Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 7 години. Ме мачат неколку ситуации во врска со него кои можеби се различни, но имаат допирни точки. Да напоменам дека имам и помало дете од една година. Имено, поголемото дете за да ги изврши секојдневните обврски, треба да му речам по неколку пати, на пр., да јаде, да си ги измие рацете, да се пресоблече, да не биде гласен, да напише домашна, да раскрене. Едноставно,како за ништо да не ме слуша. Исто е и со татко му, но поголемиот дел од денот е со мене и секојдневно се соочувам со ова. Иако за сето ова да го направи му треба малку време, тој како да се инаети и не ги извршува работите кога ќе му речам. Пробав со добро, со мотивација, со лошо, но ништо не дава ефект. Кога го прашувам зошто не ме слуша, ми вели: „Многу ми зборуваш, кога ќе престанеш, ќе го направам тоа.“ Пробав и така, но не се смени многу. А знам дека ако го оставам и ако не му повторувам, нема да го заврши истото. Друга ситуација е тоа што дома со нас, родителите, зборува со испревртени зборови, а може да ги каже сите гласови. На пример, наместо игра, вели пигра, наместо зошто, вели џиџи, наместо ручка, вели пучка, наместо топка, вели опка итн. И дали поради тоа што не сака да зборува правилно дома, не сака да чита наглас или да ја рецитира песничката. На училиште чита, сѐ има совладано, со децата и наставничката зборува правилно. Како да постапиме ние родителите во овие две ситуации? Што е причината за ваквото негово однесување?

ОДГОВОР: Можам да разберам дека она што вам ве загрижува во врска со вашето седумгодишно дете е неговата непослушност во форма на неизвршување на секојдневните обврски на ваше барање, како да јаде, да си ги измие рацете, да се пресоблече, да не биде гласен, да напише домашна, да раскрене.

Овде најпрво е важно да се сподели дали ова отсекогаш било така или се јавува периодично или, пак, е карактеристично однесување по некој настан, случување итн. Исто така, можев да разберам дека однесувањето е карактеристично во домот со родителите, на училиште е исполнителен и го совладува материјалот, чита, зборува правилно. Тоа веќе ни укажува дека е потребно да се направи увид на семејната динамика и воспитниот процес.

Како што и сами веќе споменавте, потребно е да се утврдат причината и природата за ваквото однесување, која може да биде од најразличен тип, на пример, високи очекувања, високи критериуми во барањата, отсуство на чувство на слобода, особено психолошка, потреба од внимание, отсуство на дисциплина и авторитет итн., за што би требало да направите индивидуално советување со психолог или психотерапевт.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X