„Како може да си толку несмасен, постојано паѓаш, гледаш дека другите деца не го прават тоа!“ Вакви и слични коментари можат да се слушнат насекаде, најчесто од родители чии деца се несмасни.
За жал, ваквите забелешки ги обесхрабруваат децата повторно да се обидат да ја направат истата активност за да не ги разочараат родителите. Недоволната претпазливост главно се гледа при трчање, скокање, фрлање и фаќање топка, но и при користење прибор за јадење и при облекување. Несмасните деца имаат одредени тешкотии и при пишување, цртање, како и при сите активности што бараат прецизност.

Наследен фактор

Пред да се донесе каков било заклучок и пред да се обратите кај стручно лице, одреден период треба да го набљудувате детето – можеби „несмасноста“ е од моментален карактер бидејќи детето влегува во нова развојна фаза. Исто така, важно е да се процени дали детето е уморно и да се земе предвид во кое време од денот се појавува „несмасноста“ – сите деца навечер се на некој начин несмасни. Освен тоа, постојат и индивидуални разлики, па не треба детето да се споредува со врсниците, како ни момчињата со девојчиња и обратно, затоа што постојат разлики во созревањето. Важно е да се земат предвид и сопствените способности. Можеби не паѓате на улица и не истурате сок од чаша, но погледнете како го паркирате автомобилот (дали ви е доволно едно паркинг-место или две), дали се судирате со луѓе кога има метеж на улица, можеби и никогаш не сте научиле да возите велосипед или да танцувате… Генетиката секако може да има влијание кога станува збор за способностите на детето.

Што влијае врз несмасноста

Некогаш причина за несмасноста се објективни проблеми, на пример, несоодветна облека и обувки – ако се преголеми (на пример, детето не може да трча во големи чевли и долго здолниште). Рамните стапала или Х-нозете исто така можат да бидат причина за често паѓање.
Ако детето ја прескокнало фазата на ползење, скратено му е искуството за совладување препреки, дочекување на раце при паѓање, нагли промени во насоката на движење, како и поизразена мускулна сила која се стекнува при вакви активности.
Децата чии родители ги воделе за рака и така ги учеле да одат не ја совладале страничната рамнотежа, што, исто така, може да биде причина за несмасност. Имено, одењето е многу сложена моторичка активност и бара добра физичка подготвеност и висок степен на координираност. Не е доволно детето само да прооди, туку треба и добро да го извежба одењето во различни услови (на рамна површина, со препреки, на различни подлоги, на нерамен терен, со обувки или босо, со слободни раце и истовремено носење предмети во двете раце).

Совладување на просторот

Кога детето ќе го совлада движењето во затворен простор, треба да научи и да се движи на отворено – дворот е идеално место за мали деца, како и блискиот парк. Улогата на возрасните е да му помогнат на детето при првите обиди, без оглед што можеби ќе се извалка, а можеби и ќе ја скине облеката. Важно е да научи да ги совладува угорниците и удолниците, да оди по камења, песок, кал, трева, снег, низ вода.

Усовршување на вештините

Во втората година од животот се совладуваат различни моторички вештини, а во третата се усовршуваат. Детето сè подобро воспоставува рамнотежа, може нагло да застане и при трчање да ја промени насоката на движење, да скокне со двете нозе и држејќи се за ограда, да се симне по скалите.
Исто така, претпочита да оди по „стеснети“ површини, да се провлекува низ тесни премини и да си игра со топка. Активностите со рацете се сè попрецизни, така што полесно ги контролира движењата со моливот и сè подобро се служи со приборот за јадење. Родителите треба внимателно да ги следат активностите на детето, да уочат како ги користи играчките и предметите, но и да му додаваат нови стимулации за да го поттикнуваат неговиот развој.

Бестрашност

До петтата година децата главно не чувствуваат страв од препреки, висини и паѓање и мислат дека можат сè – затоа и таа возраст е најпогодна за совладување вештини како возење велосипед и ролерки, скијање и пливање. Постарите деца повеќе се плашат, па им треба помош и многу поголема поткрепа за да се впуштат во нови активности.
За детето да стане внимателно, мора да развие одредени физички способности, како што се ритмичност на движењата, прецизност, рамнотежа, координација, брзина, сила и хармоничност на движењата.

Кога да се побара помош?

Ако вашето дете е значително понесмасно од поголемиот број врсници, а тоа не го „наследило“ од вас и притоа е родено предвреме (некои истражувања покажаа дека кај таквите деца несмасноста е честа појава), задолжително обратете се кај стручни лица. Во прв ред тоа се детски физиотерапевт, психолог и педагог – кои ќе утврдат кои се причините за несмасноста на детето. Понекогаш проблемот е во недоволната зрелост на некои структури во мозокот. Меѓутоа, со стручна помош и соодветна терапија, таквите проблеми успешно се решаваат до осмата година.

Автор: Снежана Милановиќ, терапевт

 



912

X