Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за 2,5-годишно машко дете кое почна да завлекува на почетни зборчиња, откога почнавме со приспособување во градинка или можеби малку пред тоа, не можам да се сетам. Некоја особено стресна ситуација немал, но е во период кога почнува повеќе да зборува, па се надевав дека е од недостиг на фонд на зборови. Иако не секогаш завлекува, при игра и спонтано зборување течно зборува, а кога ќе сака нешто да побара или да каже, почнува да пелтечи. Веќе еден и пол месец оди во градинка, се навикна, а проблемот уште е присутен. Тој е многу емотивно дете, не поднесува да го караме или да повишиме глас, веднаш вика – јас сум умен, не карај ме. Дали треба да посетиме психолог или логопед?

Прашува: Кика

ОДГОВОР: Вие убаво го прикажувате моментот во кој вашето дете всушност има одреден отпор или се вознемирува, а тоа е ситуацијата кога му е потребно да бара нешто за себе. И самите сте свесни дека имате поемотивно дете, а и тоа, барем од она што го пишувате, ви кажува дека се вознемирува кога наидува на побурна емотивна реакција од ваша страна. Дали уочувате дека вашето дете ви ја нацртало мапата и бара од вас една поинаква реакција од онаа што најчесто ја добива? Седнете со вашиот партнер, другиот родител, и поразговарајте прво што е она што дополнително го вознемирува вашето дете, поточно која ваша реакција дополнително го прави несигурно, особено тогаш кога сака да го побара она што му е потребно. Проверете дали кога вашето дете нешто бара, наидува на разбирање или на отпор, па дури и негирање на барањето, дали реагирате со доза на несериозност или потсмев. Не сакам да ме разберете погрешно, но нешто се креира од вашата реакција кога вашето дете бара нешто за себе и го прави доста несигурно во тоа што сака да го каже. Ова јасно укажува на релација која се гради со некој построг авторитет, во која има доза на страв кога ќе се побара. Јас ви ги пренесувам моите претпоставки, а вие проверете ги. Она што ме наведе во оваа насока е дека вашето дете е сосема поинакво и опуштено кога си игра, кога нема потреба да комуницира со некој родителски авторитет и кога не е соочено со одредени очекувања.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Препорачувам да се консултирате со логопед за посоодветно да утврдите дали станува збор за пелтечење и кој тип на пелтечење, бидејќи и самите не сте сигурни. Препорачувам да посетите и психолог затоа што и да станува збор за пелтечење, психологот ќе ја поддржи и надополни работата на логопедот, и тие синергично ќе дејствуваат. Само, ве молам, не очекувајте дека вашето дете само ќе ја реши оваа навидум „негова“ ситуација. Потребно е вие да му помогнете и да го поддржите, почнувајќи од она што знаете дека му пречи и не функционира. Тоа подразбира и да го промените вашиот однос кон него и наместо да стоите уплашени и вознемирени, да се обидете да го разберете и да промените нешто што сте уочиле дека не вродува со плод кај него.
Кога се појавува пелтечењето (или однесувањето кое го опишувате, за кое и самите не сте сигурни дека е пелтечење), многу е битно вие да почекате и да не го довршувате или да го избрзувате во изразувањето. Едноставно да бидете присутни додека самото го заврши зборот. Прифатете го како дел од неговиот начин на изразување без потреба да го коригирате и да се вознемирувате, па со текот на времето ќе му стане многу покомотно да се изразува без никаков страв како ќе биде сфатено и прифатено.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X