Во понеделник и во среда англиски, и тоа по тренингот по одбојка. По наставата, трчаме на одбојка, доаѓаме дома, 2 час одмор, пишување домашна и брзо на другиот крај од градот на англиски. Во вторник е малку полесно, имаме само ритмика. Во четврток пак ритмика. Единствено петок е слободен и така од недела во недела. Доаѓа викендот и повторно натпреварување, натпревари, родендени… Распоредот на 10-годишната Лара е таков што таа нема пауза.

„А кога вашето дете игра, оди со пријателите надвор, трча по ливади и паркови“, ја праша неодамна една познајничка. Мајката Петра немаше спремен одговор. Всушност, не сакаше да си признае дека детето ѝ живее под постојан адреналин, притисок дека нешто мора да направи, според распоред во кој нема место за импровизација, а сè е со изговор: „Таа така сака!“

– Лара не се противеше, бидејќи такво е детето. Впрочем, се навикна на такво темпо од мали нозе. Целото семејство така живее, во постојана брзина. Нашиот календар во мобилниот е полн со обврски и едноставно не знаеме поинаку. Сè се промени со една дијагноза, кога на моето дете од 10 години му открија проблеми со тироидната жлезда. Мислев дека правам добро ако ѝ овозможам сè, а не ѝ овозможив основна, безгрижна игра со пријателите и време во кое не мора ништо да прави. Моето девојче прегоре на само 10 години – раскажува 39-годишната Петра.

Четирите „премногу“ против кои треба да се борите се: премногу работи, премногу избори, премногу податоци и премногу брзини

Ким Џон Пејн е педагог и автор на книгата „Едноставно родителство“, во која опишува како модерниот начин на воспитување доведува до психички проблеми, на пример, опсесивно-компулсивно нарушување, дефицит на внимание, хиперактивност и слично. До заклучокот дека децата во западниот свет трпат последици поради претрупување со различни активности Пејн дошол благодарение на своето искуство во мигрантските кампови во Џакарта, Индонезија. Таму имал можност да види симптоми на посттрауматски стрес кај деца – тие биле нервозни, премногу чувствителни на дразби и се плашеле од сè што било ново и непознато. Кога подоцна се вратил во Англија и почнал со приватна практика, сфатил дека многу деца што му доаѓаат имаат исти симптоми како децата од воените зони!

Заклучил дека иако во физичка смисла се безбедни, тие деца живеат во „ментална“ воена зона во која непрестајно ги трпат нападите од родителските стравови, желби и амбиции. Во нивните животи имало премногу од сè, што предизвикало „кумулативна стресна реакција“, своевиден одбранбен механизам.

Современите деца се изложени на многу информации кои не се во состојба да ги обработат и разберат. Растат сè побрзо бидејќи и нашите очекувања растат се побрзо. Родителите само го сакаат најдоброто за своето дете. Го запишуваат на безброј активности, времето им е испланирано, а календарот преполн. Нивниот животен простор е натрупан со едукативни книги, уреди и играчки. Просечно дете во западните земји има над 150 играчки и годишно добива околу 70 нови. Тоа е заслепено од толкаво шаренило и е преплавено од можности за избор. Затоа неговата игра е површна и не успева да заплови во фантазирањето. Во својата книга Пејн ги охрабрува родителите да го намалат бројот на играчки, за конечно тие да можат квалитетно да се заиграат.

Четирите „премногу“ против кои треба да се борите се: премногу работи, премногу избори, премногу податоци и премногу брзини, објаснува тој.

Кога децата се преплавени од обврски, тие немаат време да размислуваат, истражуваат и да се опуштат. Стануваат несреќни. Немаат кога да се досадуваат и да ги средат своите мисли и впечатоци. И затоа, дозволете на децата да им биде досадно, бидејќи тоа ќе ги облагороди на многу начини.

За тоа зборува д-р Ранко Рајовиќ, експерт за воспитување деца. Досадата е поттикнувач на креативноста бидејќи така настанала и цивилизацијата. Кога луѓето го пронашле оганот, го намалиле времето за џвакање на 30 минути дневно, ослободиле повеќе време и така ја создале досадата. Потоа почнале да смислуваат повеќе работи, корисни алати, да ја обработуваат земјата. Повеќето родители искусиле досада во детството и никој не им помогнал, бидејќи тогаш децата оделе на игралишта, играле популарни игри или смислувале нови. Денес тоа, за жал, не е така бидејќи веднаш што детето ќе се пожали дека му е досадно – се вклучува некое помагало – ТВ, лаптоп или видеоигра. Така децата веднаш добиваат сè и веднаш, не знаат да чекаат или сами да се изборат против досадата. Важно е да им се дозволи да се досадуваат и самите да го решат тој проблем – вели д-р Рајовиќ.

Извор



912

X