Вечерва мислам на дедо ми. Пред неколку недели ми раскажа приказна. Приказна за добриот свет.

Моите баба и дедо живеат во жолта дрвена куќа што ја изградиле одамна. Имаат голема градина во која секогаш работат. Цвеќињата, дрвјата и грмушките многу им значат. Ги знаат сите имиња, знаат кога да садат, кога да наводнуваат и кога да берат. Тие често зборуваат за растенија и им подаруваат цвеќиња на пријателите и семејството. Така е откако знам за себе.

Кога ја изградија куќата, дедо ми засади јаболкница. На самото дно на градината. Никогаш не сум го видел тоа дрво. Кога се родив, веќе го немаше.

Но, слушнав за него.

Кога дрвото порасна, по многу години, почна да дава јаболка. Многу јаболка. Од нив баба правеше сок и џем.

Беше добра јаболкница.
Но, тогаш нешто се случи.
Летото беше добро, а јаболката беа големи и убави. Наскоро требаше да бидат собрани.
Но, едно утро дрвото беше уништено. Неколку големи гранки лежеа на земја. Дедо кажуваше колку грдо изгледало. На него повеќе не можеа да растат јаболка. Јаболкницата беше осудена на смрт.

Дедо влегол и ѝ ја кажал на баба тажната вест. Потоа се пресоблекол и отишол преку патот, до средното стручно училиште.

Таму разговарал со директорот.
Биле преземени мерки, па по извесно време се пријавиле три момчиња.
Краделе и работите излегле од контрола.
Но, свеста ги гризела.
Детска беља. Ништо значајно, но доволно сериозно. А дедо ми и директорот сметаа дека правдата мора да биде задоволена.
Новата јаболкница во тоа време чинела 20 евра. Било договорено момчињата да платат за дрвото.

Дедо ми кажа дека во тоа време тоа беа многу пари. Момчињата требаше да плаќаат одредена неделна сума во остатокот од есента и во текот на пролетта, додека сè не се исплати.
И дедо ми одел во тоа училиште и многу добро знаел дека момчињата немаат многу пари на располагање. Живееле во училиштето, некои од нив биле далеку од дома, а нивните семејства веќе ги испразниле џебовите за да ги пратат на училиште. Пари за дрво морале да дадат од свој џеб. Ова најверојатно значело дека сите активности на момчињата кои барале пари морале значително да се намалат. Едвај можеле да купат нешто, не можеле да одат во кино, не можеле да ги почестат девојките, не можеле да направат речиси ништо.

Секоја сабота момчињата доаѓале кај баба ми и дедо ми на врата и плаќале. Многу малку зборувале. Тие само ќе ги кренеле рацете и ќе ги ставеле парите во големата тупаница на мојот дедо. Дошла зима, па пролет. Во мај градината повторно процветала, а стручното училиште се подготвувало за празниците. Момчињата требало да си одат дома во текот на летото. Кога последен пат дошле, биле убаво облечени. За нив тоа било свечено. Заѕвониле на вратата и баба ми ги поканила внатре. Таа им направила кафе и вафли.

Го платиле последниот дел и се ракувале со баба ми и дедо ми.
Работата била завршена.


На момчињата им олеснало. Тие биле добро расположени и првпат малку разговарале со баба ми и дедо ми. Зборувале за училиштето и за летото. Кажале од каде се. Биле среќни. Долгот бил платен и конечно успеале да ја кренат главата. По некое време момчињата станале да си заминат. Тие се поздравиле и се упатиле кон вратата. Тогаш дедо ми станал. Чекајте малку – им рекол дедо ми – има уште една работа.

И момчињата застанале. Дедо ми отишол до големиот кујнски шкаф и го отворил. Посегнал длабоко и извадил три коверти. Потоа се вратил кај момчињата и на секое му дал по еден.

Момчињата не сфатиле. Се погледнале. Потоа ги отвориле и почнале солзи да им течат по образите. Дедо ми им ги вратил парите. Тој цело време планирал да им ги врати парите. Не било за парите.

Размислувам за момчињата. Тие се големи денес. Сигурно имаат над 50 години. Сигурно имале чувство дека светот е добар. Тоа има смисла. Дека некои работи значат нешто.

Се прашувам што прават сега. Веројатно имаат семејства и градини со јаболкници.

Дедо ми е јунак.
Се прашувам дали јас сум јунак.
Се прашувам дали воопшто има јунак во мојата генерација.

Извадок од книгата „Наиван.Супер“ од Ерленда Луа
Извор



912

X