Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 22 месеци и во последно време знае многу луто и нервозно да реагира дома, а особено тоа го забележав откако почна да оди во градинка и почна да останува таму и на спиење. Негувателките ми кажуваат дека малку спие, некој ден 15 мин., некој ден 45 мин., максимум до 1 час, а кога сме дома, знае да спие и по 2-3 часа. Кога си одиме од градинка, почнува да плаче, да се лути, не дава да го гушнеме, некогаш знае и да го изгребе татко му по лицето. Исто така, не сака да седи ни во количка, ниту во трицикл, ниту сам да оди, туку сака само в раце да го носиме до дома. А кога ќе си дојдеме дома, почнува сѐ да фрла што ќе му дадеме, на пр., сокче, вода, храна и само плаче силно, дури и со заоѓање. Исто така, има мал фонд на зборови, но сѐ не разбира што му кажуваме и одредени работи ги прифаќа, зависи како е расположен. Ве молам за совет како да избегнеме вакви ситуации, што да смениме во однесувањето кон него?

ОДГОВОР: Вашето дете има неполни две години и покажува знаци на емоционална преоптовареност како резултат на вклучување во нова социјална средина – градинка. Таквите реакции за оваа возраст се нормални бидејќи детето нема начини и стратегии и соодветен говор како да се ослободи од она што го чувствува и доживува. Колку што разбрав од вашето излагање, неговата адаптација трае месец и половина, што е исто така во рамките на таквиот адаптивен период кој може да трае и неколку месеци.

Во меѓувреме, ова дете ја бара независноста и самостојноста за да одбира или да прави нешто само, при што покажува пребирливост, негодување и плачење. Во овој период тој се соочува со две социјални средини, примарната или семејството и секундарната, т.е. градинката. Колку што е поголема разликата помеѓу начинот на функционирање во овие две средини, толку повеќе ќе биде отежнат периодот на адаптација.

На пример, ако дома можам да се движам, качувам, симнувам каде сакам низ домот, земам што сакам и добивам што сакам,  во градинка се соочувам со структура, ред, ритуализации и постојано насочување. Дома сум сам и немам компетенција, во градинка сум опкружен со врсници и учам како да се борам за своето место во групата. Сите тие разлики создаваат стрес и потреба детето да ја бара и да се навраќа на примарната средина каде што чувствува угодност и слобода.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X