу татковци што остануваат дома се чувствуваат изолирани. Мојот сопруг е единствениот маж на игралиштата и местата каде што децата се собираат да играат. Иако тој вели дека не му пречи, сигурно би било убаво ако има уште еден маж со кој ќе може да разговара.

Ја следам Пајпер во ходникот, гушкајќи ја пред повторно да оди кај мојот сопруг. Одлучувам да ја пробам капата и да направам смешно лице. Но, Пајпер ме гледа бледо. Единствено ми е мило што сопругот не беше сведок на оваа неуспешна интеракција – уште еден потсетник за мојата несоодветност.

Знам дека треба да си дадам повеќе заслуги: бев забавна, совесна мајка додека бев дома. Продолжувам да бидам овие работи и како мајка што работи. И во моја одбрана, останувањето дома со новороденчето Пајпер беше сосема поразлично од останувањето дома со порасната Пајпер. Годината помината со Пајпер беше проследена и со проекти за пишување дисертација и заздравување од нешто што се нарекува породување. Овие работи честопати имаа предност за разлика од метењето и планирањето на оброците.

Повторно, не е натпревар, но сепак.

Како што семејниот живот во Канада продолжува да се менува и развива, улогата на родителството со полно работно време и останувањето дома веројатно ќе биде ретко. Родителите ќе изградат свои креативни комбинации на скратено работно време и полно работно време, и во домот и надвор од него. Се надевам дека одлуката за тоа кој ќе остане дома ќе биде помалку поврзана со полот, а повеќе со тоа што е најдобро за семејството. Се надевам дека општеството ќе продолжи да се развива заедно со семејствата за да ги поддржи овие различни одлуки и аранжмани.

Подоцна истата вечер, по веганското тако, се мијат садовите, па доаѓа бањањето, миењето заби. Мојот сопруг ја бакнува Пајпер за добра ноќ и јас ја носам во собата. Ѝ ставам пелена и ѝ го масирам малечкото тело со лосион, скокоткајќи ја со носот. Читаме приказна за добра ноќ и ѝ пеам цел репертоар приспивни песни. Кога ја носам кон креветчето, ја потпира  главата на моето рамо, акција што е резервирана само за мене и сфаќам дека чувствувам носталгија за овој момент.

– Те сакам, душо – шепотам, ставајќи ја Пајпер нежно во нејзиното креветче. Ме погледнува уште еднаш пред да ги затвори очите. Излегувам од собата, ја затворам вратата нежно и правам пауза пред да влезам во дневната за да се дружам со мојот сопруг. И за момент се радувам на сознанието дека во битката со рутината за спиење секогаш победувам.

Автор: Ејми Грин



912

X