Кога нешто ги мачи или се загрижени за нешто, денешните родители „гуглаат“. Затоа што интернетот ги има одговорите на сите прашања. Тие не се секогаш веродостојни, но сепак се одговори, совети, идеи.

Сега замислете како било кога немало интернет. Не можете, нели? Не можете да замислите како е да не гледате како сите други се снаоѓаат со родителството, како е кога не ги знаете веднаш сите симптоми на болеста, како е кога чекате само лекарски преглед за да ви кажат што не е во ред со вашето дете, како е да не можете да погледнете во секој агол од овој свет и во домовите на толку голем број семејства со само еден клик.

Па, така живееле родителите на милениумците. Тие морале да бидат најдобри родители што можеле, во тие услови. Општо гледано, добро ја завршиле работата со тоа што го имале на располагање, па и денес всушност се чудиме како успеале толку добро да направат некои работи. Не сите, да се разбереме, но доста од нив.

Но, еве што велат милениумците – што требало да направат поинаку нивните родители. Ова се некои од најинтересните одговори – милениумците посакуваат нивните родители да…

…биле поцврсти и попрактични со советите за кариера

„Бев прилично добар на училиште и повеќето од моите наставници мислеа дека ќе одам на факултет, но кога имав 16 години решив дека повеќе би сакал да бидам столар. На крајот работев во фабрика, на подвижна лента и таа работа не ме исполнуваше. Решив да го продолжам образованието и ја избрав архитектурата, сакајќи да станам дизајнер на мебел. По дипломирањето, барав работа повеќе од една година и на крајот ја изгубив мотивацијата. Денес се занимавам со градежништво. Посакувам моите родители да ме поттикнеа порано да истражувам одредена академска кариера. Доколку ме насочуваа во вистинската насока и беа малку покритични кон моите избори, веројатно денес ќе водев многу поинаков живот. Кога би можел да се вратам и да почнам од почеток, би студирал медицина“ – Томи.

…да се грижеа за сопственото ментално здравје

„Посакувам моите родители да ја лекуваа сопствената траума пред да имаат деца. И двајцата доживеале трауматски настани и се очекувало сами да се справат со тоа. Како резултат на тоа – и двајцата имаат исклучително ниска толеранција на стрес, брзо се лутат, исклучително се чувствителни и генерално избегнуваат сѐ што е стресно. Можеби тие би биле потрпеливи родители и не би ги пренеле траумите на своите деца, доколку ја добиеле вистинската помош“, Карен.

…нѐ научеа на финансиска писменост

„Посакувам моите родители да разговараа со мене и да ме научеа за кредитирањето и инвестирањето. Се омажив млада, на 19 години и со години имав финансиски проблеми со сопругот. Конечно почнав да учам и да се едуцирам за кредити на 30-годишна возраст. Имам 41 година и се надевам дека конечно ќе го купам мојот прв дом со мојот сопруг следната година. Имам две деца и двете работат од 16 години. Им ги дадов сите можности и им објаснив сѐ за штедењето и кредитите. Мојата 20-годишна ќерка веќе има сопствен автомобил, а во следните пет години најверојатно ќе може да купи куќа“ – С.Ц.

…не инсистираа на запишување на факултет веднаш по завршувањето на средното училиште

„По завршувањето на средното училиште, во нивни очи, немаше друга опција освен факултет. Се сеќавам дека еднаш го спомнав факултетот и мајка ми беше бесна дури и кога се размислуваше за тоа. Таа ме натера да аплицирам на неколку факултети кои не ме интересираа. Не бев подготвена да живеам во студентски дом четири години далеку од моето семејство, но не се осмелив да ја спомнам можноста да земам една година одмор. Не ме чуди што во бруцошката година паднав во длабока депресија, развив нарушување во исхраната и дипломирав за нешто што денес воопшто не го користам. Тоа беше целосно губење време и пари. Се вратив на училиште во моите доцни дваесетти, кога бев подготвена и моментално сум регистрирана медицинска сестра. Никогаш нема да ги терам моите деца да одат на факултет ако не се подготвени или не сакаат. Има многу други опции!“ Елизабет.

…ја разгледаа нашата перспектива и повеќе да се грижеа за дисциплината

„Имам деца и не ги удирам, им објаснувам сѐ што сакаат да знаат, им велам дека ги сакам, ги почитувам и ги поттикнувам нивните страсти. Тие имаат свои задолженија и им објаснувам зошто треба да научат да ги извршуваат. Моите родители не направија ништо од тоа. Ме тепаа, ме игнорираа, едвај слушав – те сакам, или – горди сме на тебе. Ме исмејуваа поради мојата љубов кон книгите. Морав да ги работам домашните работи, затоа што тие така велеа“ – Микеле.

…потрошеа повеќе време за да се поврзат со нас

„Семејството не им беше приоритет на моите родители. Ние, нивните деца, не бевме приоритет. Работата, нивните романтични врски и семејствата на нивните партнери речиси секогаш беа пред нас. Сега како родител гледам дека ставањето на моето семејство, особено на моите деца, на прво место – е избор што мора да се прави секој ден. Се трудам да бидам свесен за тоа и да се потсетам себеси дека ако сакам моите деца да имаат здрав и траен однос со мене, морам да ја изградам таа основа. Во спротивно, ќе завршиме со минимум комуникација, како што правев јас со моите родители“ – Џејми.

…ги признаат нашите чувства

„Посакувам да ги признаваа моите чувства, а не да ги отфрлаа. Постојано ги прашувам сопствените деца како се чувствуваат и дали сакаат да разговараат за нешто“ – Кетрин.

-Посакувам да ми велеа „те сакам“. И би сакала посериозно да ме сфатеа мене и моите чувства наместо сѐ да биде „затоа што сум родител и јас така велам“. Им велам на моите деца „те сакам“ и ги објаснувам моите одлуки. И се извинувам кога правам грешки или се однесувам несоодветно“ – Тина.

…не очекуваа од нас да се однесуваме како мали возрасни луѓе

„Како дете ме третираа како возрасен. Од мене се очекуваше да правам одредени работи, да разберам одредени работи и да менаџирам со ситуации кои беа несоодветни, па дури и небезбедни. Единственото „прифатливо“ чувство беше среќата. Не се осмеливме да покажеме лутина, тага, фрустрација или разочарување од нашите родители или нашите животи. Ни се потсмеваа што плачеме и постојано нѐ удираа. Не ни беше дозволено да поставуваме прашања за сексот или човечкото тело, или религијата или неправедната семејна динамика или системи на семејни верувања“ – Сара.

„Јас бев најстарата, па секогаш се грижев за помладите. Никогаш не добив шанса да се однесувам како дете, бидејќи морав да размислувам како многу постара личност. Мислам дека ми недостигаше да бидам дете и тинејџер. Бев принудена да ги игнорирам моите емоции“ – Фиона.

…ги објаснуваа работите наместо што велеа: „Затоа што јас така реков“

„Моите родители не беа страшни родители, но објаснувањето за сѐ беше – затоа што јас така велам. Моите родители беа млади и немаа добри примери од нивните родители. Сигурна сум дека моето прашање зошто (или за детали), можеби им изгледало како непочитување или бунт“ – Сандра.

…биле помалку критични и повеќе полни со љубов

„Посакувам да ме гледаа како личност, би сакала да сфатат дека не ми требало помош или осудување, туку само љубов. Тоа што постојано контролираа и коментираа сѐ што правам, јадам, со кого се дружам, ги претвори во мои противници. Она што навистина ми требаше беше љубов и поддршка“ – Алекс.

…да ја почитуваа нашата автономија

„Нешто што јас и мојот сопруг го поставивме за приоритет е да им дозволиме на нашите деца автономија. Не ги тераме да гушнат или да бакнуваат некого, имаат збор во семејните одлуки. Се сеќавам дека ми велеа: „Тоа одлучуваат возрасните“ или „Гушни ја тетка си/вујко/чичко“. Го мразев тоа“ – Соња.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X