Воспитување

Моето дете зборува само со себе!

Многу дечиња можат целосно да се препуштат на својот свет и на фантазијата, да уживаат во своите соништа и креативни идеи. Не спречувајте ги, фантазирањето има неброени бенефити врз нивниот развој.

Ако ве загрижува тоа што вашето дете живее во светот на фантазијата и често зборува само со себе, прочитајте ја оваа приказна од мајка која ни открива зошто е важно да им дозволиме на децата да мечтаат.

„Леле, пак е во својот свет!
Пред некој ден ова го изговорив кога во кујната го чув гласот на мојата седумгодишна ќерка. Подготвував вечера, а пред тоа ѕирнав во дневната соба и ја видов како разговара сама со себе додека ги пакува играчките и книгите во торбата.
Ова не е ништо ново. Се наоѓаше среде приказна што самата си ја креирала во својата глава. Имагинацијата ѝ беше толку силна, што низ целата куќа се движеше мечтаејќи. Одеше од соба во соба раскажувајќи ја својата приказна. Беше опуштена и среќна.
Ѝ завидував. И самата мечтаам, но тивко и не толку често колку што би сакала. Намерата секогаш ми е да продолжам со секојдневните обврски додека мозокот ми е отпуштен и креира сцени од книгите и написите што ги пишувам. Се замислувам себеси како зборувам пред цел аудиториум, додека всушност се наоѓам во својата работилница. Во главата водам разговори со луѓе што никогаш не сум ги сретнала. Креирам сценарија кои би можеле да се случат или доживувам некои стари ситуации.

Децата-фантазери се добри ученици

Две од моите три деца активно ги креираат своите приказни додека си играат, а играчките се само актери во таа ситуација. Сите тие имагинарни пријатели стануваат реални, па често прислушувам разговори кои, според мене, немаат смисла. Меѓутоа, тие не ми се наменети мене. Фантазерите имаат свои лични патувања и истражувања. Нè забавуваат. Ни помагаат да ги обработиме информациите и емоциите. Дозволуваат една малечка искра креативност да стане огромен пламен.

Да, кога зборуваме за децата – и молчаливите и зборлестите фантазери можат да изгледаат збунето и без фокус.
Тоа навистина може да ги збуни, особено кога треба да ги измијат забите или да обујат чевли. И наставниците се чувствуваат слично кога ќе видат како детето чкртка во тетратката или гледа во таванот наместо во математичката равенка. За момент, фантазерите можат да изгледаат како деца кои имаат проблеми и се борат со решавањето задачи. Може да се претпостави дека имаат поголем невролошки проблем како АДХД, аутизам или шизофренија.

Клучната разлика меѓу децата што премногу фантазираат и оние што навистина имаат некаков ментален проблем е во тоа што фантазерот лесно може да се пренасочи во реалноста.
Детската склоност кон фантазирање се чини може да влијае врз нивната способност за учење. Тие често се многу добри ученици. Креативни се, а тоа ги води кон љубопитност и способност да решаваат проблеми размислувајќи пошироко и поотворено. Лесно се приспособуваат во друштво. Во состојба се со часови да замислуваат разговор со пријателите. Можат да се снајдат во конфликт, а и кога им е досадно. Активно практикуваат социјални вештини кои вклучуваат компромис, емпатија, совест.

Уште една кул и корисна работа за фантазерите е докажана од страна на научниците од Универзитетот во Висконсин. Тие објавиле истражување во кое покажуваат дека мозокот на децата чии мисли скитаат всушност има многу подобра работна меморија. Овој тип меморија на мозокот му дозволува да ги задржи и да ги поврати информациите дури и кога е попречуван. Способноста да се сетиме да ги направиме сите работи во текот на напорниот ден зависи од работната меморија, се разбира, и од потсетниците во работните тетратки или телефоните. Работната меморија дозволува да мислиме надвор од моменталната ситуација. Затоа, најдобрите мисли ни доаѓаат кога се бањаме или додека возиме.

Кога фантазирам, не сфаќам секогаш дека го правам тоа, сè додека мојот мозок не ме натера. Гласот на друга личност ме враќа во просторот што моето тело никогаш не го напуштил. А за волја на вистината − мојот мозок отпатувал. Обично се чувствувам помалку напната и под стрес, отворена сум за нови решенија за проблемот. Идеите и мислите ми се движат послободно. Позадоволна сум и не се чувствувам заглавено. Ми се подобрува и способноста за фокусирање.

Фантазирањето не треба да го сфаќаме како лоша работа

И децата-фантазери го доживуваат истото искуство. Детските зборови можат да бидат гласни, збунувачки и претерани. Некои деца едноставно се препуштаат, што е подобро отколку постојано да глумат. Дете кое може да почувствува силни чувства низ игра или уметност потешко ќе биде попречувано во одделението или злоупотребено од страна на друг ученик.
Дали се сеќавате дека кажав дека две деца ми се фантазери, а третото не е? Тие апсолутно ги покажуваат позитивните ефекти од своите фантазерски умови. Моето дете кое не е фантазер и не е препуштено на имагинацијата, потешко се губи во своите мисли. Затоа се бори со чувствата, создавањето пријателства, разговорите во текот на денот и претераното антиципирање на настаните. Затоа често е анксиозна, а понекогаш не знае што да прави сама со себе. Ова може да доведе до несакани случувања. Навистина постои врска помеѓу емоционалната интелигенција и фантазирањето.

Се разбира дека не предлагам едноставно да ги пуштиме децата да живеат во имагинарен свет и на својот остров на фантазијата. Но, не треба ни нивното фантазирање да го сфаќаме како лоша работа. Тоа им дозволува да ги проживеат големите емоции во текот на денот. Им дава простор да создадат најкреативни и најживи приказни. Им помага да се фокусираат кога се окупирани со нешто. Им дозволува да бојат, да цртаат, да создаваат − без пречки. Едноставно, дозволено им е да сонуваат.

Нашата работа како родители е да ги потсетуваме на тоа дека треба да се одговорни и да се грижат за своите обврски, но никогаш не треба да ги спречуваме да фантазираат. Преубави работи се случуваат кога на своите деца им дозволуваме да го пуштат својот мозок. Тоа не е само просто гледање во празно или разговор со самиот себе, тие се зафатени со некои поубави работи, со креативно размислување кое само ќе придонесе за нивниот социјален развој и ќе им помогне полесно да ги примаат и обработуваат информациите во текот на денот.
Дозволете им да фантазираат!“

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top