Статистиката покажува дека доцнењето во прозборувањето е сè почесто. Раната интервенција е основен предуслов за успех. Во текот на состанок со мајка на двегодишно дете кое доцни со зборувањето добивме идеја да го напишеме овој текст, пишува логопед.

Комуникацијата има повеќе облици. Вербалната комуникација е само еден од видовите комуникација. Дали детето зборува или не, е апсолутно очигледно, па овој факт најчесто ги поттикнува родителите да побараат помош. Нам, како логопеди кои се занимаваат со стимулација на раниот развој, освен овој податок, информации ни даваат и начините на невербалната комуникација на детето со околината.

Имено, една мајка се изненадила колку е важен начинот на кој детето комуницира со неа. Таа сметала дека кога детето ја влече во посакуваниот правец, тоа било добар знак бидејќи детето не зборува и нема друг начин за да ѝ пренесе порака. Невербалната комуникација има цел да пренесува пораки помеѓу двајца соговорници. Потребата за интеракција, односно размена со друг, е двигател на комуникацијата. Секој комуникативен чин би требало да ги содржи следните три елементи:

1. Потреба за интеракција;
2. Пренесување пораки на соговорникот;
3. Обрнување внимание на тоа како реагира примателот на пораките.

Нашето искуство покажува дека во нарушениот комуникативен процес недостига третата точка. Природно и правилно би било кога некому му се обраќаме, да водиме сметка дали тој го насочил вниманието кон нас, дали нè слуша и како нè разбрал и реагирал. Идентично постапуваат и децата во сите форми на комуникација, вклучувајќи ја невербалната.

Зошто не е добро детето да ги влече возрасните за рака кога нешто му треба?

Детето што ја влече мајката за рака кон посакуваниот предмет или место, не гледајќи ја в очи, се служи со несоодветна комуникативна шема. На овој начин детето оди по сопствената желба и доколку не може самото да ја оствари, тогаш ги користи расположливите средства. Мајката во овој случај би била средство за доаѓање до целта. За повлекувањето на столот за да дофати нешто од полица, замена е мајката која ќе му го обезбеди тоа.

Како би било правилно?

Правилно би било детето што не зборува, а сака мајката да му дофати нешто од полицата, да ги направи следните чекори:
– да гледа во посакуваниот предмет, па во мајката (на овој начин детето се обидува да стави до знаење што сака од полицата и проверува дали мајката го видела тоа. Ова е причината поради која ја гледа мајката в очи);
– ќе ѝ пријде на мајката и ќе ѝ покаже во насоката на посакуваниот предмет (детето цело време од погледот на мајката ќе заклучува дали таа го разбрала и која ѝ е намерата);
– на крајот ќе ја повлече за рака, ќе ѝ покаже што сака и цело време ќе проверува со погледот во нејзините очи за да увиди како е сфатено.

Невербалната комуникација може да биде многу богата и преку неа може да се пренесат многу информации доколку е уредна комуникативната шема. Во случај на нарушена комуникативна шема, дури и невербалната комуникација станува многу намалена и стеснета.

Запомнете: Обрнете внимание како комуницира детето со вас. Тоа никогаш не е премногу мало за да комуницира правилно. Најголемата замка во која родителите паѓаат е мислењето дека детето така мора да се снаоѓа затоа што не зборува. Всушност, уредна комуникативна шема е елементарен предуслов за почнување со зборување.

Извор



912

X