Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 11-месечен син. Тој е многу енергично дете и уште малку очекувам да ги направи првите чекори. Се движи со помош на мебелот или ако го држам за раче, лази, отвора фиоки, си игра со играчки, зборува на бебешки јазик, го ставам и во проодувалка, па си играме криенка…

Но има нешто што ме мачи во последно време – како да не сака да се сконцентрира кога сакам да го научам нешто, на пример, кога ќе му го фатам рачето за да покажам „чао“, се нервира и ми го трга. Друго нешто што ме загрижува е што уште од мало кога го доев ме тргаше за блузата и си ги жулеше ножињата, а сега како поголем клоца и трга со рачето, а често и ме мава. Се плашам дека нешто не е во ред. Исто така, порано подолг му беше контактот очи в очи, а сега не го задржува, единствено кога го смеам ме гледа подолго. Сака да игра и со тркалата на поголемите автомобилчиња, а сум слушнала дека тоа не е добар знак. Многу сум загрижена, маж ми е во странство, доаѓа од месец на месец, и секакви мисли ми минуваат низ главата. Читам и разни статии и си мислам дека нешто не е во ред. Дури се плашам дека ќе почнам да си замислувам работи. Ве молам за совет како да постапам за бебето повеќе да ми посветува внимание.

ОДГОВОР: Ме радува што вашето синче добро се развива, полека ќе почне и сам да оди, ако и не почнал додека ви одговарам на прашањето:)
Вашето дете е темпераментно и енергично, активно… според она што опишавте, многу добро напредува, а и вие доста добро го следите неговиот развој. Сам се заигрува, а игра и со вас, моторички одлично напредува, дури и се труди да зборува.
Секое дете се раѓа со свој индивидуален темперамент и со него му се приближува на светот околу себе. Па така некои деца лесно поминуваат кон некои промени, некои потешко, некои се активни – сакаат да се движат, енергични се, некои се потивки, седат и го набљудуваат светот околу себе, некои уживаат во запознавање нови лица, луѓе, некои побавно се загреваат за некои ситуации итн.

Дури и во доењето децата покажуваат различни личности, со некои доењето е како „никогаш нема да заврши“, постојано се вртат стимулирани од околината, некои деца цицаат малку по малку, некои заспиваат, некои се како гимнастичари, некои како вашето ги трлаат ножињата и ја тегнат блузата или, пак, ги допираат, притискаат и удираат градите за да го стимулираат протокот на млеко и на тој начин повеќе да се поврзат со мајката.
Сите овие однесувања се нормални и вообичаени, или да кажеме додека се хранат во исто време имаат контакт и со светот околу себе. Сега, како што расте, станал и посилен, па на некој друг начин прави контакт со вас. Ако сè уште го доите, потрудете се нежно да му ја тргнете раката кога ве удира или дајте му да држи некоја омилена играчка. Ако клоца, ставете перниче или легнете на троседот за да притиска таму, со цел да не се повреди, а и да не ве повредува вас. Со текот на времето тој импулс ќе се намалува.

Во оваа возраст децата повеќе учат од имитирање отколку од, како што рековте, да му ја земете раката и да покажете, нему тоа не му се допаѓа бидејќи веројатно не сакал во тој момент да го прави тоа или веќе тргнал кон нешто што му го привлекло вниманието.
Играјте со него „чао“ и „здраво“, правете гестикулација, насмевнете се, драматизирајте, децата многу го сакаат тоа.
Во овој период тој почнува активно да го истражува светот околу себе, сè ќе му биде интересно и ќе се префрла од една активност на друга. Децата учат преку експериментирање и откривање. Затоа истражувањето на околината и интеракцијата со другите обезбедува голема стимулација. Кога играте криенка, дали се смее, дали реагира кога ќе го најдете или кога тој ќе ве најде, како реагира? Веројатно ги подотвора очињата и прави некоја гестикулација, се смее или целиот се притресува.
Кај децата вниманието се зголемува кога родителот ќе се воодушевува и ќе обрне внимание на играчката со која тоа во моментот си игра. Па така, кога ќе игра со нешто, приближете му се, придружете му се, седнете со него и заедно играјте, активно ангажирајте се, може тоа да бидат кругови за редење или коцки, звучни автомобили, воз, телефон, а исто така и другите домашни предмети како лажици, лонци, шишиња кои сè повеќе ќе му го привлекуваат вниманието.

Сè додека вашето дете ги исполнува повеќето развојни степени, се вклучува лесно, игра соодветно со разни играчки, комуницира вербално и невербално, прави врски со другите и светот околу себе, размислува и се однесува флексибилно, нема потреба за паника.

Кога играте заедно, ставете во кутија мала играчка која ќе тропа за сам да ја открива, или поголема вреќичка полна со мали играчки. Ова значи дека всушност играме заедно со детето, а не само да го поминуваме време со него.
Тогаш детето нека поведе, а вие следете го неговото водство. Дозволете му прво да изрази интерес за играчката, а потоа вие проширувајте го тој интерес со именување на играчката и охрабрување во играта. Многу е важно времето што го поминувате заедно да биде квалитетно и исполнето. Како што расте, може да се случи детето поради ограничен вокабулар и неразвиени социјални вештини да ве удри или да ве гризне кога ќе биде луто и фрустрирано, кога не ќе може да го добие она што го сака.
Пред спиење покажувајте му сликовници, маче, куче, пиле, јагне… па вие прво покажете како вика мачето, кучето итн.
Како вашето дете реагира кога го храните, дали тогаш го задржува погледот кога му зборувате?
Повеќето деца се воодушевени од тркалата, забавни им се бидејќи се вртат, а сепак стојат в место. Ова е доста често кај децата и не мора да значи дека е знак дека нешто не е во ред. Сè додека вашето дете ги исполнува повеќето развојни степени, се вклучува лесно, игра соодветно со разни играчки, комуницира вербално и невербално, прави врски со другите и светот околу себе, размислува и се однесува флексибилно, нема потреба за паника.
Поминувајте повеќе време надвор, помалку телевизија и гледање во мобилен телефон.
Веројатно се чувствувате осамени и уплашени, но сепак не сте сами, сигурно имате луѓе околу себе со кои можете да поразговарате, да се посоветувате, да побарате поддршка. Денес сме преплавени со најразлични информации, но голема е важноста на нашите сопствени забелешки и искуства. Доколку сè уште сте вознемирени, поразговарајте со педијатарот на вашето дете и посоветувајте се. Уживајте во неговиот развој и промени!

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X