Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две деца, девојче од 3 години и мало машко бебе од два месеца. Проблемот е преголемата љубомора на поголемото дете. Патем, таа е и многу агресивна кон бебето и постојано физички го напаѓа, користејќи го секој момент, веќе почнавме да се плашиме да ги оставиме заедно во иста соба, бидејќи присуство на некој од нас не менува многу, таа ќе истрча и ќе го удри. Никогаш не сме ги оставиле сами.
Додека го дојам, таа ќе дојде и ќе го удри по главата. Да бидам искрена – не сум безгрешна и многу пати сум ја искарала откако ќе го направи тоа, а ја имам и удрено. Ефектот е ист, независно дали ја караме или смирено ѝ објаснуваме, таа пак си тера по свое. Агресијата не прекинува. А има и моменти кога го сака и го гушка.

Во последно време, поради сè поголемата агресија и непослушност од нејзина страна, станувавме сè понервозни и ние, па забележувам дека се плаши од нас и тоа тешко ми паѓа. Многу е чувствителна, знам дека оваа ситуација е премногу тешка за неа и не знам како да ѝ помогнам да сфати дека сè уште е сакана, но и да го прифати својот брат како член на семејството. Знам дека во неа се водат тешки борби. Досега е растена со многу внимание, секогаш играна, шетана, а се трудиме тоа да продолжи и сега, па секое слободно време оди со тато во парк, но пак е незадоволна и агресивна. Дали можеби би имало позитивно влијание да ја запишам во градинка и таму да се дружи, да троши енергија, бидејќи е активно и интелигентно дете? Или ако ја запишам сега, можеби ќе ѝ направам уште еден шок со оглед на тоа дека тешко ги прифати новостите во семејството?

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Оваа ситуација за која ми пишувате, за жал, е честа реалност во многу семејства, не само во вашето. И самата пишувате дека вашата постара ќерка е растена со многу внимание од страна на сите членови на семејството, и тоа е реалноста на која таа е навикната. Наеднаш со раѓањето на братчето таа нејзина реалност се менува и реагира на таа промена, која очигледно не ѝ се допаѓа, соодветно на нејзината возраст. Нејзината зголемена агресивност е резултат на нејзината лутина и фрустрација што повеќе го нема тоа внимание што го имала, или го нема на начинот на кој претходно го имала. Не можејќи да удри „по магарето“ и својата лутина отворено да ја насочи кон вас, таа удира „по самарот“, односно во овој случај братчето. Од друга страна, кажувате дека истовремено го сака и го гушка братчето, што значи дека може е збунета од целата ситуација и своите чувства кон него. Ова дополнително укажува дека таа не била доволно спремна за доаѓањето на братчето во семејството и промената на семејната динамика. Ваша задача е да ѝ помогнете да се приспособи на промената така што ќе ја поддржите да ја преземе својата нова животна улога на постара сестра.

Вашата лутина поради нејзиното однесување нема да ја подобри ситуацијата, напротив, може да ја влоши, бидејќи може да биде дополнително лута бидејќи „откако дојде ова бебе само мене ме караат“. Праќањето во градинка во овој момент може да биде ризично бидејќи може да ѝ создаде чувство на отфрлање, и со тоа дополнително да ја зголеми нејзината фрустрираност. Ве охрабрувам да разговарате со неа и да ја прашате дали сака да оди во градинка и да си игра со дечињата таму. Иако е мала, почитувајте ги нејзините чувства, нејзините потреби и нејзиното мислење. Доколку сака да оди, слободно пратете ја и следете како ќе се развива ситуацијата. Нека почне со неколку часа, па ако ѝ е убаво, оставајте ја подолго. Но, доколку забележите отпор, независно дали уште од самиот почеток или понатаму во процесот, не притискајте ја и не присилувајте ја да оди со надеж дека чувствата ќе ѝ се сменат.
Вашето семејство е променето и сега вие треба да најдете начин како да ја хармонизирате новата семејна динамика. Не очекувајте дека вашиот сопруг може во целост да го компензира вниманието што ѝ е потребно. И вие сте ѝ потребни. Важно е таа да почувствува дека независно што сега поминувате повеќе време со бебето, вашите чувства кон неа се непроменети. И ова не е нешто што можете да ѝ го кажете за да ве разбере. За вистински да ве разбере, морате да ѝ го покажете, т.е. да ѝ го покажувате континуирано во текот на целиот процес на адаптација кон промената. Важно е да бидете нејзината карпа на која таа ќе чувствува сигурност и стабилност, да бидете трпеливи и константни.
Обидете се секој ден да најдете време само за неа, кога целото ваше внимание ќе биде насочена само на неа. Дозволете ѝ сама да одлучи што ќе правите во тоа време. Од друга страна, во текот на времето што го поминувате со бебето доделете ѝ улога на ваш помагач или асистент. Доделувајте и мали задачи со кои ќе ви помага и пофалете ги и уважете ги овие активности, уважувајќи го нејзиното место како прво и најстаро дете во семејството.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

 

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X