Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам еден мал проблем со мојот 2,5-годишен син. Не оди во градинка, па се организираме за чување – дали јас, мојот сопруг или мајка ми. Со сите е мирен како бубачка додека го чуваат, никој не се пожалил за лошо однесување или непослушност, напротив, неверојатно е послушен и соработува како што не може ни да се замисли. Но, кога јас сум наутро со него (тоа е 2/3 дена во неделата), станува намуртен, не сака да извршува некои секојдневни работи, не сака да соработува. А баш заради него работам скратено работно време за да можеме повеќе време да сме заедно и да си посветиме внимание. Чувствувам како да има некој револт, плаче за ништо, прави работи што не се дозволени за деца и кога ќе се спротивставам, настанува драма. Не дозволува да разговарам до луѓе или да му помогнам на сопругот со некоја физичка работа, веднаш почнува да плаче. Сопругот ме посоветува да се обратам кај стручно лице бидејќи некогаш станува неподносливо, баш кога сум дома цел ден, па наместо да уживаме, кинеме нерви. Би ми бил од голема помош вашиот совет.

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Во процесот на воспитување еден од важните аспекти е усогласеност на воспитните стилови на родителите и поставување јасни правила или граници на однесување кои се соодветни за возраста на детето, а кои ќе важат кај сите што учествуваат во овој процес (баба, дедо, тетка и итн.). Детето секако ќе се обиде да ги премине тие граници со цел да ги добие работите што во тој момент му се важни, бидејќи неговите желби не кореспондираат со желбите на родителите. Вие како родители треба да процените во каква опасност е вашето дете, како ќе го заштитите и на кој начин ќе го научите самото да се штити.

Јана Зенговска, лиценциран психолог

Некогаш е тешко да се спречи детето и да се насочи да не се впушти во опасни активности, но затоа вие сте тука, да го потсетувате со многу љубов зошто одредена активност не е добро да ја прави. При секое негодување, мрморење или изливи на бес, со смирен тон ќе му објасните дека тоа однесување не е соодветно и ќе го игнорирате, внимавајќи детето да не се повреди. Секое „НЕ“, особено од мајката, за детето значи дека не го сакате, бидејќи во минатото секоја желба му била исполнувана. Ваша задача е без да имате чувство на вина да останете доследни во одлуките што како родители сте ги донеле, а се во насока на неговиот најдобар интерес. Изливите на бес (тантруми) се очекувани бидејќи поставувањето граници е многу непријатен процес за детето. Доколку вашиот син има изливи на бес додека разговарате со некого или работите нешто со сопругот, многу е веројатно дека научил дека во овие ситуации, не можејќи да го издржите драматичното однесување, по линија на помал отпор ќе излезете во пресрет на неговите барања. Пробајте да му објасните дека ќе му посветите внимание кога ќе го завршите разговорот, земете го в раце, гушнете ги и продолжете со разговорот или, пак, доколку работите нешто, продолжете со активноста и повторете му дека многу ви е важно да ја завршите започнатата работа за подоцна да бидете заедно. Децата учат најмногу од нашиот пример, посветете си внимание, јасно покажете му на вашиот син дека ви значи времето што го поминувате заедно, но сакате малку и вие да се одморите, јадете без да бидете вознемирувана. Побарајте помош од сопругот и заеднички останете јасни и доследни на правилата на однесување. Бидете свесни дека казната нема долготраен ефект, можеби моментално го коригира одреденото однесување, но истовремено ги потиснува лутината и тагата кај детето. Наградете го позитивното однесување, особено кога детето покажало трпение и истрајност, а игнорирајте го неприфатливото. Нека не ве вознемирува што на моменти на детето му е здодевно и не обидувајте се веднаш да му го структурирате времето, оставете го малку да биде само и следете го неговото однесување. Овој период кратко трае, само се потребни доследност и многу трпение и смиреност, што ќе резултира со позитивни промени во однесувањето на детето.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X