Децата денес созреваат побрзо. Како да ги следиме и разбереме во периодот пред пубертетот кој може да почне веќе од осум години?

Уште не се тинејџери, а не се ниту деца. Тоа е време кога би требало да се пронајдат начини за постапно да им се предадат повеќе одговорности, но и да се осигуриме дека ќе тргнат по вистинскиот пат. Треба да се поддржат и да им се помогне да донесат добри одлуки. Сето тоа како родители ќе го почувствувате и повторно ќе се запрашате како да успеете во тоа. Но, без грижи. Мирниот период пред пубертет многу родители го опишуваат како најубав период по бурните години од градинка. Токму тоа време ќе ви даде можност за продлабочување на односот со детето и подготовка за пубертетот. Постојат две фази што секое дете ги поминува пред пубертетот: првата од 8 до 10 години, а втората од 11 до 12 години.

Прва фаза пред пубертетот (од 8 до 10 години)

Првиот од тие периоди е обично мирен. Менталните способности на децата од девет години веќе се добро развиени, па можат логично и конкретно да расудуваат, а жедта за знаење е огромна. Девојчињата се често малку понапред од момчињата. Многу деца во оваа доба веќе полека се свртуваат кон себеси, но сè уште во поголемиот број ситуации се потпираат на родителите. Затоа ова е вистинско време за детето опуштено да го подготвите за пубертетот, бидејќи ќе соработува. Кај некои ќе дојде до развој на сексуалните обележја под влијание на хормоните. Кај девојчињата тоа се случува малку порано, а кај момчињата подоцна.

Втора фаза на пубертет (од 11 до 12 години)

Во овој период телесните промени се предизвикани од хормоните и стануваат видливи. Но, сè уште се индивидуални, па кај некои деца се случуваат преку ноќ, а кај други процесот тече побавно. Телесниот раст и развој во оваа фаза е многу различен и индивидуален. Обично девојките ја достигнуваат конечната висина и бројот на чевли, додека момчињата често изгледаат како сè уште да се во трето одделение. За вас како родители, во овој момент е важно да го сочувате контактот со детето. Тоа ќе ви биде лесно бидејќи децата уште сакаат да разговараат со вас. Разговорот ќе го развива вашиот однос и ќе го зацврсти на долги патеки. Но, тоа значи и дека понекогаш ќе треба да му се спротивставите на детето со јасно „не“, но истовремено и секогаш да му давате до знаење дека забраната не влијае врз вашиот однос. Обидете се да не се расправате премногу и пречесто да велите „не“. Едно „да“ во помалку важните расправии резултира со тоа на детето да му биде полесно да го прифати тоа „не“ во, за вас, важните прашања.

Секогаш слушајте го детето со внимание и интерес бидејќи така му давате до знаење дека неговите мислења и размислувања ви се важни и дека го почитувате. Со тоа ќе ја зајакнете самопочитта на детето и неговата самодоверба. Детето тоа си го објаснува вака: „Ако моите родители сметаат дека е вредно да ме сослушаат, тогаш и јас сум вредна и важна личност“.

Кога детството дефинитивно се ближи до крајот

Кога ќе стане очигледно дека на детството му се ближи крајот, родителите би требало да избришат некои реченици од својот вокабулар, особено ваквите: „Тоа ќе го направиш така како што велам јас затоа што сум твоја/твој мајка/татко“. Овој начин на комуникација послужил за својата цел, но сега веќе не може да стапува во сила.

Досегашната исклучива одговорност на родителите полека се заменува со поинаква перспектива: како заеднички да се најде решение? Сеедно е дали имате момче и девојче, сега им се потребни вашето отворено уво, разбирање и почитување. Време е да научите да го слушате своето дете како што ги слушате другите возрасни лица – покажувате разбирање, ги почитувате чувствата и избегнувате опомени, совети, коментари или пронаоѓање моментално решение на проблемот. Или едноставно кажано – на секое дете на крајот од периодот пред пубертет му се важни две работи: да почувствува дека го слушате и дека го разбирате.

Извор



912

X