Улогата на родител ја добиваме во моментот кога ќе се роди нашето дете. И генерално гледано, тоа е улогата што ја избираме во нашите животи. Таа улога нѐ следи од моментот кога ќе се роди детето, па сѐ до нашата смрт. Но, самата улога на родителите се менува како што бебето расте во дете, а потоа во возрасен. Улогата на бебе ја добиваме откако ќе се родиме и таа се менува како што растеме, па стануваме дете, ќерка или син, а со влегувањето во зрелоста стануваме возрасни синови или ќерки.

Така, кога ќе порасне детето, станува возрасен. А за родителот тоа значи дека сега има возрасен син или ќерка. Не значи дека има возрасно дете. Независно од тоа, од некои родители слушаме како на својот возрасен син или ќерка ѝ велат: „Ти секогаш ќе ми бидеш дете, без разлика колку години имаш“. Зошто постои проблем тука?

Затоа што не само го кажуваат тоа, туку и така се однесуваат. Возрасните се третираат како деца бидејќи родителите не прифаќаат дека нивната улога мора да се промени. Стравот дека повеќе нема да им се потребни или не им се потребни ги спречува да ја гледаат својата родителска улога на поинаков, развојно поприспособлив начин. Им се мешаат во нивното одлучување, врски, бракови, советувања, барања да бидат присутни во нивните животи и повеќе од потребно. Не сфаќаат дека нивната улога како родители мора да се промени. Секако, и понатаму им се потребни на нивните возрасни синови и ќерки, но на поинаков, возрасен начин.

Понекогаш се оди до крајност каде што родителите бараат посебно внимание, третман, бидејќи се родители и како такви, незаменливи. Тоа се родители кои си дозволиле да не пораснат, не само преку нивната улога како родители, туку и како посебни единки.

Неприфаќањето на родителите да ја надраснат нивната улога може да има висока цена за самата врска, но и за животот на нивниот возрасен син или ќерка. Прво, конфликтите се чести бидејќи сите ние ја сакаме нашата независност, сакаме животот да биде само наш. Доколку немаат капацитет да се справат со родителите, се случува едноставно да се откажат и да им дозволат на родителите да им го водат животот, што може скапо да ги чини на професионално, социјално и партнерско поле. Или, друга ситуација е што поради неможноста да се постават здрави граници, возрасниот син или ќерка ги ограничува комуникацијата и гледањето, а понекогаш дури и целосно ги прекинува.

Човек учи за себе додека е жив бидејќи сè се менува, вклучително и нашите улоги во нашето постоење. Исто како што би било целосно бесмислено да му дадете на вашиот тинејџер да пие млеко од шише, кога тој одамна научил да се контролира кога станува збор за исхраната, бесмислено и нездраво е да се однесувате кон вашиот возрасен син и ќерка како да се тинејџери и со вашето однесување да ги навлекувате во период кој веќе го надминале, само затоа што не знаеме како сега треба да изгледа нашата улога како родители.

Важно е да поработите на себе и да разберете дека иако се полнолетни, не значи дека веќе не им требате. Во оваа фаза од животот вие сте постари и вашата мудрост може да им биде од голема помош. Сте поминале пат по кој тие допрва треба да одат. Но, сега комуникацијата треба да биде од позиција на возрасни и граници мора да постојат.

Не е добро да се има само родителска улога во животот. Постојат и други улоги: улога на партнер, пријател, син, ќерка, улога на професионално ниво. Има различни полиња во животот кои еднакво го бараат вашето внимание.
Комуницирајте со вашите деца, почитувајте ги нивните граници, слушајте што ви кажуваат, како сакаат да им помогнете, не помагајте како што мислите дека треба, приспособете се, така ќе се позиционирате во нивниот живот на нов и поинаков начин.

Онаму каде што сѐ е испробано, а комуникацијата и воспоставувањето граници не функционира, во ред е да се прекине врската. Секој има право на свој живот.

Во нашите краишта родителите предолго ги држат своите деца врзани за нив, од нив создаваат смисла за сопствениот живот и на тој начин не дозволуваат да постојат за себе. До 18 години родителите се законски обврзани да се грижат за детето, до 21 година она што си го научил си го научил, останатото треба да биде исклучиво негов живот.

Многу родители се навредуваат кога им велам дека не е добро нивното дете да биде смислата на нивниот живот затоа што кај нас таквото мислење предолго се пренесува без размислување. Секој родител, откако детето ќе се осамостои, има уште многу да изоди од неговиот животен пат и неговото лично знаење низ кое треба да помине како индивидуа. Ако го спречувате вашето возрасно потомство да живее свој живот, вие исто така се задржувате себеси.

Родителот е психолошки, емоционален, духовен, физички учител на своето дете, но детето не може вечно да биде ученик.

Автор: Вања Орловиќ, психолог
Извор



912

X