Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 2,5-годишно машко дете. Станува збор за весело дете кое расте во хармонична средина. Јас работам административна работа, а мојот сопруг изминатава година работи од дома, па нашиот син премногу се приврза за него. Приврзан е до степен што почнува да плаче по него кога не е во просторијата. Мојот сопруг му е целосно посветен, заедно играат и готват, па нашиот син едноставно смета дека тато треба постојано да биде тука со него и во секој момент да биде тука за него, па кога јаде или спие, го прекинува и го вика да си играат. Кога доаѓа викенд, едноставно не сака да биде со никој друг освен со нас двајца. Живееме на посебен кат од куќа ние тројца, а мојата свекрва и сестрата на мојот сопруг живеат на друг кат и тој воопшто не сака да слегува долу. Доколку остане со нив или моите родители, седи, игра со нив, весел е, но штом се појавиме ние, едноставно мора да седи до нас. Моето прво прашање е како да му објасниме дека тато понекогаш има обврски и дека не може постојано да си игра со него? Или, пак, што треба да промени мојот сопруг во односот со нашиот син за тој прифати дека тато е тука, но не може постојано да игра со него?

Исто така, го запишавме во градинка од причина што сакаме да се дружи со деца, но при секое земање од градинка учителката ни кажува дека нашиот син не сака да се дружи со дечињата кои го викаат и кога му зборуваат, тој си ги става рачињата на ушите за да не ги слуша и потоа се повлекува и седи мирен. Цело време сака да си седи со учителките, а не со дечињата. Инаку, и кога е во друштво на други деца во парк или игротека, исто така одма бара ние да бидеме до него. Тука би било и моето второ прашање – како да му објасниме дека треба да се дружи со дечињата од градинка или, пак, како и на кој начин треба да му зборуваме дома во однос на дружењето во градинка и општо кога има дечиња околу него, дека треба да се дружи, а не да седи со мама и тато? Како да му помогнеме да сфати дека треба да се дружи со дечиња?

прашува: читателка

ОДГОВОР: Пред сè, би сакала да ви искажам благодарност за поставеното прашање и за тоа што сте подготвени да прифатите совет и мислење од стручно лице. Треба да знаете дека вашето дете веќе цела година се навикнало да поминува долго време со таткото, и како што кажавте, го поминувале доста забавно и со многу заеднички активности, па тоа што сака да го поминува времето со него е сосема нормално и очекувано.
Доколку сега сакате да направите промена, важно е да одите бавно, чекор по чекор, а не наеднаш вашиот сопруг да престане со игрите и активностите што биле секојдневни. За почеток, добро би било, доколку е возможно, тато да работи додека вашето дете е во градинка. Доколку не е изводливо тоа, тогаш нека му каже дека ќе оди на работа, па работните задачи да ги врши во друга просторија, односно детето да не знае дека тато е присутен во куќата. Исто така, нека направат договор што ќе прават кога тато за одредено време ќе се врати од работа (време кое ќе се почитува) и нека помине одредено време играјќи со него.

Додека ја воведувате оваа промена, важно е вие како мајка како го поминувате времето со детето и колку забава внесувате во секојдневието. Потрудете се секогаш да постои договор кој ќе се почитува и со текот на времето вашето дете ќе научи дека може да биде забавно и кога тато не е вклучен во игрите. Истото се однесува и на другите членови од семејството.
Тоа што вашето дете не се одвојува од вас кога ќе се појавите, укажува дека се плаши дека повторно ќе заминете, а можеби едвај чекало да се вратите. Верувам дека ако почесто го оставате со другите членови од семејството, а на пократки временски интервали, постепено ќе стекне поголема доверба во вас и ќе знае дека мама и тато нема да заминат засекогаш.
Што се однесува на вашето второ прашање околу градинката и дружењето со децата таму, многу е важно колку време оди во градинка. Доколку тргна неодамна, тогаш дајте му време и простор да се навикне на новата средина и да ги запознае и да ги прифати другарчињата. Во меѓувреме зборувајте многу за тоа колку забавни игри има што може да ги игра со децата во градинка, читајте книги каде што се зборува за другарство и разговарајте со учителката во градинка на кој начин вашето дете се вклучува во групните активности и игри.
За делот каде што кажувате дека седи до вас, родителите, а има и други дечиња, мислам дека повторно стравот да не заминете ја има главната улога. Покрај тоа, и пандемијата си го направила своето, па токму кога вашето дете било на возраст од 1,5 година и било подготвено за градење социјални и комуникациски вештини, моравте да останете дома и да ги ограничите контактите со многу пријатели и роднини. Така тој успеал многу да се приврзе со вас и смета дека во сите игри мора да учествуваат и мама и тато. Но, сметам дека нема простор за грижа, кога ќе се опушти со другарчињата во градинка, верувам дека ќе остварува контакти и ќе се вклучува во игри и со други дечиња.
Многу е важно да бидете трпеливи и да му го дадете времето што му е потребно, тато постепено да го намалува времето поминато со него, мама да се потруди да го замени тато во некои активности што тие заедно ги правеле, и најважно е да бидете синхронизирани како родители и да имате исти родителски ставови.

Одговара: Ивана Велевска, лиценциран психолог, семеен и системски советник

е-пошта: ivana.blazevska22@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X