Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето синче има 4,5 години. Хиперактивен е, воопшто не застанува, тврдоглаво момче кое не послушува од прва кога ќе му се каже, на пример: „немој така, немој тоа“ и слично, туку си тера како што наумил… Разговараме често како треба, а како не, меѓутоа, тие разговори траат кратко бидејќи одма ја менува темата и во тој момент сака да каже нешто сосема друго, тогаш сака да се гушнеме и слично…Секогаш разговорот завршува со „ветувам, ќе бидам умен“. Сето ова се случува особено кога некој ќе дојде на гости или кога ние ќе отидеме на гости. Кога е сам, мирен е, нормално сепак е дете и има свои идеи, но е супер, меѓутоа, кога ќе се соберат повеќе луѓе, особено со деца станува многу неразбран, се глупира и не послушува никаква упатена опомена да се смири… Сега почнува и да писка на цел глас кога нема да го добие тоа што го сака во моментот. Да напоменам дека оди во градинка од една година. Ве молам за одговор, дали станува збор за ваква бунтовна фаза и како да постапуваме?


ОДГОВОР: Драга мајка, вашето четиригодишно дете е во активен воспитен процес и вие се обидувате да го дисциплинирате неговото однесување. Во оваа возраст детето е многу повеќе социјално активно, има поголем контакт со околината и потреба да се докажува себеси и своите способности пред другите луѓе. Едноставно сака да биде прифатено и прави сè што знае за да го постигне тоа. На каков начин детето ќе се презентира пред околината и врсниците, ќе зависи од тоа на кој начин е дисциплинирано во домот и како се одвива неговиот социјален развој во самото семејство. Првата социјална институција за детето е семејството. Во семејството детето учи многу социјални вештини кои подоцна ги применува со врсниците и со другите луѓе. Ветувањето како: „Ветувам, ќе бидам умен“ му дава слика дека сега не е умен и треба да се однесува на начин на кој и самиот се третира. Поради тоа и не сака да разговара со вас, па темата и вашето внимание бргу ги менува. Потребно е да го преформулирате неговото убедување и да го преубедите дека е умно момче. Наместо „Вети дека ќе бидеш умен“, подобро би било „Ти си умно момче и ова не е карактеристика за тебе“. Покажете му дека го разбирате него, неговите потреби, но и неговата намера, на пример: „Верувам дека имаш причина да се однесуваш вака. Гледам дека ти е важно дали другарчињата повторно ќе сакаат да си играат со тебе, но ова не е начин да им покажеш дека си прав и вистински другар“.

Детето кое се чувствува дека е разбрано и има поддршка од родителите е поотворено да ги слушне нивните насоки. Охрабрувајте го секое позитивно однесување и не заборавајте да му се заблагодарите за нештата за кои ве послушал, на пример, „Ти благодарам што ми помогна да ги соберам алиштата кои беа расфрлани на креветот, навистина си умен и јас се гордеам со тебе“. Секогаш уважувајте ги неговите чувства, бидејќи дете не се однесува добро кога лошо се чувствува. Децата сакаат да имаат вредност во очите на родителот, дека се единствени и неповторливи. Така и родителот има поголема вредност во очите на детето.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X