Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам близначиња од четири години, машки, но никако не сакаат да си играат заедно, само се тепаат. Кога и да дојде некој, баба, дедо, тетка, тие плачат, ги бркаат гостите, ги маваат и немаат близина со нив. Како да постапам со нив
ОДГОВОР: Односите помеѓу близначињата, а и другите членови на семејството се малку покомплицирани отколку кај децата што доаѓаат на свет сами. Тие иако поминуваат низ исти фази на созревање, со слични емотивни проблеми, сепак имаат своја посебност и автентичност.
За да ги разбереме подобро близначињата, особено во нивните први години од животот, треба да знаеме дека кај нив се појавуваат доста чести ситуации на љубомора. Кога се галите и му давате повеќе внимание на едното дете, тоа кај другото предизвикува лутина, а таа лутина најчесто се манифестира во вид на физичка агресија еден спрема друг.
Тие учат да соработуваат и да го чекаат својот ред пред сите деца, се борат за играчките, за сè што е околу нив, а начинот на борба е поинаков, се удираат, гризат, гребат, си ја тегнат косата. Овој начин на „борба“ е нормален и е дел од нивното растење сè додека не научат да се договараат и преговараат. Им помага да истражуваат и да го формираат својот сопствен идентитет, а секако дека ќе помине како што поминува времето. За вас, родителите, не е лесно кога треба да се соочувате постојано со ова и верувам дека сте под тензија некој од нив да не се повреди.
Помогнете им да научат сами да ги решаваат своите „битки“, спротивставете се и вклучете се доколку нивното однесување излезе од контрола. Кога ќе се вклучите, дозволете му на секое дете да објасни зошто е луто или вознемирено, поттикнете ги да се слушаат меѓусебно и пофалете ги кога ќе почнат да зборуваат и да се договараат.
Многу често родителите не се доследни во границите кон своите деца, затоа поставете правила за кои треба да останете доследни, а ваша задача е да се потрудите тие да ги почитуваат. Објаснете зошто однесувањето некогаш не е правилно. Кога не сме доследни, децата се збунети, не им е јасно што е правилно, а што не.
Секое дете сака да го пронајде своето место во вашето срце. За да им се даде посебно место по кое неизмерно трагаат и чувството на сигурност и припадност во семејството, ова „специјално време“ е многу потребно.
Посветете индивидуално внимание. Повеќето несогласувања и тепачки се намалуваат кога ќе им се посвети еднакво и индивидуално внимание на близнаците. Направете „специјално време“ за секој од нив. Со овој однос еден-на-еден, секое дете ќе се чувствува сакано како индивидуа, а ова само може да го подобри и нивниот однос.
Предупредете ги дека ако треба да интервенирате следниот пат, ќе мора да поминат еден час играјќи или правејќи работи сами.
Научете ги за причината и последицата. Дека удирањето и гризењето боли и не е добро да се повредуваат.
Иако агресијата е природна, децата учат од родителите што се може, што е дозволено, а што не.. затоа останете смирени и доследни и држете се кон вашите семејни правила.
Ваша улога е да ги научите, да ги водите и насочувате со поставувањето граници и да не дозволувате несоодветно однесување, тоа се однесува како на односот со вас, така и на односот со блиските што доаѓаат кај вас. И секако дека ќе е потребно многу повторување.
Ако тие редовно се непристојни кон другите луѓе, пред да дојде некој, предупредете ги и кажете им што е добро однесување и што очекувате, како не смеат да постапуваат. Кажете јасно: „Не ми се допаѓа кога викате и ги удирате баба, дедо, тета… тие работи не се дозволени“.
Со тоа што ќе останеме смирени и ќе покажувате љубезно однесување, децата ќе прифаќаат да бидат погрижливи не само кон другиот близнак, туку и кон сите други.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за како да постапувате, како и за развојот на вашите близначиња, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912