Ако вашето дете има бронхитис, ќе има кашлица, зголемено количество на секрет во дишните патишта и различен степен на отежнато дишење, објаснува прим. д-р Благица Манчева, пулмоалерголог
Акутните бронхитиси се воспалителен процес кој ги зафаќа големите дишните патишта и се доста чести во детската возраст. Обично се надоврзуваат на настинки, грип, воспаление на грлото или синусите. Најчести причинители се вирусите, но и одредени бактерии, алергени или хемиски иританси од надворешната средина и од внатрешната средина (а од нив најголемо влијание има чадот од цигари во домот).
Ако вашето дете има бронхитис, ќе има кашлица, зголемено количество на секрет во дишните патишта и различен степен на отежнато дишење. Но, тоа не треба да ве загрижува доколку општата состојба на детето е добра, кашлицата не му го нарушува сонот, исхраната, како и вообичаените дневни активности.
Фото: Борче Поповски
Родителите често мешаат состојба на постназален дрип (кога се случува силно излевање на секрет од носот) со брохитис зашто постназалниот дрип може да предизвика силна кашлица. Во неговото лекување може да помогне инхалација со инхалатор.
По својот тек бронхитисот може да е акутен (трае 7-14 дена) и кај децата од помалата возраст што посетуваат детски колективи може да се повторува. Може да се повторува и кај децата што се склони кон алергии или имаат зголемени крајници.
Кога кашлицата трае подолго од 3 месеци, зборуваме за хронична кашлица која е ретка во детската возраст. Но доколку е присутна со мали интервали на смирување или се јавуваат повторливи свиркави бронхитиси со одредена фреквенција, тогаш неопходно е да се јавите кај лекар специјалист за да се спроведат дополнителни поопсежни испитувања за да се исклучат многубројни сериозни состојби како причина за кашлицата. Од особена важност се правилно дадените анамнестички податоци од страна на родителите, кои ќе му олеснат на докторот во откривањето на етиологијата на хроничниот бронхитис/или повторливите визинг-бронхитиси.
Презентирањето на болеста многу зависи од ВОЗРАСТА на детето, како и од вирулентноста на ПРИЧИНИТЕЛОТ (вирус или бактерија). Во најголем број случаи причинители се вирусите, но секој вирус има своја клиничка слика.
Различна е тежината на клиничката слика на еден ист вирусен инфект кај возрасните и кај децата. На пример, респираторно синцициелен вирус (РСВ вирус) кај поголемото дете ќе се презентира со клиничка слика на фарингит (со болки, гребење во грлото, лесно покачена температура), додека кај малото доенче може да предизвика бронхиолит, што претставува воспалителен процес кој ги зафаќа најмалите дишни патишта. Ова доведува до нарушено дишење, отежната размената на гасови, и многу често за оваа состојба е потребно лекување во хоспитални услови, а може и да е вовед во сериозни хронични промени на белите дробови кај малото доенче.
Кашлица – главен симптом
Кашлицата е главен симптом на воспалението на бронхиите. Taa може да е сува или влажна. Во суштина таа е корисна бидејќи претставува одбранбен рефлекс со кој организмот се обидува да го елиминира секретот создаден од воспалението. Но поради интензитетот и измачителниот карактер на кашлицата, понекогаш родителите вклучуваат лекови за смирување на кашлицата (антитусици). Оваа група на лекови НЕ ТРЕБА да се користи особено кај деца од помалата возраст, освен во исклучителни случаи кога кашлицата е толку честа и интензивна што предизвикува болки во мускулите кои учествуваат во рефлексот на кашлица, и го нарушува сонот на детето. Некритичната употреба на антитусици може да доведе до компликација од типот на бронхопневмонија поради застој на секретот.
Потребно е да се користат лекови – олеснувачи на кашлицата, а такви се секретолитиците и бронходилататорите, кои ги има во облик на раствори, кои може да се аплицираат со користење инхалатори (небулајзери).
Фото: д-р Благица Манчева
Зголемена температура, кога да се даде сируп и како да се дозира
Покачената температура е друг симптом кој ги плаши родителите, но таа е показател за одговор на имунолошкиот систем на организмот на вашето дете. Затоа треба само да се следи и соодветно да се регулира со внес на многу течности и давање препарати (познати како антипиретици/аналгетици). Во кои дози, на кои интервали и на која температура – се основните дилеми на секој родител.
Дозирањата се на килограм телесна тежина во зависност од тоа кој препарат се дава, а интервалите на давање на антипиретиците не треба да бидат помали од 4 часа и да не се даваат повеќе од 4 дози од лекот во 24 часа. Претераното давање лекови од оваа група може да доведе до многубројни несакани реакции.
Температурата до 38,5 вообичаено детскиот организам добро ја толерира, па затоа не треба да се даваат лекови за нејзино намалување, но и поради прекинот на информацијата до клетките кои се одговорни за создавање соодветен добар имунолошки одговор кон дадениот инфект.
Назначеното создавање секрет во носот е вообичаен одговор на воспалението на дишните патишта, но одржувањето добра проодност на носните канали со чистење, аспирација, плакнење со солени раствори, многу ќе му го олесни процесот на оздравување на вашето дете.
Како до потврда на етиолошкиот причинител за бронхитис?
Вообичаена реакција на секој родител кога лекар ќе му соопшти дека неговото дете има бронхитис е да побара да се потврди кој е причинителот. Најсигурна и најбрза дијагностика е со полимеразна чеинџ реакција (PCR метода) со која се идентификува присуство на генски материјал од респираторните причинители (вируси или бактерии). Оваа метода е брза, сигурна, точна, но е скапа. Пневмослајдот е друга метода со која се потврдува само одреден број на вируси и атипични причинители, но тој дава ретроградна потврда на причинителот, односно по 7 дена од почетокот на болеста. Микробиолошките анализи (таканаречените брисеви) се сигурни за потврда на бактериските причинители.
Кога треба да се побара лекарска помош?
Често се соочувам со коментар на родител дека секојдневно детето е контролирано кај својот лекар и сепак инфектот кој започнал со знаци за засегање на горните дишни патишта (течење на носето) му се спуштил на градите и предизвикал бронхитис. Овој момент не зависи ниту од вас како родители ниту од лекарот кој се грижи за здравјето на вашето дете, туку пред сè од општата состојба на организмот на детето (најголемо влијание имаат возраста, исхраната, претходни инфекти, алергиска конституција, постоење на други коморбидитети). Од особена важност е со кој инфективен причинител (вирус/бактерија, атипични причинители) е соочено вашето дете.
Во првите 2-3 дена од болеста би требало да се обидете со соодветна нега во домашни услови да му помогнете да се избори со актуелниот инфект.
Доколку кашлицата трае подолго и се влошува, го нарушува сонот, искашлокот е густ и обоен, детето не може да го искашла, покачената температура се одржува висока – повеќе од 3 дена (поголема од 38,5), има болки во градите, нарушено е дишењето (градите му свират, или стомачето го користи при дишењето, има потемна пребоеност околу усните, носето го шири при вдишување, отежнато му е дишењето), тогаш задолжително треба да побарате помош од лекар.
Кои деца се со поголем ризик?
Особено треба да сме внимателни кај најмалата возрасна група – доенчињата, кај кои инфекцијата може да ги зафати најмалите дишни патишта и да ја оневозможи размената на гасови, а истото може да се случи во многу краток временски интервал од неколку часа. Децата што имаат неправилна исхрана (потхранети, оние со слабокрвност), оние со конгенитални срцеви мани, сите што посетуваат детска градинка, оние што живеат во лоши социо-економски услови, децата со атописка конституција – се многу почесто подложни на овие инфекции.
Што можат родителите да направат во домашни услови за да му ги олеснат тегобите?
Просториите во кои престојува детето треба да се добро проветрени, соодветно затоплени (не претоплени и со премногу влага). Треба да му нудат на детето многу течности (чаеви, сокови, супи). Да ја контролираат покачената температура со лекови за температура кои истовремено ја намалуваат и болката во организмот. Да овозможат проодност на носните канали со аспирација на секретот кај доенчињата, а кај поголемите деца да го поттикнуваат дувањето на носот. Елиминирањето на секретот од подолните дишни патишта кај поголемите деца со поттикнување на рефлексот на кашлица се прави со соодветна дренажна постапка за која лекарите ги едуцираат родителите.
Антибиотиците воопшто не се потребни доколку не е докажан бактериски причинител. Кај вирусните инфекти тие не влијаат врз тежината на симптомите и врз должината на траењето на кашлицата.
Што треба да направи родителот за да му помогне на своето дете кога има ваков инфект?
Родителите да бидат бескрајно трпеливи, престојот во градинка овозможува контакт со многубројни вируси и вашето дете на секои 2-3 недели ќе има нов вирусен инфект, а за да создаде соодветен имунолошки одговор, потребно е доста време, потребен е одмор, внимателно да се следи температурата, да се овозможи проодност на носните канали, да се остави на времето да се смири кашлицата, која може да трае неколку недели!!!
Детето да не посетува детска градинка додека трае болеста поради ризик од пренос на инфектот на други деца.
Правилни навики за одржување на хигиена на рацете, да се научат децата како да ги покриваат устата и носот кога кашлаат, правилна разновидна исхрана, секојдневни прошетки на чист воздух, секојдневна физичка активност низ игра му е потребна на секое дете кога е здраво. Одржувајте соодветна влажност на воздухот во просториите и почесто проветрувајте ги. Одржувајте и соодветна влажност на слузницата на дишното стебло со користење инхалации со физиолошки раствор со инхалатор, кои ќе му помогнат на вашето дете.
Автор: Прим. д-р Благица Манчева, пулмоалерголог
912