Вазната е скршена и нема враќање назад. Тоа не била вашата омилена вазна и нема да плачете по неа, туку само сте љубопитни кој од трите деца е виновникот. И никој нема да биде казнет, само сакате да знаете. Но, никој не крева рака доброволно. Сѐ додека не ги изгубите нервите и не полудите, заканувајќи се дека ќе ги казните сите.
Па, зошто не сакаат да ја признаат вината?! Па, ништо посебно нема да се случи, само треба да сносат одговорност!
Добро, сега застанете малку и размислете вака. Дали вам ви е лесно да ја признаете вината? Секојпат? Не ви е, се разбира, како и на повеќето од нас. Без разлика за што се работи, не е лесно да кренете рака и да кажете да, јас погрешив. И ако знаеме дека не е лесно да го сториме тоа во зрелоста, можете ли да замислите колку е тешко за едно дете?
„Морате да ги признаете своите грешки, важно е да преземете одговорност за вашите постапки, така станувате одговорни… бла бла бла“. Децата нема да ве слушаат кога ќе им го кажете тоа. Можете и да им го цитирате Данте Алигиери на италијански. Но, мора да има подобар начин на кој ќе се научат.
Очекувано, ќе почнат да смислуваат изговори и оправдувања штом ќе ги прашате за скршената вазна. Тие не ја сакаат вашата негативна реакција. Сакаат да бидете среќни и задоволни со нив. Но, тоа не значи дека треба да им дозволите да постапуваат на тој начин.
Како да ги научите децата да ја прифатат одговорноста за своите постапки
Децата кои стекнуваат навика за префрлање на одговорноста може да се претворат во возрасни личности кои немаат самодоверба, кои не сакаат да ризикуваат и на кои не може да им се верува. Уште повеќе, тие можат да научат дека е сосема во ред да се префрли вината и одговорноста на друг. А вие не го сакате тоа. Особено не сакате помладите да го научат тоа од постарите. Па, обидете се со следните чекори:
Чекор 1: Повлечете се.
Речиси секој момент кога децата се будни, некој им кажува што да прават. Родителите. Наставниците. Тренерите. Бидејќи сè им е одредено, тие точно знаат што треба да направат, па децата не сфаќаат дека тие се оние што го контролираат своето однесување. Пред да го разберат ова, децата мора прво да научат дека тие се навистина господари на нивниот универзум. За да го направите ова, треба да го гризнете јазикот и да престанете да им давате инструкции цело време. „Облечете јакна“, „Завршете ја домашната задача“, „Кажете ѝ на баба благодарам“ – на овој начин, давајќи им постојани упатства, вие ќе им дадете и можност да почнат да размислуваат сами.
Чекор 2: Прераскажувајте ги сопствените одлуки.
Секој ден возрасниот човек носи неколку одлуки: дали да станам или да го одложам алармот, дали треба да се јавам на телефонот или да го оставам да ѕвони? Дали да ги купам тие чевли или да почекам да бидат на попуст? Но, бидејќи сето тоа се случува во нашите глави, нашите деца не разбираат што сè е потребно за донесување дури и мали одлуки. А тоа значи дека не им покажуваме на децата како, всушност, ние самите правиме добри избори. Објаснете им го вашиот процес на децата, раскажете барем дел од процесот на размислување вклучен во донесувањето на таа одлука, дозволувајќи им да го апсорбираат вашиот мисловен процес.
Чекор 3: Престанете да ги спасувате.
Кога едно од нашите деца ќе ја заборави домашната задача, ние брзаме на училиште. Кога го игнорираат чистењето на нивната соба, ние често го правиме тоа наместо нив. Ако се расправаат со своето другарче за тоа кој е на ред да шутира на голот, ние сме тие што „упаѓаме“ во расправијата и даваме предлози за расчистување на ситуацијата. Имаме добра намера, но тоа не е вистинскиот начин и тоа не е добар родителски потег. Ако ги исправате нивните грешки и ги решавате нивните проблеми, децата никогаш нема да научат како да го прават тоа самите. Одвреме-навреме тие мора да ја почувствуваат тежината на грешката – и да ги сносат последиците. Нека видат дека грешките не се крај на светот и дека можат да сфатат како да ги поправат.

Чекор 4: Признајте ја вината.
Да бидеме искрени: сите ние се трудиме да избегнеме да ја признаеме вината. Кога, на пример, ќе заборавите да го вклучите трепкачот во автомобилот и некој ќе ви свирне, ќе речете: „Уф, заборавив да го вклучам трепкачот“, или исто така нервозно и гласно ќе коментирате: „Зошто свирите? Па, не ве исфрлив од патот!“ Сите го знаеме одговорот, во повеќето случаи. Некои многу едноставни зборови можат да ве извлечат од оваа ситуација: „Моја грешка!“ – И тоа секојпат кога ќе направите грешка, без разлика за кого станува збор. Може да биде и израз како „моја вина“ или „извини“. И не започнувајте ја реченицата потоа со „но“!
Чекор 5: Бидете тренер.
Штом децата ќе почнат да ги препознаваат основите на одговорноста, можете да почнете да се лутите на нивното покажување со прст кон некој друг и да назначите последици за таквото однесување. Дајте му на секое дете втора шанса, потоа трета, па дури и четврта за да не ги обвинува другите.
Автор: Наташа Крстичевиќ