Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има 4 години. Пред неколку дена почна да оди во градинка, но таму само сака да игра со играчки и не слуша наредби од учителката. Учителката ми вели дека си прави што си сака, како да е во свој свет. Детето ми е комуникативно, темпераментно, не сакам да помислам дека би можело да има некој проблем.
Зборува повеќе на англиски јазик, но истовремено го разбира мајчиниот јазик (ромски), а го разбира и македонскиот јазик (помалку). Тој е свесен за градинката, јас му зборувам кога стануваме наутро дека сега ќе се измиеме, облечеме и одиме во градинка. „Таму треба да ја слушаш учителката, ќе имаш нови другарчиња, ќе научиш нови работи, да црташ, да броиш…“ и му кажувам дека тоа не е место само за играње. Ова му го кажувам на ромски јазик. Како да постапам?
Прашува: читателка
Наташа Маџевска, психотерапевт
ОДГОВОР: Почитуван родителу, на оваа возраст адаптацијата на децата во градинка е околу 15 дена. Нормално е детето пополека да влегува во нов за него свет и да го набљудува. Детето внимателно набљудува што е ризично и безбедно за него во новата средина и на тој начин се подготвува подоцна да дејствува и биде активно.
На оваа четиригодишна возраст кај детето се појавува поголема независност и тоа сака да ја покаже во околината што го опкружува. Тоа сака во некои моменти да одбива да послушува, да биде погласно или да возвраќа. Четиригодишното дете разбира кога родителите разговараат со него и го опоменуваат за неговото однесување. Промената на средината, колку и да е привлечна за него, понекогаш може премногу да влијае, особено што детето во секојдневната комуникација користи три говорни јазици.
На оваа возраст децата сè уште ги учат различните емоции, но немаат совладано како да ги контролираат. Како возрасни и родители, со нив треба да разговараме за нивните емоции, како се чувствуваат во одредени средини и ситуации и да им помогнеме како да ги изразуваат своите емоции. Тие се во процес на учење и вие имате голема можност како родител да го формирате детскиот развој на оваа возраст.
За полесно комуницирање со дете од оваа возраст, имајте ги на ум следните работи:
– Позитивен емоционален однос (топлина, прифаќање, присутност);
– Одржувајте циклус на позитивно однесување преку уважување, препознавање и надградување;
– Почитувајте го секојдневниот ритам на семејството – во исто време будење, активности (одење во градинка) и време за заспивање;
– Воспоставете усогласени стратегии за дисциплина меѓу семејството и згрижувачите во градинка;
– Дајте му на вашето дете избор во согласност со неговата возраст.
Нема сомнеж дека четиригодишното дете сака да предизвикува внимание со своето однесување, но тоа е времено и поминува. Однесувањето на вашето дете е нормален развој и помага да се развие во здраво и функционално дете.
Дополнително прашање до вас кое би ви помогнало да погледнете и да истражите во вашата загриженост за вашето дете: Во каква говорна средина оди вашето дете во градинка? Можеби јазикот е причина за негово непроактивно социјално вклучување со децата од групата. На детето да му се даде можност и шанса да си го земе своето време во адаптирање на новата средина. Детето во градинка игра и низ играта учи. Играта носи радост, позитивни емоции и среќно дете, кое разменува и игра со другарчињата. Користете го јазикот што се говори во градинка и во домашна средина, за вашето дете да разбере и прифати дека е поддржано од сопствените родители.
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912