Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имaм прoблем сo девoјчетo. Имa 3 гoдини и oди вo грaдинкa, меѓутoa, прaви мнoгу прoблеми: се тепa сo другaрчињa. Пред некoј ден нa другaрчињaтa им ги чкртaлa блузичките сo флoмaстери, нa некoе девoјче му јa кубела кoсaтa, му јa стискaлa рaкaтa, а денескa турнaлa некoе девoјче, го удрила пo стoмaкoт. Девoјчетo плaчеше. Секoј ден прaви прoблеми, не знaм пoвеќе штo дa прaвaм. Вистинa, темперaментнa е премнoгу, aмa мнoгу прoблеми прaви. Ве мoлaм зa пoмoш.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Агресивноста е дел од предучилишниот период, нејзиниот облик и зачестеност се менуваат во текот на растењето на детето. Најчесто до четвртата година децата се физички агресивни (удирање, кубење, гребење). Агресивноста во овој период е „инструментална“ и целта е да се добие нешто или да се оштети некој предмет.
Со развојот на говорот децата стануваат вербално агресивни.

Јана Зенговска, лиценциран психолог

Многу често преку агресивното однесување децата сакаат да добијат внимание, да бидат видени и прифатени. Тргнувањето во градинка подразбира и приспособување на нова средина и правила на функционирање во група. Важно е да забележите со кого и каде вашето дете се однесува агресивно (само во градинка или и на друго место). Советувам јасно да разговарате за последиците и неприфаќањето од страна на другарчињата поради нејзиното однесување. Наведувате дека е темпераментно дете, добро е да ја насочите нејзината енергија преку спорт, прошетки, игри со тесто, пластелин и песок кои се многу продуктивни при канализација на енергијата. Може да црта на брашно со водени бои, да сечка со ножички, да се борите со перници итн. Дополнително, намалете го времето што го поминува пред телевизор или пред компјутер, селектирајте ги содржините на кои е изложена, особено ако се агресивни. Воедно, при како било агресивно однесување обидете се да разговарате без да ѝ обезбедувате дополнително внимание кое може да е негативно (викање, карање итн.) или позитивно (гушкање, галење итн.) зашто детето ќе научи дека таквото однесување предизвикува внимание кај вас и без оглед на тоа дали е негативно или позитивно, може да го зацврсти непосакуваното однесување само за да добие внимание.

За децата е важен контактот кој го остваруваат со родителите или средината, ним не им е важно дали предизвикуваат негативни или позитивни реакции, важно им е само да бидат забележани. Воспитниот став е многу важен. Доколку јасно не ѝ дадете на знаење дека агресивното однесување е неприфатливо, постои можност тоа да остане оставен дел од нејзиното понатамошно функционирање во насока на задоволување на потребите.
Квалитетното поминато време со децата во себе вклучува и препознавање на емоциите на детето преку активно слушање. Кога го критикувате детето, потребно е да водите сметка да се критикува само неприфатливото однесување, а не личноста на детето со користење погрдни зборови (на пример: лошо девојче си затоа што ги тепаш другарчињата, или никој нема да те сака затоа што се однесуваш лошо). Обидете се со поставување прашање да ја утврдите причината за однесувањето и да ги увидите емоциите што ги имало детето во тој момент (денес повторно си ги удирала децата, што се случи? Што е тоа што те налути? Кога ги удираш децата, ги боли, се плашат. Јас знам дека сакаш да си играш и да се дружиш. Како сакаш да си играш?). Преку разговор, игра, читање приказни со јасни пораки приспособени за возраста на детето, го учиме на прифаќање на социјалните норми и правила, начинот на функционирање во средината што го опкружува. Потиснувањето на агресијата, бесот и лутината може да доведе само до дополнителни тешкотии и во идното однесување. Помогнете му на вашето дете да ги препознае своите емоции и да може да ги изрази на социјално прифатлив начин.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Фото: Борче Поповски



912

X