Децата без браќа и сестри често се етикетирани како разгалени и себични. Однесувањето на децата-единци во најголем дел зависи од воспитувањето

„Се гледа дека си единец! Мислиш дека цел свет се врти околу тебе. Разгален си, вообразен и себичен“. Дали некогаш и самите сте биле дел од вакви стереотипи, па ваквите етикети лесно сте ги поврзале со нечие дете што нема браќа и сестри? Можеби е време работите да се согледаат од друг агол. Бидејќи новите истражувања покажуваат дека децата-единци се онолку себични и разгалени колку и сите други деца. Можат да бидат, ама тоа не е правило.

Психологот Сузан Њуман, автор на книга за задачите на родителите со едно дете, тврди дека митот за разгаленоста на децата-единци е најраспространет. Многу е доминантен и стереотипот дека тие сакаат на сите да им „наредуваат“, што исто така се покажало како неточно. Децата се такви онолку колку што им дозволиле родителите, смета Њуман.

Најчесто детето-единец се смета дека не научило да игра со другите деца, не знае да дели играчки, па и чувства. Се помислува дека тоа дете никогаш не се борело за внимание и наклонетост, бидејќи постојано ја има. Но, работите не се толку црно-бели.

„Тие деца се развиваат како и сите други, а бидејќи немаат браќа и сестри, учат да комуницираат со роднините, врсниците… Дури и сакаат да бидат во друштво со други деца, па токму затоа што се единци, веројатно се трудат повеќе да бидат прифатени“, објаснува Њуман.

Уште во периодот помеѓу 20-тите и 80-тите години на минатиот век доктор Тони Фабло  разрушил уште еден мит во својата студија. Објаснил дека тврдењето дека единците ја добиваат целата љубов и внимание на родителите, па кога ќе пораснат не се способни самите да носат одлуки, не е вистина. Фабло тврди дека овие деца дури и подобро се адаптираат на нови околности и имаат поголем фонд на зборови. Нивните резултати на тестовите по интелигенција се одлични и почесто добиваат академски дипломи.

Психолозите велат и дека децата-единци развиваат многу близок однос со родителите, па тој модел подоцна го пренесуваат и во односот со брачниот партнер. Потребна им е блискост и затоа и создаваат цврсти, посветени односи. За да не манипулираат со својата позиција, советот на експертите е возрасните да не го нагласуваат фактот дека тоа е единствено дете. Во спротивно, тоа навистина може да помисли дека „сцената“ е само за него. Важно е што порано да се дружи со други деца, да учествува во тимски спортови.

Во однос на прашањето дали децата-единци се добри родители кога ќе пораснат, постојат нови студии кои покажуваат дека тие се често социјално поснаодливи. Со следење на децата во британските градинки се покажало дека децата-единци полесно формираат и одржуваат пријателства, но и не се плашат од осаменост, што е многу важно. Сакаат да поминуваат време и сами со себе и не се подготвени да го жртвуваат својот личен интегритет заради општественото припаѓање.



912

X