Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две момчиња. Поголемиот син има 5,5 години и на периоди постојано повторува зборови кои не се прифатливи и не се пријатни за слушање. Последниве два месеца непрестајно кажува „ти си гомно“ и слични варијации на тема. Уште потешко ми е што помалиот син, кој има 2,5 години, почна да повторува по него и не прави разлика кому и каде зборува. Кога и да се налутат или кога нема да им дозволам нешто, кога им е досадно, така зборуваат и се смеат. Пробав со зборување, со објаснување со казна да им докажам дека не треба така да зборуваат, но не успеав. Тешко ми е да останам рамнодушна кога двајцата зборуваат така. Сакам оваа ситуација да престане, но не знам како да постапам.
ОДГОВОР: Децата учат од модели, без разлика дали тоа се другарчиња или возрасни од опкружувањето. Споменувате дека знаете од каде научил такви зборови поголемиот син, а помалиот научил од него, дури и кога им е досадно, истото се случува. На оваа возраст децата не можат да го разберат вистинското значење на некои зборови. Тие забележуваат дека возрасните реагираат на одредени зборови и штом се забранети, поинтересни им се. Посочувањето да не ги користат за нив станува фокус и забава кога нема што да прават.
Во време кога родителите имаат поголеми работни обврски, понекогаш не знаат како да поминат поквалитетно време со децата во кое правилно ќе ги воспитаат и ќе внесат воспитни вредности кај нив. Многу е важно да се намалат очекувањата и да се препознаат сопствените капацитети. Верувам дека не можете да го посветите целиот ден на децата поради други обврски. Затоа насочете се кон мали и блиски цели за вас и за семејството. Искористете го времето додека се подготвувате за утринските активности или времето за вечера. Прашувајте и слушајте што се случува со вашето поголемо синче. Кои активности во текот на денот му биле најинтересни, кои го растажувале, како се чувствувал кога слушал некои зборови од околината. Играјте со вашите деца друштвени игри, правете заедно појадок или вечера и слично. Квалитетот на заедничко поминатото време е многу поважен од квантитетот. Може да пробате да си кажувате приказни со неколку реченици, а потоа секој од вас да продолжи со измислени реченици. Секако, многу интересна е пантомимата, каде што децата со своето тело ќе глумат разни професии, ликови и слично. Може од повеќе стари играчки да направите нова измислена играчка и други заеднички игри. Зошто за момент да не бидете дете? Многу познатата реченица „Не е важно колку, туку како го поминувате заедничкото време со вашите деца“ дава поддршка за бидување, играње и присутност со децата. На овој начин децата ќе имаат модел за убави зборови кои вие ги користите во заедничките игри. Децата ќе стекнуваат искуство на убаво поминато време и полека од нивниот речник ќе ги снема неубавите зборови. Секако ова е процес и подолг период на заедништво и убави примери.
Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912