Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 3,5 години, а неодамна добивме бебе и многу е грижлив кон него. Но, воопшто не слуша. Што и да кажам, на пр., не трчај сам на улица или не крши го тоа или ајде да јадеме, како од пушка одговара дека не сака. Секој збор ми е молба, дали за јадење, дали да ми помогне околу бебето, за што било. Многу сака да оштетува предмети, а не беше таков претходно, беше чувствителен. Ако го оставам една минута сам, или ќе го искрши предметот или ќе го фрли зад гарнитурата, или во соседен двор, или од тераса и се смее. Сум пробала на милион начини со убаво, смирено да разговарам, дека најмногу го сакам, дека не е убаво така, но си продолжува.
Кога ќе се развикам, тогаш ме забележува или ме сослушува, а претходно буквално ме игнорира. Морам да признам дека оваа промена е непосредно пред да се породам бидејќи цела бременост морав да лежам, па тој претежно беше со бабите. Беше и многу агресивен, ги тепаше бабите, татко му, дедо му… Мене престана да ме мава зашто го фаќав за рака, ќе седнев до него и му кажував да не се осмелува да крене рака. Му објаснувам дека не се решава ништо со тепање, дека тоа боли, но неговиот одговорот е „нека те боли!“
Ве молам за совет, покажува револт, страв ми е да не се повреди од тоа неслушање, од истрчување наеднаш на улица без да нѐ почека, трчање по скали… Ве молам помогнете ми со совет, не можам од него да му се посветам на бебето.

ОДГОВОР: Се наоѓате во период во кој треба да бидете максимално психолошки и физички ангажирани и достапни за вашите деца, и тоа секако дека ве изморува и ви ги исцрпува психолошките капацитети. Голем дел од денот вашите две мали деца се оставени со вас, а со тоа ви се оставени и многу одговорности. Како родители, секој од нас има праг на толеранција, што значи дека кога родителските капацитети се надминуваат, обврските и ангажманите стануваат лесно фрустрирачки и родителот се однесува или разговара во согласност со она што го чувствува и доживува во таквиот период.

Однесувањето на вашето дете е во знак на протест и ви укажува дека кај него постои чувство на незадоволство поради сменетиот начин на живот поради раѓањето на второто дете, а со тоа му се одземени многу активности што претходно ги правело со вас, родителите, а се заменети со нови. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае, не знае како со нив да се справи и сето тоа прави да се чувствува беспомошно. Се чувствува фрустрирано, а на фрустрацијата реагира со лутина. Ако вашето дете е нагласено инаетливо, може да реагира луто за да го контролира чувството на зависност и стравот од загуба. Реагирањето со лутина во случај кога детето е повредено е начин со кој се ,,умртвува“ чувството на тага и беспомошност.

Затоа, треба да го научите да ја препознава емоцијата кај себе, а со тоа и да го научите на вештини кои ќе му помогнат да ја контролира и да ја канализира. Како што убаво и јасно сте поставиле семејно правило дека во нашиот дом никој со никого не се тепа, така може да воспоставите правила и за другите работи и треба целото семејство да се придржува до нив. Кога гледате дека лошо се однесува, критикувајте го неговото однесување, но не неговата личност. Откако ќе го искритикувате однесувањето, уважете ја, охрабрете и мотивирајте ја неговата личност. На пример: „Ти си добро момче, ова не е карактеристично за тебе.“

Често пати, особено пред заспивање, гледајте некој ваш семеен албум со слики каде што тој бил бебе, раскажувајте му разни ситуации во врска со тоа. Поттикнете го да ги опишува сликите што ги гледа. Давајте му активности во врска со бебето. Да подава, да носи, да го посипува со вода кога го бањате, да му пее. Вклучете го во секоја активност, суптилно опишувајќи го пред вашето бебе, на пример: „Твојот брат е многу вреден, секогаш ти помага. Сигурно ти си среќно бебе што го имаш.“ Опсипувајте го со таквите реторики. Сигурна сум дека веднаш ќе забележите насмевка на неговото лице.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X