Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ние живееме во странство и сега сме дојдени во Македонија. Овде сме речиси 5 недели и моето 4-годишно девојче првпат ги гледа своите баба и дедо. Моите родители одлично се однесуваат спрема неа, но таа не ги сака, ги тепа, ги каса, ги турка, им кажува дека не ги сака итн. Многу е агресивна кон нив.
Што да преземам во врска со ситуацијава затоа што многу ме загрижува. Никако не можат да се разберат, па одморов ми е пекол.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и вашиот напор за односот на вашето дете со вашите родители да стане пријатен и убав, првенствено за вашето дете, а потоа и за вашите родители. Децата на оваа возраст, особено кога се соочуваат со големи промени, како што се патувања, нови средини или средби со непознати луѓе, може да се однесуваат на начини кои се доста збунувачки и вознемирувачки. Сето ова може да предизвика чувство на несигурност, страв и збунетост. Таа веројатно сѐ уште не разбира кои се тие или зошто одеднаш се очекува да комуницира со нив.
Целото ново опкружување, новата рутина во новото место (дом), како и присуството на луѓе што никогаш претходно не ги запознала (нејзините баба и дедо) кај детето може да предизвикаат многу силни емоции кои се доста сложени и не умее да ги изрази. Тие понатаму водат кон агресивно однесување. Без разлика колку се љубезни и добри вашите родители, таа веројатно е исплашена и вознемирена и единствен начин да покаже како се чувствува е она што го наведовте, да удира, каса, бутка, да вика итн.
Она што треба да го направите, а и сите околу неа, е да не ги доживувате овие нејзини испади толку лично, туку треба да останете смирени и да ѝ помогнете.
Потрудете се да ги рефлектирате и именувате нејзините чувства како: „Знам дека си исплашена или лута…“ Објаснете ѝ дека е во ред да се чувствува така. Оставете ја полека да им пријде, со свое темпо, не инсистирајте. Поттикнувајте заеднички активности и игри. Децата сакаат да си играат и преку нив развиваат односи. Цртајте, шетајте, поминувајте време надвор.
Од друга страна, разговарајте за удирањето и гризењето, можете да кажете: „Гледам дека си вознемирена. Ако си лута, можеш да ѝ кажеш на мама, но ние не удираме и не гриземе“.
Продолжете со нејзината рутина како што била и дома, што се однесува на јадење, спиење, играње. Раскажувајте за вашите баба и дедо и вашиот однос со нив, или пак раскажувајте приказни на таа тематика.
Бидете трпеливи и нежни, бидете мост преку кој ќе се движи нивниот однос.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912