Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син на 4 години. Од 2 години почна да прави тикови (грчење на рамења, стегање на прсти, правење гримаси и одење на прсти). Ова го прави по неколку пати на ден.
Бевме во државна болница и ни рекоа дека ќе порасне, ќе му помине. Во приватна болница направивме ЕЕГ и сè беше во ред. Сега уште ги има тиковите и не сопираат. Ве молам за помош и сугестии што понатаму. Му даваме Б6-таблета наутро и навечер. Инаку е весело дете, дружељубиво, интелигентно.

Можеби ова се случува бидејќи бевме приврзани, 24 часа заедно, а одеднаш јас тргнав на работа, а тој во градинка. Како помал има паднато и ја удри главата, но ни модринки ни потрес имаше.
На почетокот му велев да престане, разговаравме зошто прави така и ми велеше дека нешто го тера така. Сега само го гушкам и не го опоменувам, туку му се доближувам и го смирувам.
Комуницираме на што е можно посмирен начин и низ игра – цртаме, боиме. Дури зедовме милениче – мачка да го смири. Нема претрпено некои големи трауми, освен ова што го пишав со тргнувањето на работа и во градинка. Дома избегнуваме караници пред децата и се обидуваме што посмирено да комуницираме. Имаме постар син без слични проблеми.

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Тиковите општо се дефинирани како изненадно движење или испуштање звук, кој детето не може да го спречи со својата волја. Во период од 3 до 7-годишна возраст најчесто се јавуваат и почести се кај момчињата отколку кај девојчињата. Во предучилишниот период децата почнуваат да се осамостојуваат, но немаат доволно искуство и не можат своите емоции да ги вербализираат, особено стравот, тагата итн.

Јана Зенговска

Тиковите најчесто им помагаат да се ослободат од психолошката напнатост што ја чувствуваат. Појавата на тикови кај вашето дете ја поврзувате со тргнувањето во градинка. Секој нов почеток претставува стрес и потребно е приспособување и подготовката на детето за истото. Од вашето прашање добив впечаток како сè да се случило набрзина, ако е така, многу е веројатно дека разделбата со вас предизвикала страв, збунетост, вознемиреност кај детето (сепарациона анксиозност). Од емоциите што во тој момент го преплавувале детето нашло начин да се ослободи со цел да го намали нивниот интензитет.
Кога кај дете ќе се јави каква било промена, се менува несвесно целокупната динамика на семејството. Притоа во целокупниот процес забораваме дека нашата смиреност, прифаќањето на сите предизвици со кои ќе се соочиме може да му помогне на детето.
Разговарајте со вашето дете за тоа што  го чувствувате и вие, отворено и јасно соодветно за неговата возраст, бидејќи децата ги забележуваат сите наши невербални реакции кои можат дополнително да ги збунат.
Не опоменувајте го при појавата на тиковите и обидете се да не бидете сконцентрирани на забележување на појавата на истите. Вежби за релаксација, игри со песок, глина или тесто се ефективни во канализација на енергија. Оставете го сам да си го креира слободното време, нека истражува, поттикнувајте му ја љубопитноста. Само преку игра децата слободно можат да ги изразат своите емоции, доживувања и истите да почнат да ги препознаваат. Играта е многу важен сегмент во процесот на раст и развој на децата, динамичен процес во кој е убаво да се вклучат и повеќе членови од семејството доколку детето има потреба од истото. Набљудувајте го и забележете кои ситуации, филмови, приказни, релации предизвикуваат зголемување или намалување на интензитетот и динамиката на јавување на тикот. Но, сепак, потребен е индивидуален пристап, секое дете носи своја приказна и различни фактори влијаат врз целокупната состојба.
Убаво е да имате директна средба и консултација со психолог кој ќе има можност да поразговара со вас за различни аспекти кои имаат влијание со цел добивање појасна слика за состојбата на детето и негова помош и поддршка.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X