Здравото воспитување е целта која родителите често многу тешко ја постигнуваат, особено ако и самите растеле со критики и гнев. Дури и родителите што потекнуваат од здрави семејства се мачат да донесат вистинска одлука кога ќе се најдат во некои од „оние“ воспитни ситуации. За работата да биде полоша, многубројните совети дополнително ги збунуваат и децата и родителите.
Како да се избере вистинскиот совет?
Воспитувањето на децата е вложување во иднината
Популарната психологија секојдневно не опсипува со резултати од разни истражувања кои често не се исти со традиционалните учења и постапки, што се пренесуваат од колено на колено. Како правилно да се поставите кон детето во одредена ситуација? Можеби е најдобро да се чуе искуството на друг родител, а уште ако станува збор за мајка на 6 деца која е воедно и магистер по психологија и повеќе од две децении на научна база ја истражува областа родителство, тогаш секако треба да се прочита книгата на Сара Чејна Редклиф „Одгледувајте ги своите деца без кревање на гласот“.
Читајќи го тој наслов, веројатно ќе се запрашате дали се работи за научна фантастика, но не, во таа книга се запишани докажани вистини до кои авторката дошла користејќи едноставни методи за завршување на расправиите и ублажување на судирите.
Филозофијата на родителството
Како долгогодишна соработничка на клиниката за лекување нарушувања во учењето во Торонто и како истражувач во областа на развојната психологија, Сара Чејна Редклиф советува за родителството да размислуваме како за „поддршка на развојот на човечко суштество“. Таков опис на родителската задача може да нè задржи на вистинскиот пат, помагајќи ни да поставиме цели кои реално може да се постигнат и да го работиме она што е во наша моќ за да им помогнеме на децата да го остварат својот потенцијал. Доколку не сакате да го ограничувате развојот на своите деца, од есенцијално значење е да знаете како да ги одгледувате, а да не го кревате гласот.
Како да нè слушаат?
Првиот позитивен метод е коментар, бидејќи со коментирањето на детското позитивно однесување го поттикнување одново да направи добра работа и затоа на лошите работи треба секогаш да им се дава помалку внимание отколку на позитивните. Потврда, пофалба и признание ќе му ги потврдат на детето вниманието и почитта, како и благодарноста. Друг позитивен метод: етикета. Позитивните етикети се користат за позитивно програмирање. Детето треба да формира слика за себе врз основа на успешни етикети и позитивни коментари. Кои зборови и да ги употребите, знајте дека ќе ги користите дваесетина години – секојпат кога ќе изговорите некоја пофалба покрај неа додајте и позитивна етикета: „Прекрасен цртеж. Толку си талентирана!“
Промена на негативното во позитивно
Ова правило е многу едноставно – употребете ја спротивноста на етикетата која најдобро го опишува лошото однесување на детето. Наместо – „не биди безобразен“, кажете – „биди пристоен“, наместо – „не биди неуреден“, кажете – „биди уреден“, себичен прераснува во несебичен, невнимателен станува внимателен… Третиот позитивен ефект претставуваат наградите: особено се пожелни кога сакате децата да развијат нов вид однесување. Правилото на наградата е содржано во два вида однесување, преку метод на позитивна дисциплина и како дел од табелата на награди. Во практика тоа изгледа вака:

К ‒ мајката коментира – „Гледам дека мирно седиш и чекаш“.
Е ‒ мајката етикетира – „Навистина си многу трпелив“.
Н ‒ мајката наградува ‒ „Мислам дека тоа заслужува чоколада, игра или сл.“
Наградата и митото се разликуваат бидејќи наградата следува по направено добро дело и детето со неа не се условува. Табелите за награди можете да ги испробате еднаш или два пати годишно. Смислете низа задачи и на крајот оставете ја најтешката за која следува најголема награда. Важно е задачите да имаат еден фокус, на пример, детето да научи самото да ја средува собата или поубаво да си игра со другарите. Стратегиите на родителството според авторката Редклид се претставени како низа помалку стресни можности. Доколку она што моментално го правите помага да имате добар однос со детето, тогаш не менувајте ништо.
Родителската сила потекнува од здравиот однос родител-дете. Детето кое ве сака, сака да ви угоди и до некаде да биде како вас. Детето кое ве мрази, сака да се дистанцира од вас и од сè што е поврзано со вас. Не сака да ве импресионира и сигурно нема да ве имитира. Нема да можете да му пренесете ништо важно.
Затоа, родителството е насочено кон јакнење на нежните чувства помеѓу родителот и детето. Таа цел треба да се има на ум во секој момент, особено кога детето треба да се опомене или казни.
Автор: Наташа Нешковиќ