Сиот гнев и јад на просветните работници, што изби откако на еден од нив му пукнал филмот, па изреагирал на единствениот достапен начин по повеќемесечното насилство од неговите ученици, својот извор го наоѓа во нешто што почнало да се случува многу одамна, уште од почетокот на 80-тите години, во времето на првите југословенски кризи, економски, политички и светски. Оттогаш трае падот на она традиционалното, систем што се наследува со генерации, во кој лекарите, наставниците и адвокатите беа оние три луѓе чиј авторитет почивал во општествените заедници. Државите доаѓаа и си одеа, се менуваа, реформираа и преименуваа, но тие тројца, лекарот, наставникот и адвокатот, беа гаранција за историскиот и животниот континуитет.

Лекарите се одржаа благодарение на болестите. Нивната репутација, благодарение на капиталистичките реформи, е иста каква што била и пред 50 години. Адвокатите се одржуваа благодарение на општествената ентропија, но и со сознанието дека славниот адвокат може да го претвори злосторникот во невин човек. И адвокатскиот и лекарскиот авторитет и денес, како и во последната деценија на социјализмот, е независен и слободен од авторитетот на државите и владејачките партии.

Во тоа време наставниците во нивната работа имаа неспоредливо поголема автономија отколку лекарите и во голема мера слободно ги создаваа своите воспитно-образовни процедури.

Еве како често тоа изгледало: на почетокот на петто одделение, откако сите бевме избркани од мајчинско-наставничките скутови, нè чекаше наставникот по мајчин јазик од чиј мрачен авторитет трепереше цело училиште. На првите два часа за лектира – се обработуваше Иван Цанкар, тој напиша 30 единици, 2 тројки, 1 четворка и 1 петка. Преплашените ученици, бледи и скаменети, излегуваа од неговиот кабинет. Беше преплашен и оној со една петка. Толку, што еве и денес го чувствува тој страв. Толку, што таа петка се чини поголема од сите книжевни признанија што ги добил како писател.

Но, ете, доволни беа две реченици што ги изговорив за расказот на Цанкар пред наставникот строго да ме прекине за да се најдам каде што сум. А, секако, можеше да биде различно. Како што беше кај другите наставници и по другите училишни предмети.

Другите наставници не беа такви. Беа малку поблаги. Не им беше толку грижа за нас, како и за она што го предаваа. Но, на никој не му паѓаше на ум да се побуни или, не дај Боже, да ги доведе во прашање сите тие единици, што до крајот на годината едвај стигнаа до двојки и тројки. Во тоа време, како и денес, постоеше можност, само теоретска, на наставничкиот совет да се менуваат и поправаат претходно заклучените оценки. Но, едноставно, тоа не се случуваше. Авторитетот на секој наставник, вклучувајќи го и авторитетот на оние што не располагаа со авторитет, беше недопирлив.

И не само што на учениците не им паѓаше на памет да се занимаваат со наставничките одговорности, туку не им паѓаше на памет ни на нивните родители. Не се случуваше за единица да биде обвинет наставникот. Или можеби се случуваше. Но, во тој случај родителите би го зеле своето дете за рака и би го запишале во друго училиште. Само тоа им беше достапно.

Можеби таквиот начин не беше добар, можеби ни нашиот наставник по мајчин јазик не беше во право, можеби тоа беше погрешна и застарена педагогија, но беше подобро отколку што е денес. Подобро за наставниците, но и подобро за учениците.

Родителите на денешните деца живеат во колективно верување дека наставниците се должни нивните деца да ги научат на нешто и дека е нивна вина ако децата останат необразовани. Па, ако поделат 30 единици во одделение од 35 ученици, тогаш самите себе се дисквалификуваат за воспитно-образовната работа. Но, не е така. Наставниците се таму на децата да им покажат како нешто се учи и евентуално оние неколку заинтересирани и надарени нешто директно да ги научат. На останатите им останува само да учат. Ако тоа го сакаат, ако се во состојба, но и ако родителите им овозможат.

Родителите на денешните деца живеат во колективно верување дека ги носат децата во училиштата на чување. Но, наставниците не се исто што и воспитувачите во градинка или јасли. За разлика од градинката, училиштето не е симулација на реалноста, ниту место за игра. Училиштето е самата реалност. Од тоа каков ќе бидеш на училиште, зависи како ќе ти биде во животот. Барем така требаше да биде, а наставниците се тука да ги уверат учениците во тоа. Тие се првите сериозни чувари на системот во нашиот живот, чувари на она што е праведно и правилно, чувари на Републиката во идеална смисла на зборот. Но, наставникот не е чувар на ниеден свој ученик поединечно. Тој не смее да биде тоа. И тоа е она што треба да го знаат родителите пред своите деца да ги однесат на училиште.

Родителите на денешните деца живеат во колективно верување дека се супервизори на образовниот процес на нивните деца. Тие мислат дека можат да ги доведуваат во прашање нивните единици. Или дека можат да ги обвинат наставниците за тие единици. Особено тоа го мислат родителите во градовите, ако имаат високо образование и заработуваат повеќе од наставниците на нивните деца. Едвај да има родители што се посиромашни од наставниците на своите деца. Ни на мајка ми, која беше економист, ни на татко ми, лекар, никогаш не им паднало на памет да ги доведат во прашање сите тие безбројни единици по математика и по физика што ги добивав пред моите наставници да ме пропуштат во животот, подарувајќи ми, повеќе од сожалување отколку од знаење, преодни оценки. Секоја од тие единици беше само моја и заслужена. Тие двајцата го знаеја тоа, но не затоа што беа многу паметни и чесни, туку затоа што во тоа ги уверил недопирливиот авторитет на наставникот и учителот. Оној авторитет што им беше општествено делегиран.

Во последните 30 години заедницата направи сè за тој авторитет докрај да биде поништен и негиран. На крајот дојде до тоа сите да можат да ги имаат сите петки, а секоја единица најмногу да го чини оној што ја дал. Од наставниците се очекува да бидат дефектолози и воспитувачи во дом за малолетни деликвенти – кои, секако, поради политичка коректност, не се нарекуваат така. Освен што се должни да се справат со учениците, тие мора да се справат и со нивните родители. И како тие луѓе некогаш да се научат нешто?

Вашите деца се само ваши. Другите, надвор од нивните професионални овластувања, не се должни да се грижат за нив. На лекарите останува да ги лекуваат, на адвокатите останува да ги бранат кога на соученикот ќе му ја скршат главата со бејзбол-палка, а наставникот ќе ги учи што е сонет и кој бил Крсто Франкопан – веројатно залудно. Но, ни првиот, ни вториот, ни третиот немаат животна мисија да ги изведат во животот вашите деца. Тоа, родителски господа, е само ваша работа и работа на вашите деца.

Заедницата не може да им го врати на учителите, наставниците и професорите она што пред 30-40 години систематски им било одземено. Тоа не е возможно, меѓу другото, и затоа што е уништен оној вредносен систем во кој тие беа почитувани луѓе. Но, во замена, мораа да им го овозможат статусот на службено лице.

Поентата не е дека учителите, наставниците и професорите треба да се заштитат од нечесните ученици, туку поентата е да се заштитат од нивните родители. Доколку се случи тоа, и учениците ќе се припитомат. Освен што само така на овие луѓе ќе им се овозможи да си ја работат работата, ќе биде заштитен нивниот авторитет макар и сосила. Наставник без авторитет е лудо училиште. Но, додека вашите деца не се и наши деца, па не можеме за нив да сносиме толку широко поставена одговорност, нивните наставници се и наши наставници. Ако тие се кутри и бедно луди, тогаш сите сме луди.

Автор: Миленко Јерговиќ, новинар и книжевник за 6yka.com



912

X